1029 hPa
86 %
0 °C
Скопје - Нед, 19.01.2025 20:59
Се сеќавам како беше (можеби уште е) уреден кабинетот на министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Ќе се сетите и вие. По ѕидовите беа наредени разноразни лопати, вертикално поставени во некакви сандаци со стаклени покрови. Мене ми наликуваа на мртовечки сандаци. Си велам, длабоко во себе, биле свесни дека секој од нив претставува по една мртва инвестиција. Тие лопати беа почесто фотографирани од кој било просечен Македонец на летен одмор. Беа гордо превртувани, осветувани, пренесувани од рака на рака. После нив – прашина. После нив – потоп.
И бидна потопот. Бидна, затоа што оваа држава живее на ветувања. Дише на шкрги. На плитки здивови кои ги зема за време на предизборните кампањи. Бидна потопот затоа што, во недостаток на долгорочна стратегија, вождот не планира подалеку од една до две години. Вождот го интересира појавноста, фасадата. Оздола, може да врие од гнилеж и пацови, ама однадвор – да се види, или барем да изгледа, дека се гради. Да гледаше барем милиметар подалеку од гласачката листа, ќе знаеше дека „кај што течела река, повторно ќе тече“. Немаше да ги нареди оние барокни лего-коцки, мостчиња и галии во коритото на Вардар. Знаеме дека подрумските простории и паркинзите на новите згради се веќе полни со вода. Што подземна, што од дожд. Прашањето е што ќе се случи кога природата ќе возврати следен пат. Кога Вардар ќе го однесе целиот тој пловечки циркус со себе.
И бидна потопот. Однесе и човечки жртви. Зави во црно цели фамилии. Уништи илјадници иднини. Можеби ќе беше поинаку ако лопатите се применеа за канализациска мрежа, за вистински автопат. Можеби и немаше да биде поинаку, ама барем граѓанинот-кој-беше-премиер ќе можеше со чист образ да им помага на останатите волонтери кои навистина сакаат да помогнат. Немаше да биде исвиркуван и плукан, немаше да му тежи товарот дека не направил ништо од тоа што морал да го направи. Кој знае дали воопшто го препознава товарот, ако јас се прашувам.
Уште една работа. Трагикомичен е обидот да се прикаже дека вождот ги држи работите под контрола. Повеќе трагичен отколку комичен. Подобро е да не се појавува во загрозените подрачја и да им гази на маките на луѓето. И друга работа, ако веќе инсистира да позира пред камери (макар и телефонски) нека му објасни некој како се држи лопата и како се носат заштитни ракавици. Еве, јас ќе пробам. Гумениот, да не речам заштиотниот, дел од ракавицата треба да ја штити дланката од појава на плуски. Тоа значи дека гумата треба да меѓу дланката и лопатата, за да го ублажи триењето. Тоа, пак, значи дека бојата на гумата е ирелевантна. Иако, не верувам дека случајно е портокалова.
Заштитниот слој на ракавиците не е моден детаљ, а Македонија не ти е играчка, контра-лопатару еден!
Извор: Фејсбук профилот на авторката