1027 hPa
70 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 08:59
Речиси сите електронски медиуми во регионот пренесоа дека мандатарот Александар Вучиќ го објави предлогот за составот на новата српска влада, кој до крајот на неделава треба да биде потврден во парламентот, а дел од медиумите ставаат акцент на тоа дека за министерка во идната влада е предложена Ана Брнабиќ, која, како што наведуваат, не крие дека има хомосексуална определба.
Брнабиќ, како што пренесуваат медиумите, ќе биде министерка за државна управа и локална самоуправа, и според зборовите на премиерот Вучиќ на конференцијата за новинари во Народното собрание таа со гордост зборува за својата хомосексуалност.
„Таа не го крие тоа и со гордост го кажува. Таа е толку фина и мила, ми рече: претседателе, дали тоа ви пречи, сигурно дека за тоа сега ќе се зборува. А јас ѝ одговорив: Не, мене ме интересира само твојот резултат, а знам колку си стручна и вредна“, го прераскажува Вучиќ разговорот со новата министерка, додавајќи дека биографијата ѝ е без никакви дамки и има исклучителна работна енергија, пренесува порталот Index.hr.
Сараевскиот портал klix.ba пренесува дека премиерот Вучиќ составил список од министри за новата влада на Србија на кој, како што се наведува, има осум имиња меѓу кои и една припадничка на ЛГБТ популацијата.
Хрватскиот Јутарњи лист исто така во прв план ја истакнува веста за новата влада со информација дека во неа ќе има геј министерка.
Ана Брнабиќ главна вест и за странските агенции
Западните агенции известија дека мандатарот Александар Вучиќ го предложил составот на новата влада на Србија апострофирајќи го фактот дека, како што наведуваат, првпат во историјата за министерка е предложена кандидатка која не ја крие својата хомосексуална определба.
Српскиот мандатар вели дека новата влада ќе вклучува министерка која е отворено геј, јавува AP со напомена дека тоа е прв таков случај во „конзервативната балканска земја“.
Американската агенција наведува дека мандатарот Александар Вучиќ изјавил дека неговата идна министерка за државна управа и локална самоуправа „не ја крие својата сексуална определба и дека е свесен дека тоа може да привлече внимание“, но дека го интересираат единствено нејзините резултати.
Србија вети дека ќе ги зајакне правата нa геј популацијата во моментот кога настојува да влезе во ЕУ. Изминатите години геј парадите беа одржани под полициска заштита, потсетува агенцијата.
И агенцијата AFP извести дека премиерот Вучиќ го најави новиот кабинет кој вклучува и прв кандидат за министер кој е отворено геј.
Агенцијата ја цитира изјавата на Вучиќ дека личната определба на Ана Брнабиќ не го интересира и дека „таа е добредојдена во српската влада“.
Француската агенција наведува дека во Србија и другите балкански земји е раширена хомофобијата и напоменува дека Белград е „под притисок“ да ја подобри заштитата на малцинствата, вклучувајќи ја и ЛГБТ заедницата, откако се започнати преговорите за пристапување кон ЕУ.
Повеќе од 80 отсто од жителите на Србија се православни христијани, а на белградската Парада на гордоста во 2010 година тврдокорни националисти ги нападнаа учесниците и се судрија со полицијата повредувајќи повеќе од 150 луѓе, поради што властите следните три години ја забрануваа парадата, потсетува AFP.
Италијанската агенција Ansa наведува дека во новата влада на Србија ќе има и еден министер хомосексуалец, „што е апсолутна новина за Србија и остатокот од Балканот“.
Серакијани: Силна порака, му честитам на Вучиќ
Одлуката на мандатарот Александар Вучиќ да ја предложи Ана Брнабиќ за министерка воновата влада ја поздрави италијанската политичарка Дебора Серакијани.
„Честитки за Вучиќ за новата влада во Србија. Првпат геј министер, силна порака за сите“, напиша Серакијани на Твитер.
Извор: Blic