1025 hPa
87 %
10 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 07:59
Фото: Роберт Атанасовски
Во доба на пренатрупаност со информаци, или како што би рекол Жан Бодријар, сè повеќе информации, а сè помалку смисла, фотографијата како медиум ја има моќта најефективно да допре до јавноста и да пренесе своевиден супстрат од акуелностите.
На годинешниот фестивал за современи уметности АКТО, кој ќе се одржи во Битола од 12 до 14 август, ќе биде поставена изложба на фотографии на неколку македонски фотографи, кои будно ги следеа протестите на Шарената револуција.
Фотографиите на Ванчо Џамбаски, Кети Талевска, Томислав Георгиев, Елена Фиданска и Роберт Атанасовски, собрани под насловот „Револуција во второ лице еднина“, ќе бидат поставени во комплексот хали „Фрижидери“ од петок, па сè до недела. Акцентот на годинешното издание на фестивалот АКТО ќе биде токму моќта на уметникот да издејствува промени во општеството и неговата одговорност во време на политичка криза.
За идејниот концепт на изложбата, како и за нивните лични искуства во процесот на документирање на општествените случувања изминатиов период, поразговаравме со неколкумина од фотографите.
Фото: Елена Фиданска
-Колку е значајно документирањето на изблиците на отпор кај граѓаните, во услови кога константната затрупаност со бизарни дневно-политички новости неретко ги отапува сетилата на граѓаните и ги прави со „меморија на златна рипка“?
Томислав Георгиев: Јас верувам дека фотографијата е најсилен медиум преку кој може да се пренесе пораката која ја праќаат луѓето кои бараат промени. Фотографијата највпечатливо ја доловува разноликоста на луѓето кои со месеци се дел од „отпорот кон системот“ на улиците низ градот. Експресијата на нивните лица, волјата која се чита во нивниот поглед, решителноста, боите на нивните лица кои станаа симбол токму на тој отпор, може да ги долови само фотографијата. И токму таа може да остане врежана во меморијата на луѓето, многу повеќе од кој било новинарски напис или телевизиска репортажа. Добрата фотографија може да ве „прогонува“ во мислите со денови, многу повеќе и посилно од бизарните дневно-политички настани кои ги слушате и читате. Ете тоа е силината и зачењето на фотографијата, особено во времето кое го живееме.
Кети Талевска: Со денешното динамично темпо луѓето сè помалку наоѓаат време за читање. Затоа претставувањето на ваквите настани преку фотографскиот јазик некогаш може да биде поефективно од напишаниот текст.
Елена Фиданска: Пренатрупаноста со информации сите нè прави златни рипки. Добиваме информации дури и кога чекаме да преминеме улица на семафор. Една или две фотографии, колку и да се добри, „не ја прават пролетта“. Граѓаните треба постојано да се потсетуваат дека нешто до нив се случува. Понекогаш се чувствувам дека водам своја пропаганда, исценирана само од мене, сè со цел да исперам, односно да исчистам што е можно повеќе мозоци од труењата за розовиот свет околу нив.
Фото: Томислав Георгиев
-Беше ли исцрпувачки предизвикот да се биде секојдневно присутен на протестите и да се биде во први редови со фотоапаратот, покрај опасноста од ескалација на бунтот и полициска интервенција?
Томислав Георгиев: Кога работите со апаратот во раце, прво ве понесува еуфоријата и енергијата која ја носат луѓето од другата страна на објективот. Ја чувствувате нивнaта сила со која му пркосат на системот. Таа нивна енергија е најсилно и единствено оружје на отпорот со кое се спротивставуваат на полицијата. Кога сте дел од таа маса на позитивни лица полни со надеж и енергија, ве понесува адреналинот и ве прави несвесни за опасноста во која можеби се наоѓате. Затоа најдобрите фотографии се направни во опасни и тешки ситуации.
