СЈО и Скопје 2014 – Што има во прислушуваните разговори за најголемиот проект на власта

11.08.2016 11:37
СЈО и Скопје 2014 – Што има во прислушуваните разговори за најголемиот проект на власта

Проектот на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер, Никола Груевски, „Скопје 2014“ е еден од најприсутните проекти на јавниот дебатен подиум во последниве седум години. Станува збор за проект за преобликување на центарот на Скопје, за којшто опозицијата обвини дека „тежи“ најмалку 600 милиони евра, а базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“ на „Призма“ пак документираше дека досега тежи повеќе од 642 милиони евра.

Изразено во бројки, станува збор за 136 објекти документирани до јуни 2016 година. Тоа се 27 згради, 6 катни гаражи, повеќе од 6 нови фасади, 34 споменици, 5 плоштади, едно панорамско тркало за кое ќе се потрошат речиси 19 милиони евра. Тука се и 4 мостови, 2 подземни гаражи, 39 скулптури, Триумфалната порта, 2 фонтани и друго.

Скопје 2014 се актуелизираше вчера со поставувањето ограда кај Жена – парк, што „замириса“ на обид за рефасадирање на ГТЦ. Тоа беше вториот „удар“ сврзан со овој прескап „излет“ на власта во последните десетина дена. Претходно критичката јавност се разбуричка после објавувањето на веста дека градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, во Специјалното јавно обвинителство даде исказ во врска со деталниот урбанистички план Мал Ринг во централното подрачје на градот, односно за постапките во Општината спроведени од нејзиното претходно раководство.

Жерновски на обвинителите им ги предал двата независни ревизорски извештаи што Општина Центар под негово раководство ги нарача за да се расветлат работите околу „Скопје 2014“.

Сметам дека граѓаните имаат апсолутно право да ја дознаат вистината за тоа како и каде се трошеле нивните средства. Во тие извештаи многу јасно е забележано дека има низа на законски повреди и низа криминални дејствија, рече Жерновски по исказот во СЈО.

Според првиот извештај изработен од Слаѓана Тасева, претседателка на Транспаренси Интернешнл и Драган Малиновски, екс претседател на Антикорупциската комисија, утврдено е дека општината немала надлежност за изведување на овој тип на објекти, а претходниот Советот на Општината донесувал одлуки за подигање на обележја кои не се во нивна надлежност. Во него е наведено дека претходниот градоначалник не постапил согласно надлежноста за законските прописи кои ги носи општинскиот Совет, а немало законска оправданост ниту за намената на пари од централниот буџет за Општината. Ревизорите утврдиле дека проектот се одвивал без јасна и видлива контрола на Општината.

Тоа се гледа и од еден разговор од 35-от сет прислушувани разговори, кој го водат Груевски и тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

МЈ: Овој од општина Центар нели се менува планот сега
НГ: Му кажав јас на Аце да го стави во ДУП, сега му се јавив. Ќе го стави во ДУП.
МЈ: Добро ама во рамките на самата парцела да има фонтана и да мора да ја гради.
НГ: Аха. Е, тоа кажи му го ти, важи.
МЈ: Ок.
НГ: И фонтана и обелиск. 20 метра висок обелиск
МЈ: Добро, ок.
НГ: Столб, знаеш она…
МЈ: Да да добро ајде

Во вториот извештај изработен од двајцата експерти утврдено e сериозно прекршување на Законот за јавни набавки. Инаку, тој е од посебен интерес на СЈО, кое побарало од Општината Центар четири предмети поврзани со изградба на спомениците Воин на коњ, (Александар Македонски), Воин (Филип Втори), цар Самоил и споменикот на Методија Андонов – Ченто. Во вториот извештај, ревизорите Тасева и Малиновски наведуваат дека немало контрола ниту за тоа дали авторите ги изработиле и испорачале моделите, не била обезбедена елементарна конкуренција во изборот на леарници за спомениците, а Општината немала надлежност за изведба на објекти на реката Вардар.

Проектот „Скопје 2014“ минатата година предизвика силен интерес на јавноста после обелоденувањето на снимките од прислушуваните разговори од страна на СДСМ, односно најмногу на „бомбите“ 23 и 35, кои покажаа дека највисоките фактори во државата, односно Никола Груевски како премиер и некои од министрите, педантно го раководат проектот, а самиот Груевски, пак се стави и во улогата на „архитект“.

Тоа го слушаме во еден разговор од 23-та бомба, помеѓу Никола Груевски и Миле Јанакиески.

