Либанското пиво патува низ светот

05.08.2016 13:16
Либанското пиво патува низ светот

Неколкумина ентузијасти среде Бејрут веќе со години произведуваат сопствено пиво. Сопствениците на „961“ не се борат само против недостатокот од суровини, туку и против идеолошките бариери. Но преживуваат веќе десетта година.

 

И покрај фактот дека уште древните Египќани на големо произведувале и конзумирале пиво, културата на пиварство и Блискиот исток се два поими кои последниве векови баш и не се изговараат во иста реченица. Но Либан и Бејрут отсекогаш биле посебно катче во делот на светот на кој Запад отсекогаш гледал со одредена доза претпазливост. Така, во „Париз на блискиот исток“ како што се нарекувал Бејрут пред граѓанската војна, со децении било можно она што во соседството било табу: алкохол, ноќен живот, западен начин на живот.

„961“ и покрај сè

Во таа традиција во 2006, за време на една од безбројните војни кои ја погодиле либанската метропола, еден млад Либанец почнал да вари пиво за себе и своите пријатели. Неговиот слоган е: и во тешки времиња не смее да недостига забава и опуштање. Така настанала и мини-пиварницата со име „961“ што е повикувачки број за Бејрут. Десет години подоцна, девет видови пиво го носат името „961“ и во меѓувреме пивото ја гаси жедта не само во Либан, туку и во многу други земји кои негуваат љубов кон светските пиварници. Во машината за полнење одеднаш може да има 55 шишиња. Младиот пивар Шаид ел Хаек гордо го покажува уредот кој конторлира дали има капаче на секое шише. Тој ја покажува пиварницата и вели дека варењето пиво среде Бејрут е работа која се подразбира сама по себе. Но не само што се доаѓа тешко до машините. И основните суровини како сладот и хмељот е невозможно да се набават во Либан. Иако овде веќе со децении постојат две пиварници, не постои вистински пазар, сè се увезува по морски пат. „961“ е ориентирано кон младите купувачи кои ценат нешто ново. „Ние не произведуваме многу пиво, но она што го произведуваме е квалитетно и многу сме среќни поради тоа“, вели Џон Масри, кој работи во малата пиварница.

Мазен Хаџар

Пиво со мајчина душица

И токму тоа го имал во главата основачот на малата пиварница во Бејрут, Мазен Хаџар. Во 2006 Бејрут се наоѓа среде војна. Хезболах удри по северот на Израел, израелското воено воздухопловство удри на Бејрут. „Хаџар почна во својата кујна, помеѓу два воздушни напада. Од љубопитство, тука имаше и многу експериментирање. Денес произведуваме 15.000 сандаци пиво месечно“, раскажува Масри. Основачот во меѓувреме, како и многу негови сонародници, го напушти Либан. Сега во Австралија, неговата нова татковина, ги развеселува тамошните пивопијци со нови видови пиво. Но, неговата идеја во Бејрут живее и понатаму. Иако првобитната замисла била малата пиварница да го покрие домашниот пазар и локалните клубови, во меѓувреме најголем дел од произведеното се извезува: во САД, Мексико, Велика Британија. Пченично, темно, светло... но со егзотична нота, на пример, со арома на кора од портокал. Во САД посебно е популарна ориенталната варијанта со мајчина душица и нане.

Секогаш нешто се слави

Минатата година, поради војната во Сирија, беше посебно тешка за малата пиварница. Извозот во земјите од регионот во целост запре. Во меѓувреме, во Либан се појави конкуренција меѓу малите пиварници. Но тоа не е проблем, вели Масри. Сите тие, па и големите пиварници, полагаат надеж во либанскиот темперамент. „Не е важно дали некој има пари. Либанците излегуваат секоја вечер. Без разлика дали е војна или мир, дали е жешко или има бура. Либанците секогаш нешто слават.“ И тоа е причината за оптимизмот кај ентузијастот од пиварницата „961“.

Извор: Deutsche Welle

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото