Повеќе од пуч

11.08.2016 10:06
Повеќе од пуч

Дури и во најтешките времиња Истанбул е преубав град, а Босфорот импресивен премин помеѓу две мориња. Турците ќе ви забележат ако случајно го наречете река. Во право се. Зашто Босфорот има животна енергија со која не може да се спореди ниедна река. Поминете пет минути набљудувајќи го Босфорот и ќе сфатите зошто Орхан Памук, турскиот добитник на Нобеловата награда за книжевност, бил толку воодушевен од овој теснец додека растел и секојдневно ги гледал прекуокеанските танкери и воените бродови на патот помеѓу Азија и Европа.

Еднаш во Отоманската палата на азиската страна од Босфорот го чекав за интервју поранешниот премиер Ахмет Давутоглу. Давутоглу пред два месеци беше сменет од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, затоа што премногу се држел до словото на турскиот устав кој вели дека водењето на владата е надлежност на премиерот, додека претседателот е само церемонијален шеф на државата. Тоа сосема му одговараше на Ердоган додека тој беше на местото премиер. Сега, како претседател на државата, бара промена на уставот. Ако обезбеди поддршка во парламентот, Ердоган практично ќе го легализира системот што го градеше откако стана шеф на државата. Во деновите по пучот немаше никаков сомнеж кој навистина ги држи уздите на власта во земјата.

Погледот од Отоманската палата беше преубав. Зад раскошниот парк во сенките на боровите се гледаше танкер на патот кон Црното море и мноштво помали бродови кои ги пресекуваа главните морски патишта. Треба да се нагласи дека тоа не беше приватна резиденција на Давутоглу. Куќата само беше позајмена за таа прилика, заради амбиентот. Сепак, една моја турска пријателка тоа ја потсети на изјавата на еден член на партијата АКП на Ердоган: дека нема да се смират додека не се вселат во резиденцијата со тераси и градини кои гледаат кон Босфорот, долго резервирани за секуларната елита која сакаа да ја срушат.

Памук исто така пушува за hüzün, посебна меланхолија која ги измачува жителите на Истанбул. Нејзин извор се историјата и долгото пропаѓање на градот, звукот на бродските сирени од Босфорот, ѕидовите кои лежат во рушевините уште од падот на Византиското царство, невработените луѓе во чајџилниците, покриените жени кои чекаат автобуси што не доаѓаат, упорниот дожд и мрачните вечери: ткивото што го поврзува градот со сите негови жители. „Мојата појдовна точка“, вели Памук, „беше чувството кое ме обземаше додека како дете гледав низ замагледниот прозорец.“

Во моментов Истанбул страда од силен напад на нешто што личи на hüzün на Памук. Во неговите романи жителите на Истанбул перверзно се гордеат со својата меланхолија. Никој во Истанбул, ниту каде било во Турција не гледа ништо утешително во она што се случува денес. Противниците се прашуваат на каква иднина можат да се надеваат во Турција на Ердоган. Истото го почувствував и во масите луѓе кои се собраа да го поддржат Ердоган ден по обидот за пуч.

Политичките противници на Ердоган не се потиштени зашто не успеа ударот. Главната причина за неуспехот на пучистите е во тоа што ударот немаше поддршка од пошироката јавност. Турците премногу добро го познаваат авторитарното владеење на воените режими за да посакаат негово враќање. Вистинска причина за меланхолијата е тоа што Ердоган ќе го искористи пучот за уште подлабоко да се утврди на позициите на моќта. Чистката што ја спроведува е премногу детална, премногу добро организирана и сеопфатна за да биде само спонтана реакција на обидот за преземање на власта. Повеќе може да се каже дека планот веќе долго бил подготвуван – само чекал добра прилика.

Турција е длабоко несреќна земја. Сега е тешко да се замисли тоа, но во времето на Арапската пролет 2011 година, таа беше пример за целиот Блиски исток. Имаше демократски избори и успешна економија. Кога во тоа време го прашав Давутоглу дали е можно обновувањето на османлиската сфера на влијание во 21 век, тој скромно се насмеа, ги отфрли таквите амбиции и објасни дека востанијата од 2011 година се вистинско наследство на Османлиското царство. На векот на европската и потоа американската доминација му се ближеше крајот. Тоа беше нов лажен почеток во историјата на Блискиот исток. Сега таа историја се врати на вистинскиот пат. Народите во регионот ја земаа судбината во своите раце и можно е Турција во тоа да има извесна улога, можеби како постар брат.

Положбата на Турција – помеѓу истокот и западот, Европа и Азија – ја одреди нејзината историја и ќе ја одреди нејзината иднина. Таа би можела и мора да биде парче цврсто тло во многу нестабилен регион. Но, не е, и тоа не е проблем само на Турција, туку на сите нас.

Пучот не дојде од никаде. Турција веќе беше во длабока криза. Дел од проблемот е политиката на Ердоган која ги продлабочува поделбите во општеството. Од првата победа во 2002 година, тој ја водеше својата партија АКП од триумф во триумф. Но, политиката на неговите влади не беше инклузивна. Изгледа дека претседателот не се грижи многу за огорченоста и отпорот кој го предизвикува на другата страна, додека неговите следбеници се задоволни.

Можеби тоа беше неизбежно. Како политички исламист доби задача да ја промени земјата, да го прекине владеењето на секуларните елити, вклучувајќи ја и војската, кои доминираа откако Мустафа Кемал Ататурк ја создаде модерна Турција по падот на Османлиското царство. Исто така, не може да се занемари влијанието на превирањата и војните на Блискиот исток. Турција се граничи со Сирија и Ирак и длабоко е вмешана во војните што се водат таму. Државните граници не можат да го запрат вирусот на насилството. Минатата година стотици луѓе настрадаа во бомбашките напади во турските градови. Некои ги изведоа џихадистите од таканаречената Исламска држава, а други курдските сепаратисти под водство на ПКК.

Тоа е злобен сплет на околности. Можеби Ердоган ќе имаше повеќе шанси да го искористи пучот за обид за обединување на земјата. Сите парламентарни партии сложно го осудија државниот удар. Наместо тоа, тој ги употреби своите овластувања за пресметка со политичките противници. На тешките времиња не им се гледа крајот.

Извор: http://www.newstatesman.com