НГ: Абе овој дознав дека овој високиот
MJ: Добро
НГ: А… наводно кога, пред да се објави огласот ја сменил сликата на тоа како треба да изгледа офицерски дом и тоа до него
MJ: Како ја сменил
НГ: Па нешо немало да биде исто туку слично, а не по таа слика што ни е Коста Мазгалоски шо ја напрај
MJ: Не не имавме, тој беше Коста па послем ја надогради тој другиот
НГ: Која, офицерски дом… И како ја напрај
MJ: Ја имам сликата утре да ти ја дадам… Нели го ангажиравме дополнителнио тука тој беше сместен му плаќавме тоа
НГ: И сега колку личи на офицерски дом, поише личи или помалку
MJ: Па добро нели ја гледавме заеедно
НГ: Ама не, он ја подобри таа до неа, до офицерски нели две продадовме, таа едната ја направи коста а овој ја подобри
MJ:Така да
НГ: А офицерски немаше подобрување,
MJ: сега не ми текнува мислам двете имаше подобрување
НГ: Ај види утре и кажи ми
MJ: Важи, ќе проверам

Во истиот сет слушаме и како на Груевски му се брза, и како со Јанакиески средуваат процедури.

НГ: Нема да мрда, со али баба… нема ни на повидок нешто. Јас сакам во нашиов мандат да се изгради тоа не сакам, во 25-та да се гради

Се договараат и Шпанските скали.

НГ: За ова за скалите, можеме ли ??? да си го изгради тоа и да ги продаде дуќаните доле и у ќар да се да земе кредит
MJ: Генерално може и тогаш го дискутиравме тоа ама незнаеме колку пари чини тоа
НГ: Па ја мислам краткава варијанта ако се праи по некои 4-5 милиони, а оваа дугачкава оваа високава веројатно е поише
MJ: Да зборам со Цветко ама ај да почекаме состаноков со овај зашто тој е заинтересиран, овој чоеков шо ви зборев, заинтересиран е тој викам…

Слушаме и каква судбина му намениле на ГТЦ.

НГ: Да да, те слушам. А кажи ми со овој Жермонд, што ти го пратив, Французов, како ти иде?
МЈ: За ГТЦ?
НГ: За ГТЦ да.
МЈ: Абе поставија многу прашања, треба да проверам Елена му ги одговара прашањата. Во најголем дел се одговорени прашањата но немам ништо повратно од кај него. Беа кај мене, му ги дадовме генералните податоци, го прошетав едно саат време убаво низ ГТЦ. Послем тоа постави неколку технички прашања, ги одговоривме и сега немам ништо повратно, не знам дали има нешто ново, да проверам.

Слушаме и како поразот на ВМРО-ДПМНЕ во Центар, односно победата на Жерновски неговата намера да ги спречи плановите на централната власт го изнервирала Груевски, па покрај планот да се организираат протести, а на Жерновски да му се удрат „два-три шамара“.

НГ: Јас си мислам покрај тоа што на уставен ќе падне, у петок он да изеде едно пет шест шамари пред камери… да влезат граѓани и еден граѓанин да дојде да му удри три шамари, јаки, и да си искочи
МЈ: Може да договориме сценарио мислам, ја планирав овие нашиве да излегуваат да протестираат

Во 35-та бомба, слушаме дека најголемиот дел од објектите се без употребна дозвола. Тоа Јанакиески му го кажува на Груевски додека разговараат за вселувањето на Министерството за надворешни работи во објектот покрај Вардар.

НГ: Средина на октомври…па и ова е ноември. Ноември ќе биде ова? Декември. Не во ноември, декември. А на диво да се селат овие, МНР?
МЈ: Па нека се вселат, што.
НГ: Вие ќе им направите нешто?
МЈ: Еее, Музејот на ВМРО работеше на диво.
НГ: Музејот на ВМРО на диво си работеше?
МЈ: Па не знам дали сега има употребна, ама работеше…Претседателе пола државна администрација не му се упишани објектите во Катастар…
НГ: Е па диво нека се вселат, а?
МЈ: Кој може да ги запре?
НГ: Ај ќе зборам со Никола, ај. А што може да бидат вака последици, ако се вселат на диво?
МЈ: Не дај Боже, нешто ако се случи, не знам, пожар…
НГ: Некој ако се сопне, скрши нога доле и…
МЈ: Не, не. Пожар, да падне зградата…
НГ: Пожар, а?
МЈ: Такви нешто…Па зошто се вселиле…
НГ: Или да падне зградата вика…Може да падне зградата? Трајче се смее, вика нема да падне.
МЈ: Не можи ништо да се случи. Не може да го запише во Имотен лист, тоа е вака проблем што…

Слушаме и како Груевски наложува свои „архитектонски“ замисли за новиот „Офицерски дом“.

