Дајте музика, Македонија се дави!

07.08.2016 14:43
Дајте музика, Македонија се дави!

Националните телевизиски концесионери, на чело со нашиот радиодифузен сервис, утринава со музика и со песни го прославија катастрофалното невреме во скопскиот регион, кое однесе најмалку 20 жртви и предизвика големи материјални штети.

Ништо, па ни страшната загуба на човечки животи, во градот чиј центар се „дави“ во луксуз, а периферијата е во урбан хаос, не може да ги натера малоумните сопственици, газди и уредници на националните телевизии, ако веќе не се способни (и слободни) да ги отворат своите програми и да емитуваат извештаи, анализи и дебати за причините за големите загуби, тогаш барем да се воздржат од емитување на своите идиотски музички и филмски програми.

Овие идиоти се навикнати да функционираат по „програмската шема“ и по директивите што ги добиваат од Центарот за комуникации на владејачката партија. А кога шефот е на одмор, па нема кој да издаде нови директиви, важат старите – пуштај серии, музика и реални шоуа за заглупување на простата македонска маса, пуштај па макар се удавила пола Македонија!

 

И без оглед што некој сигурно ќе ми припише малициозност, уште еднаш јавно ќе ги прашам лидерите на опозицијата - дали навистина сметате дека овој механизам на перпетуирање на глупоста и на труење на човечките души ќе се смени со именување нов уредник на информативната програма на МТВ и со тројца „контролори“ на информативните програми на националните концесионери?

Сфаќа ли, бре, некој дека телевизијата е многу повеќе од рамноправно поделена минутажа за политичка промоција, од дебати заради дебати, дека таа е многу повеќе од „прозорец кон светот“, дека всушност и самата е поглед на свет?

Извор: Плусинфо, 7.08.2016.