Хорор!

07.08.2016 12:20
Хорор!

Хорор вечер. Се обидов да се шегувам во првиот саат, но после работата стана многу сериозна. Им благодарам многу на дел од станарите во мојата зграда, зашто да не беа тие, вечерва нашиот дом, на приземје, ќе беше целосно поплавен. Водата за неколку минути ги наполни целосно сите подруми на зградата и по скалите почна да се качува и дојде на неколку сантиметри од станот. Се јавувавме во пожарна и ни рекоа дека ќе бидеме ставени на листа на чекање. Ѕвоневме на сите можни броеви и сите ни кажаа, сегде е лошо, тоа е, некои дури и рекоа нема шанси да стигне некој со пумпа за вода, да ни помогне. Дојде една пожарна во зградата до нас, која исто е во лоша состојба и во сред невреме си отиде, па дури и водата при движењето ја размрда и направи бетер. Кога видовме дека водата само што не влегла во станот, ги спакувавме документите и неколку други главни работи, во случај да треба се качуваме нагоре, во другите станови. Во целата паника а и страв, генијална, а толку проста идеја - на комшиката ѝ текна да направиме вовче и со кофи да ја изнесуваме водата, на другата страна од улицата која исто беше поплавена до горе, ама барем да намалиме за некоја скала, од другата страна, да не влезе во станот. Два саати здружена акција заедно со комшиите, кофа по кофа, вродија со плод, а и за среќа прекина да врне. Ја намаливме водата за некоја скала, колку да не влезе дома. Направена е огромна штета во подрумите кои сç уште пливаат, ако заврне уште еднаш, водата пак се заканува да се крене нагоре. Државата вечерва ја немаше никаде! Да не беа комшиите, стварно не знам што ќе правевме. Ние сме граѓани кои уредно плаќаат даноци, сметки, секакви долгови кон оваа држава, имате ли бе вие некакви обврски кон нас? Во Тунгузија ли живееме бе, луѓе, каде живееме ние? Дали треба да се тресеме секој пат кога ќе врне и да бидеме оставени сами на себе како да сме отсечени од светот, а не во Карпош? За ваков ланец на неодговорност прво оставки треба да си поднесат Стевчо Јакимовски, другите градоначалници во општините кои не се справија соодветно со она што се случи вечерва и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски. А богами и кривична одговорност треба да се истражи за тоа како се справија институциите со невремето и каде се парите наменети за да не дојде до овој хорор. Еве, сега гледаме каде отишле милијардите на граѓаните, секаде, само не во она за кое се наменети - канализација, инфраструктура, опрема за итни служби, пожарни, водовод итн. За власта - крадевте што крадевте, ама барем една гаранција бре за безбедност на животот на луѓето да им дадевте, бандо криминална. Срам да ви е. ‪#‎Поплава‬

Извор: Фејсбук профилот на авторката