НГ: На Мето сега му беше кажано да ја поправи зградата.
МЈ: Добро
НГ: Знаеш, кога гледаш од реката Вардар према зградава, од бочниот дел, од страничниот дел
МЈ: Добро
НГ: Нели има едни како балкони, и внатре, високо, едно четири спрата треба да е високо, ти текнува како полукружни оние, како се викаат не знам,
МЈ: Куполи
НГ: Е, да направи барем едно метар и пол балкон, на тоа, тоа е едно 25 метри дугачко и метар и пол унатре длабоко. МЈ: Аха
НГ: Другото е горе-доле ок. И треба скалите малце да ги подобри. Имаат они една слика урнек, за скалите, таа е со многу скулптури, многу е убава, таа може.

За крај, еден од најкомичните разговори во сите објавени снимки, покажува дека и рефасадирањето на зградата на ЕВН/ЕСМ, како и решението за другите објекти, е само поради „барокниот“ вкус на Груевски. Тој, како учител го преслушува Јанакиески дали прави разлика помеѓу барок и класицизам…

МЈ: За ова што ми рековте, катната во Центар, нели ми се јавивте пред некој ден… нели ми рековте за идејно решение да пуштам за проект како да изгледа
НГ: Да, да, да, да….
МЈ: Добро…
НГ: Таа каде воо.. ваму кај…
МЈ: Во Центар
НГ: Јасно, да, идејен ама да пишува барок или класицизам
МЈ: Ми даде Славе слики, тие ќе ги стаам…
НГ: Хаха, какви слики ти даде?
МЈ: Од американ, вие ми рековте со Славе да се консултирам
НГ: Ама чекај, тие се згради, тие не се катни гаражи
МЈ: Добро ама како стил, да го видат стилот, чисто како пример
НГ: А, барок ти даде ли?
МЈ: Да, такви ми даде
НГ: Какви, барок или класицизам? Со столбови ли се?
МЈ: Барок мислам дека се
НГ: Барок ти е едно, класицизам е друго Миле. Тие од Вашингтон се класицизам. Тие со столбовите како оваа Уставен суд што е столбови
МЈ: Е такви да, такви се
НГ: Тие се класицизам. Треба и барок да стаиш ама како да напраиме…
МЈ: Ќе ги ставам и овие што се од проектов, целиот проект неколку.. ги иаме ние од порано
НГ: Стај ги тие од проектот и извади барок, извади од Виена од Прага од Париз, барок има сегде
МЈ: И ќе му напрам и на Чинго тендерската за да пушти и тој за неговата.

Опозицијата, инаку, одржа многу прес-конференции и многупати дискутираше и поставуваше пратенички прашања во Собранието за „Скопје 2014“, обвинувајќи за незаконско трошење на огромни суми на народните пари, односно за огромен криминал и злоупотреби. Тоа се виде и по грчевитата борба на власта да не ја загуби Oпштина Центар на последните локални избори, во 2013 година (како што се гледа од неколку „бомби“, пред сè, во 9-тата), но и преку случувањата во јуни 2013, кога под маската на протести за „одбрана на верата и црквата“, беше демолирана бараката на Општина Центар. Тогаш требаше, според Груевски, „да влезат граѓани и“ на градоначалникот Андреј Жерновски „еден граѓанин да дојде да му удри три шамари, јаки, и да си искочи“.

Сега веќе не може да се избега од она што го утврдија независните ревизии – Општината немала надлежност за изведување на споменици и спомен обележја, претходниот Советот на Општината донесувал одлуки за подигање на обележја кои не се во нивна надлежност, претходниот градоначалник не постапил согласно надлежноста за законските прописи кои ги носи општинскиот Совет, а немало законска оправданост ниту за намената на пари од централниот буџет за Општината.

Но, што сѐ се правело за проектот со прескапи ставки (само објектот на МНТ чини повеќе од првично најавената сума од 80 милиони евра за „Скопје 2014“ севкупно), можеби ќе видиме и од новите случаи за кои СЈО води предистражни постапки, а кои се засновани врз материјали од прислушуваните разговори што досега не ѝ се презентирани на јавноста.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото