Ајде уште да мудруваме!

09.08.2016 20:50
Ајде уште да мудруваме!

1. 

Ни јас не знам зошто Заев мисли дека во овие денови треба да се воздржиме од обвинувања и препукувања, ама не знам ни зошто Героски мисли дека „сите ние заедно сме виновни за оваа катастрофа“, а најмалку „подеднакво виновни со оној кретен со телефончето“.

Ниту ќе се воздржувам, ниту пак ќе се чувствувам виновен за што и да е! Не можеме така (социјалистички) да си ги распределуваме, во еднаква мерка, чувството на вина и одговорноста, уште помалку да ги штедиме (зошто?) барабиве чија неспособност и криминални дејанија ја зацрнија државава и го закопаа народов, сега и буквално. Зошто ние би молчеле и без вина би се чувствувале виновни, со што де факто би станале соучесници во злосторствата и криминалите на бандитиве?

Зошто ние би молчеле и без вина би се чувствувале виновни со што и фактички би ги прикривале сите нивни пљачки и гангстераи, убиства и прогони, лаги и далавери кои што доведоа (и) до вакви катастрофи? За тие повторно да верглаат како никој не се чувствува виновен, како сега не е време за повикување на одговорност (а кога ќе биде, утре сабајле?), како облакот се однесувал нелогично (?), како тие направиле сè што требало и можело да се направи…?

Ние единствено можеме да сочувствуваме со семејствата на загинатите, со оние кои останаа и без своите домови, можеме да помогнеме кој колку и како може, ама без вина да преземаме дел од вината или, уште повеќе, да се правиме на три и пол и да молчиме, дури тоа би било дополнително злосторство кон тие луѓе!

2.

А впрочем, ако погледнеме подобро, веќе сите така и се однесуваме: како ние да сме виновни за катастрофава, а не оние кои беа/се платени да размислуваат и предвидуваат и такви нешта, како ние да ја задолживме со толку милијарди земјава, како ние да го упропастивме градов (и државава, патем), како ние да ги наполнивме затвориве со политички неистомисленици… како ние да не ги чистевме каналите, како ние да ги прекопувавме пет пати улиците и секогаш затворајќи ги постоечките одводи, како ние да ја поставивме таа обиколница таму каде што не ѝ е местото, како ние да ги испокрадовме парите и за такви намени!

Извинете, ама јас одбивам секаква (мината и идна) вина на моја сметка во овие и вакви дејанија. Одбивам силно и резолутно, јасно и недвосмислено. Зашто, објективно, немам никаков удел во тие нешта. И, повторно објективно, речиси десет години пишувам и говорам, таму каде што можам односно каде што дозволуваат, за сиот нивни провинцијален бестијариум, за сите нивни морални, материјални и секакви други катаклизми.

3.

Инаку, има такви кои едвај чекаат вакви повици. Чекаат во заседа некој само уста да отвори и тие да се придружат. Некој друг да им го испере срамот, неодговорноста, подлоста, неморалот… и тие да се видат себеси исчистени од сите гревови. Секој ден ги гледам, се множат како зајци после роса (иако никогаш не го разбрав овој израз, ама нејсе). Од времето на т.н. „бомби“, кога вистината дефинитивно се отвори, преку студентските и другите протести, преку „Шарената револуција“, тие демнат мигови на опуштеност и заборав, чекаат мигови на (можеби нормална) човечка слабост и солидарност, па да се измешаат со останатиот народ и да се видат/прикажат себеси како морални граѓани на ова земја. Тој шљам кој сè уште преку ден слугува во институциите на системот во немушт став мирно, навечер се пресоблекува во нормален и загрижен за државата и демократијата поединец.

И можам да нацртам цел список со таква багра: некогашни молчаливи декани и продекани, сега гласни сенатори, некогашни леви мадиња на тираниве, сега слободоумни новинари, културни работници кои по налог преку ден смислуваат како да го поебат градот, а навечер дуваат во вувузелите на опозицијата, политиканти кои до вчера му седеа в скут на пастирот, а сега се ежат на спомнувањето на неговото име… Уште малку и ќе дочекаме цела влада преку ден да си ја тера режимската политика, а навечер ќе излегува на протести против себеси! Та нели тоа го глуми и оној „со телефончето“? И ние (ќе) треба да молчиме?

Затоа, нека молчи кој сака и колку сака, или нека се солидаризира во вината со баграва како ака, ама од мене нека не го бара тоа. Иако мислам дека не сум ни еден ни единствен и дека огромно мнозинство мисли сосема слично. А тоа го покажаа токму жителите на поплавена Гази Баба бркајќи го со мотки колхозникон кој глуми градоначалник. И не само него. Дури кога така сликовито ќе им се покаже ставот и мислењето, тогаш ќе разберат! Инаку, да знаеше дека ќе наиде на таков пречек, зарем ќе дотрчаше оној со телефончето? А вака, ајде сега ќе молчиме, па ќе сведнеме глава зашто сите сме виновни, па ќе мудруваме… е па затоа и тој дотрча!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com