Жители на Тафталиџе: Машините да ги пратат кај поплавените, а не да ни го рушат паркот!

11.08.2016 12:32
Жители на Тафталиџе: Машините да ги пратат кај поплавените, а не да ни го рушат паркот!

Граѓани од Тафталиџе повторно спречија обид паркот во нивната населба да се претвори во градилиште.

Утрово околу 10 часот жителите на оваа населба алармираа на социјалните мрежи дека градежна механизација и работници повторно се појавиле во паркот. Вознемирени, тие велат дека се користи моментот на национална трагедија да се раскопа паркот и да се почне со изградба на зграда.

„Го користат моментот кога младите се на одмор и кога се случува ваква трагедија по поплавите. Наместо таму да одат машините и таму да се помогне, тие го користат моментот на жалост на Македонија и доаѓаат да прават зграда, да ни го копаат паркот. Ова е навистина нечуено. Сите сме вознемирени, излеговме постарите, бидејќи нашите се млади и се на одмор. И тие тоа го искористуваат“, вели Душка Лазовска.

Жителите нè информираа дека по нивната реакција, работниците и механизацијата по кратко време се откажале и заминале од паркот на Букурешка улица.

„Ако треба, сите ние старите ќе застанеме пред машините. Не смее да се копа. Кога ќе дојдат младите што ќе речат – вие баби дозволивте да ни се копа паркот, каде што и млади и студенти и деца си играат. Тие го користат овој најтрагичен ден“, вели Лазовска.

Љубица Кондианова тргнала на лекар. Кога ја видела механизацијата веднаш застанала во паркот и спречувала секаков обид за градежни активности. Реагирала и до соседите и за кратко се собрале во поголем број. Вели дека нивна обврска е да се заштити она што е зелено за идните поколенија.

„Поука треба да ни биде она што се случуваше пред некој ден. Верувајте, уште не поминал ужасот од она што го видовме на телевизиите, веќе мораме овде да ги гледаме работниците што треба да бидат на местата опфатени од поплавите, кои што можеби треба да вадат сè уште преживеани луѓе од таа кал, ги носат овде да уништуваат еден и единствен останат парк во Тафталиџе 1. Што душа се носи во овој народ? Дали се размислува за идните поколенија? Која пара и да се земе, мора да се троши во оваа држава“, вели таа.

Љубица Кондианова

Жителите на Тафталиџе неколкупати реагираа со протестни собири на доаѓање на градежна механизација. Првиот пат ги срушија тарабите кои го оградуваа просторот. Велат дека имаат доставено петиција до Општина Карпош да не се копа на тоа место.

„Се надеваме дека ќе победи разумот, дека оваа катастрофа од саботата ќе покаже дека треба да се грижиме за околината, не само за нашите станови пред врата, туку и надвор од тоа. Мораме да се бориме за секое тревче и секое ливче, а не пак за парк и дрво. Апелирам да престане ова, додека не се случило нешто уште пострашно. Како тргнало, нас нè чека државна катастрофа. Природата, кога и да е, ќе ни дојде и до врата“, вознемирено зборуваше Кондианова.

Граѓаните покажаа имотни листови на кои е наведено дека земјиштето е во државна сопственост и е наменето за парк. Тие велат дека пренамена на земјиштето во локација за станбен објект нема.

Од Општина Карпош во неколку наврати претходно соопштија дека зграда на таа локација е планирана уште во 2003 година и за неа е издадено одборение согласно законските прописи.

Извор: Радио МОФ

Слични содржини

Активизам / Јавни простори
Јавни простори / Став / Екологија
Активизам / Јавни простори / Екологија
Активизам / Јавни простори / Екологија
Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото