Научници тврдат: Читањето книги може да го продолжи животот

10.08.2016 14:41
Научници тврдат: Читањето книги може да го продолжи животот

Читањето книги може да го продолжи животот за две години, велат научници од Јеил кои неодамна ги објавија резултатите од своето истражување во списанието Social Science & Medicine.

Бека Р. Леви, коавторка на студијата и професорка по епидемиологија на универзитетскиот Оддел за јавно здравје и нејзините колеги тврдат дека читањето е корисно за здравјето.

И покрај сè поголемата популарност на Киндл и другите слични е-изданија на книгите, продажбата на печатените изданија е во пораст. Минатата година во САД се продадени 571 милион книги во однос на 559 милиони во 2014, пренесува порталот Medical News Today.

Но, читањето книги не е само популарна занимација. Имено, бројните студии спроведени досега покажале дека читањето е добро за разни аспекти на здравјето. Едно истражување спроведено неодамна покажа дека читањето фикција поттикнува емпатија кај одредени луѓе.

А новото истражување на професорката Леви и колегите отиде чекор понатаму, покажувајќи дека читателите на книги умираат во просек две години пдооцна од оние кои не читаат.

Истражувањето е спроведено на 3635 лица постари од 50 години кои научниците ги поделиле во три групи: оние кои не читаат книги, оние кои неделно на читање книги трошат три и пол часа, а третата група била сочинета од луѓе кои неделно читаат повеќе од три и пол часа.

Резултатите покажале дека во споредба со луѓето кои не читаат, оние кои читаат три и пол часа дневно имаат 17 отсто помалку ризик да умрат во претстојните 12 години, а кај оние кои читаат повеќе од три и пол часа неделно, ризикот се намалува за 23 отсто. Заклучено е дека читачите умираат во просек две години пдооцна од оние кои воопшто не читаат.

Студијата откри и дека повеќе книги читаат факултетски образованите жени со повисоки лични примања.

Слична врска е утврдена и кај луѓето кои читаат весници или списанија, но поврзаноста е нешто помалку цврста.

Со истражувањето не е прецизно утврдено кои механизми им го продолжуваат животниот век на читачите, но Леви и колегите претпоставуваат дека би можело да станува збор за позитивно влијание на когнитивните фукнции. Во прилог на тоа одат и резултатите на една студија од 2013 година, која покажала дека читањето ја поттикнува комуникацијата помеѓу мозочните ќелии.

Извор: Jutarnji list
Слика: Чарлс Џејмс Адамс