Успеавте оваа голема трагедија да ја претворите во пародија!

12.08.2016 10:28
Успеавте оваа голема трагедија да ја претворите во пародија!

Реакција на веста „По Заев, и Груевски се фати за лопата во погодените подрачја“

 

Успеавте оваа голема трагедија да ја претворите во пародија! Навистина не можам да ве разберам. Имате ли граница на пристојно однесување? Свесни ли сте дека на туѓа несреќа печалите евтини, мизерни политички поени? Кловнови едни, комедијанти, лицемери!

Тебе треба да ти поверуваме дека ти се важни другите луѓе, тебе кој бараше онака, пред сите, да му удрат два-три, пет јаки шамари на градоначалник избран во тешка борба со твоите гладијатори?!

Тебе, кој уживаше во уривањето на станбениот комплекс „Космос“ и се церекаше, уживаше во болката на сопственикот, кој ете тебе дошол да те моли, а му течело низ ногавици?!

Тебе, кој нарачуваше Мерцедес специјална класа од 600 илјади евра со монитори на задните седишта, за да можат твоите деца да си гледаат цртани филмови кога ќе ги возат, ама никој да не ве види?

Тебе, кој си донесе закон државата да ти плаќа телохранители, возило, возач, толку години колку што си бил премиер, што значи отсега па натаму најмалку 10 години!

Тебе, што сотираш сè што не е по твој терк, од плоштад, зграда, историја, до луѓе-новинари, медиуми, разни професионалци?!

И сега, кога тебе те кренаа на клоци во поплавените подрачја, затоа што и во агонијата во која се наоѓаат овие луѓе знаат дека ти си последните 10 години на власт и дека заради твојата политика тие се жртви на неизградената атмосферска канализација, неисчистените канали, соголените ридови, аматерите по државните институции, твои послушници и полтрони - ти реши да влезеш во калта и да чистиш!

Не ти помина паунизирањето со твојата, малобројна веќе но послушна свита, и реши да правиш исто што и Заев. Вистина, мислам дека и од него е доста, покажа со личен пример, но веќе е доста, бидејќи некако многу спонтани и случајни фотографии и видеа се вртат по социјалните мрежи и некои медиуми.

Но, на селанецот од Муртино му личи бе, Груевски, и кофи со кал да носи, и да рине со лопата, па нели селанец е? Нели му се потсмевавте преку твоите пропагандни машинерии на тој „сељакот од Муртино“, на тој што садел краставици.

Но, ти си патетичен во гумените чизми, со лопатата и кофите кал во раце, обложени со гумени ракавици, за да не ги извалкаш, или не дај боже некој плускавец да заработиш.

Фаќањето за лопата во вакви трагични ситуации, од страна на политичари, кои и да се, е со симболична порака во светот. Заради поддршка и поттик. Но, оттука натаму мудрите политичари се повлекуваат, за да не им пречат со своето присуство на тие што вистински треба да ја сработат работата. И ги координираат и организираат преку институциите, стручните служби и надлежните. За да функционира сè ефектно, ефикасно и брзо.

Ги снемува од видното поле на јавноста. Сè додека работата не се заврши, додека луѓето не се згрижат, а на оние што изгубиле членови на своите семејства им се помогне и стручно и во погребување на нивните најмили.

Имате ли конкретен план колку ќе трае расчистувањето, колку време ви треба, кога ќе ги санирате куќите, водоводите, кога ќе им вратите струја во домовите? Направивте ли ребаланс на буџетот за ова? Од што ќе скратите? Ќе престанете ли да го подривате коритото на Вардар, бидејќи утре некој друг дожд може сите да нè однесе во Белото море, заедно со вашите скапоцени и бесмислени мостови и статуи!

Извор: Фејсбук профилот на авторката