1021 hPa
93 %
8 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 01:59
Во четврток, грчкиот парламент го одобри планот за изградба на џамија финансирана од државата во центарот на Атина. Се проценува дека изградбата ќе чини околу еден милион долари. Атина беше последниот главен град во ЕУ без џамија, и покрај бројката од 300.000 муслимани кои живеат таму, повеќето од Балканот.
Повеќе од еден век, муслиманите во Атина мораа да се молат во импровизирани џамии, често сместени во подруми од куќи. Една од последните преостанати џамии во Атина, која датира од времето на Отоманската империја, сега е претворена во музеј, а низ историјата се користела како затвор, простор за војската и магацин.
Поддржувачите на идејата сметаат дека изградбата на џамијата може да ја спречи потенцијалната радикализација на десетиците илјади бегалци кои сега живеат во Атина.
„Ако сакаме да ги избегнеме проблемите со кои се соочуваат Франција и Белгија, не треба да ги правиме грешките кои тие сега се обидуваат да ги поправат. Постоењето на импровизирани џамии е срам за земјата, за муслиманската заедница и опасност за државната безбедност“, изјави за Катимерини грчкиот министер за образование Никос Филис.
На идејата за изградба на џамија остро се спротивставија конзервативните и десничарските групи, како неонацистичката Златна зора, но и Грчката православна црква. Грчката влада се обиде да изгради џамија во 2006 година, но проектот не беше реализиран.
Извор: The Atlantic