Стоел на силниот дожд и ги предупредувал возачите да не одат по обиколницата

09.08.2016 10:50
Стоел на силниот дожд и ги предупредувал возачите да не одат по обиколницата

Граѓани кои во саботата навечер за време на големото невреме патувале кон Скопје сведочат дека на влезот во Скопје, пред обиколницата, биле запирани од млад непознат човек кој ги предупредувал на опасната ситуација на обиколницата и ги пренасочувал кон други патишта.

Тие веруваат дека овој човек за нив е херој зашто сметаат дека со неговото предупредување спасил многу животи.

По објавите на социјалните мрежи беше откриено дека се работи за Веле Богатиновски, тетовец кој сега живее во Швајцарија.

Тој на својот Фејсбук профил објави апел и до новинарите да не бараат од него да дава интервјуа.

„Почитувани новинари на електронските, пишаните и интернет порталите, Ве замолувам да не вршите притисок кон мене за давање интервјуа и изјави во ова време на невреме, кога е потребно секој одвоен простор на вашиот медиум да го искористите за посета на погодените региони од поплавите и посета на семејствата – жртви од поплавите во кои животот го загубија 21 лице, голем број се повредени, а неколку се водат за исчезнати. Во тој контекст, уште еднаш Ве замолувам – Апелирам до Вас како професионалци да бидете постојано со надлежните институции на терен и да нè информирате објективно за сите промени и потреби кои ги имаат семејствата погодени од поплавите.

Однапред Ви се заблагодарувам за вашето разбирање и професионален пристап“, напиша тој.

Тој претходно објави и видео од невремето.

Извор: Либертас