Кети Талевска: Напротив, фотографирањето на такви настани има посебен шарм. Секој кадар има своја спонтана приказна како што и секој израз на лицата од присутните пренесува емоции во самата фотографија и раскажува некоја приказна.
Елена Фиданска: Напротив, излегувањето на протест од една страна го доживував како моја граѓанска должност да бидам таму, а од друга страна како фотограф кој на некој начин има свој медиум преку кој смета дека може да пренесе порака. Живееме во графички свет, свет во којшто луѓето реагираат на визуелната порака, на сликата... фотографијата. И сето тоа мора да е брутално сервирано пред публиката. Посебно кога таа публика живее во тотален медиумски мрак.
Фото: Кети Талевска
-Протестите на Шарената револуција понекогаш беа ставани на тапет како помодарски прошетки. Како луѓе што константно ги следеа расположенијата на граѓаните во изминатиот период преку окото на фотоапаратот, каде е според вас линијата на изворниот граѓански револт и млакиот, скоро безнадежен отпор?
Томислав Георгиев: Иако на моменти имаше малку луѓе на протестите, иако не донесоа инстант промени на системот, овие протести и т.н Шарена револуција беа сè само не ,„млак отпор“. Разноликоста на луѓето кои се дел од овој отпор, различната национална, религиска, па ако сакате и класна разлика, а воедно заедничкиот револт кон системот кој опстојува скоро една деценија и желбата за промени кои ќе донесат ослободување од „партискиот популизам“, ја прави оваа „револуција“ сè само не млака и безнадежна. Силината е во нивната волја да се спротивстават на системот затоа што веруваат во тоа, а не затоа што мораат и им е наредено да излезат на улица, па ако сакате и да го направат тоа и во името на оние кои не можат поради притисоците кои ги имаат од истиот тој систем. Сето ова е многу повеќе од помодарство. Ова е една нова струја. Млади луѓе кои сакаат многу повеќе од „сигурна работа во јавна администрација“, уметници кои сакаат да ја вратат слободата и разноликотса во театрите, музеите и ателјеата, луѓе кои сакаат земја каде што ќе останат нивите деца, наместо да се разбегаат надвор од границите... И сите тие не се плашат да кажат дека националниот идентитет е нешто повеќе од барокни згради, споменици и милениумски тркала!
Елена Фиданска: Признавам дека првите излегувања беа доста андреналински бидеќи толпата беше предводена од емоција. Со тек на време сфатив дека ниту едно договарање и собирање за протест не може да биде успешно без искрената емоција на граѓаните. Тоа беше и сè уште е суштината на овие протести – емоцијата и жарот во очите. Можат да те уценат и да те одведат на улица да правиш гужва, но искрената емоција кога излегуваш и се бориш од срце тешко се крие од објективот.
-Во контекст на темата на годинешниот АКТО фестивал, на кој ќе учествувате со изложба на свои фотографии - која е според вас улогата и одговорноста на уметникот во услови на општествена и политичка криза?
Томислав Георгиев: Да биде гласен и похрабар во артикулацијата на трулоста или истрошеноста на одредена општествена или морална криза во која се наоѓаме на девастиран вредносен систем и преку своите дела да „посведочи“ за сето тоа.
Кети Талевска: Да ги претстави актуелните ситуации на свој креативен начин, но притоа да има слобода на говор и изразување, а не притисоци.
Елена Фиданска: Улогата (должноста) на уметникот е секогаш да биде опоцизија и критичар на власта. Едноставно, не можеш да бидеш уметник, а истовремено да ти е комотно и пријатно во општеството во кое живееш. Секогаш постои едно „Ама/Но“, a уметникот е должен тоа да го каже пред публиката на свој начин. Штета што периодов многу личности кои ги познававме и со децении сме сметале дека се уметници, своето „Но“ го продадоа многу евтино. Би ги нарекла бизнисмени, но... евтина продажба не те прави ни бизнисмен.