Контраспин: Теута Арифи сега ги виде бронзените коњи во Скопје!

10.08.2016 08:32
Констраспин: Теута Арифи сега ги виде бронзените коњи во Скопје!

Многупати досега таа имаше можност да реагира дека коалициската Влада недомаќински троши пари на бронзени коњи. Тоа можеше да го стори и кога беше пратеник, кога вршеше функција заменик-премиер, но и како градоначалник на Тетово. Дотолку повеќе што таа е еден од четворицата потпретседатели на партијата на која ѝ припаѓа.

 

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, на 03.08.2016 во врска со проблемите околу исплатата на причинетата штета од минатогодишните поплави кои го зафатија Полошкиот регион, изјави дека Општината ја има завршено работата во поглед на законските надлежности и вината ја префрли на Владата.

Спин: „Ние нашите обврски ги завршивме. Сега треба да се завршат обврските на Владата. Рековме дека имаме анализа и според нашите предвидувања треба да се инвестираат околу 20 милиони евра. Ова подразбира еден коњ помалку во Скопје и ќе се средат работите“, изјави Арифи, упатувајќи јавно барање до Владата за 25 милиони евра, пари за целосна санација на коритото на потокот и оштетената инфраструктура од поплавите.

„Ја направивме општата проценка за целосна санација и превенција од ризици и проектот ќе чини околу 25 милиони евра. Го испративме овој извештај до Владата и ја користам оваа прилика денеска да упатам јавен повик до Владата да ги обезбеди овие средства од заедничкиот државен буџет“, изјави Арифи.

[ИЗВОР: ТВ21 (1,00 д0 1,18 минута од видеото) , Датум: 03.08 2016]

Контраспин: Ваквиот настап на градоначалничката Теута Арифи фактички е испровоциран од изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој два дена претходно (01.08.2016) при посетата на Шипковица и тетовско, вината за неисплаќањето на отштетата од поплавите ја префрли на Општина Тетово:

Владата исплати околу 25 милиони денари во декември на Бирото за судски вештачења. Потоа се утврдило дека треба уште 8,5 милиони денари затоа што имало некоја грешка од страна на Бирото за судски вештачења и во јули се исплатени и тие средства на општина Тетово. Така што тие се најверојатно во тек на исплата или треба да се исплатат брзо. Од тој аспект колку што сум информиран од страна на надлежните, Владата ја има завршено обврската и сега треба да се заврши останатиот дел преку општината, рече Груевски во разговор со жителите на Шипковица, лоцирајќи го виновникот во Општина Тетово. (Груевски од 0 до 0,40 минута од видеото)

Не навлегуваме како Арифи пресметала дека „еден бронзен коњ помалку во Скопје“ е доволно за да се санира целата штета од поплавите во Тетовско. Не анализираме ниту дали нејзината проценка е точна, дали еден бронзен коњ чини 20 или 25 милиони евра и дали ќе ја покрие причинетата штета, или пак, можеби за тоа ќе бидат потребни два или три коњи?!

Прашањето е зошто Арифи токму сега кажува дека со еден коњ може да се санираат штетите од поплавите? Зачудува зошто таа досега не се сети дека еден бронзен коњ во Скопје може да реши многу реални животни проблеми на граѓаните на Тетово. Зарем, за овие осум години колку што ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ се во заедничка Влада, не го забележала тоа? Сега ли таа ги виде бронзените коњи во Скопје? За овие 10 години како ВМРО-ДПМНЕ е на власт (од кои осум заедно со ДУИ) се направија толку многу фонтани, лавови, коњи, барокни градби, огради и просто несфатливо е како Арифи не виде ништо од сето тоа сè до 3 август!

Па, таа беше пратеник во Собранието, вицепремиер во Владата на Груевски, а последните четири години е градоначалник на Тетово. Многупати досега Арифи имала можност да реагира дека коалициската Влада недомаќински торши пари на бронзени коњи. Тоа можела да го стори и кога била пратеник, и кога ја извршувала функција заменик-премиер, но и како градоначалник на Тетово. Дотолку повеќе што таа е еден од четворицата потпретседатели на партијата на која ѝ припаѓа. Но, сепак, не сме слушнале дека го критикувала расфрлањето пари за споменици и дека предложила тие средства да се пренаменат за инфраструктурни проекти.

За волја на вистината, во Скопје се поставуваат и споменици на значајни личности од албанската историја. Во октомври 2012 година пред Трговскиот центар „Мавровка“ во скопски Чаир беше откриен споменик на Хасан Приштина – албански преродбеник кој се смета за многу значаен лик во албанската историја. Во септември 2014 година во рамките на проектот „Скопје 2014-та“, на плоштадот во Скопје беше поставен петметарски споменик на Неџат Аголи, кој бил прв министер за здравство во Владата во 1945 година. Во мај 2016 година беа поставени  и спомениците на албанскиот писател Пјетр Богдани во паркот „Жена Борец”, како и на поетот Јосиф Багери кај новиот театар на брегот на Вардар.

Уште во 2006 година (на иницијатива на Општина Чаир, чиј градоначалник е од ДУИ) на платото пред стоковната куќа „Илинден“ беше изграден споменик на албанскиот војсководец и државник Ѓерѓ Кастриот – Скендер-бег. Скуплтурата е висока 5,5 м, а Скендер-бег е претставен како јава на коњ. Но, досега не е забележана реакција од Арифи дека ѝ пречи коњот на Скендер-бег. Ниту, пак, сме слушнале дека ѝ пречеа спомениците „двоглав орел“ – едниот беше поставен во февруари оваа година (2016) на кружниот тек во населбата Топанско Поле во Општината Чаир, а другиот пред четири години (2012) на мостот на Бит-пазар.

Така што, нејзината изјава дека со „еден коњ помалку во Скопје“, ќе се покрие штетата од поплавите во тетовско, може да се толкува само како добро пресметан политички спин за да се симне од плеќите сопствената одговорност. Бидејќи, учеството во власта подразбира да се преземе одговорност за исправноста на одлуките, а не само да се користат привилегиите кои ги носат функциите независно дали се на централно или на локално ниво.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.