Надлежните институции потфрлија во превенцијата и справувањето со последиците од поплавата

12.08.2016 13:48
Надлежните институции потфрлија во превенцијата и справувањето со последиците од поплавата

На 06.08.2016 година, градот Скопје беше зафатен од големо невреме и поројни дождови, на одредени делови од градот настана голема поплава која зафати неколку градски подрачја и целосно ги уништи. Во поплавата досега официјално животот го загубија 22 лица, 6 лица се водат како изсчезнати, а околу стотина се повредени. Извори од терен и социјалните мрежи јавуваат број неколку пати повисок од официјалната бројка на загинати лица. Овој црн биланс на загубени животи можеше и требаше да биде избегнат, ако надлежните институции и тела за справување со кризи целосно ги исполнеа своите законски обврски на превенција и постапување во случај на поплави. Поради овие причини, Хелсиншкиот комитет смета дека има обврска да ја извести јавноста за обврските и мерките што би требало да ги преземат надлежните институции, а со цел да се избегне катастрофа од вакви големи размери.

Обврски и одговорности на институциите

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) пред елементарна непогода-поплава има надлежност и обврска: да ги регулира водотеците, да изврши изградба на заштитни објекти, да обезбеди навремено известување и тревожење на населението на загрозени подрачја, спроведување на евакуација на населението и материјалните добра од загрозеното подрачје, да обезбеди премин и превоз преку вода. Дополнително, изработува и донесува планови за заштита и спасување при поплави. Во рамки на изработката на плановите се користат: водостопанската основа на РМ, водостопанската основа на загрозеното подрачје, просторен план на РМ, постојана хидротехничка документација за водотеци, езера, брани и слично, хидрометеоролошки податоци, прогноза за опасност од појава на поплави.

По поплавата ДЗС има обврска да ги одржува и санира оштетените делови на заштитените објекти, да ги спасува загрозените луѓе од погодените подрачја, да црпи вода од поплавените објекти и да ги извлекува загрозените и настраданите. Дополнително, ДЗС треба да го обезбеди населението во поплавените подрачја со основни услови за живот и да учествува во санирање на последиците предизвикани од поплавата.

Центарот за управување на кризи (ЦУК) е задолжен за обезбедување целосна организациска, административна и стручна поддршка на телата и субјектите во системот за управување со кризи. Во време на криза, ЦУК е надлежен да ги координира сите активности и тимови за управување на кризата и предлага мерки и активности за разрешување на кризната состојба.

Освен овие органи, надлежности при спасување имаат:

1. Собранието на РМ - донесува Национална стратегија, одлучува за висината на средствата за заштита и спасување, прогласува ден за заштита и спасување;

2. Владата на РМ - изготвува Национална стратегија за заштита и спасување, носи одлука за формирање на сили за заштита и спасување, одлучува за евакуација и носи Процена на загрозеност од природни непогоди и други несреќи;

3. Органи на државната управа

Овие институции се оние кои имаат најголема надлежност на полето на превенција на елементарни непогоди и поплави. Но, превенцијата и итното постапување при поплави е област за која е надлежен цел еден систем, во кој покрај овие има и други институции – Управата за хидрометереолошки работи, Министерството за внатрешни работи, Црвениот крст на РМ, Министерството за здравство, Единиците на локалната самоуправа, Противпожарните единици и други.

Фактичка состојба

Во деновите по поплавата, се забележа несоодветна координација на одделните компоненти во системот за управување со кризи, несоодветно постапување на одделните институции и тела и крахирање на системот во целост. Превентивните планови и мерки со години беа занемарувани, а мерките на заштита и спасување беа несоодветно и недоволно квалитетно спроведени. Уште повеќе, функционерите во Владата на РМ кои се членови во Управувачкиот комитет покажаа уште еднаш дека се заинтересирани повеќе за оставање впечаток дека работат на санирање на последиците од поплавата, отколку на самото санирање на последиците. Шест дена по поплавата, сè уште има семејства и куќи кои немаат пристап до најосновните намирници (вода и храна), додека мерките за здравствена заштита и спречување на заболувања и епидемии сè уште не се применуваат.

Согласно горенаведеното и согласно информациите од теренското набљудување Хелсиншкиот комитет дојде до следните заклучоци:

1. На ден 25.09.2007 година, Владата на РМ има донесено Одлука за процена на загрозеност од природни непогоди, епидемии, епизотии, ептитофии и други несреќи на територијата на РМ заведена под број бр.19-4911/1 објавена во „Службен Весник“ на РМ бр.117/07. Оваа процена е донесена врз основа на податоци од последниот Попис во 2002 година. Процената се врши врз основа на број на население, изградена инфраструктура, хидротехничка документација за водотеци, езера и брани, водостопанската основа на РМ. Од денот на донесување на оваа Процена до денес се поминати скоро 9 години, па се поставува прашањето зошто Владата на РМ нема донесено нова Процена на загрозеност од природни непогоди и други несреќи која ќе се базира на нови податоци кои ќе соодвествуваат со реалната фактичка состојба;

2. Согласно член 26 од Законот за заштита и спасување при ДЗС се формираат тимови, за брз одговор од разни видови специјалности (од вработените на ДЗС и од стручни лица и органи на државната управа, јавни претпријатија, експерти сл.). Оваа законска обврска не беше исполнета, затоа што вечерта на непогодата и периодот потоа, на лице место на погодените области, немаше ниту доволно персонал, ниту механизација.

3. Во јавноста сè уште нема официјални информации за здравствените ризици и изложеноста на жртвите од поплавите на таквите ризици. Во јавноста исто така нема информации за тоа дали доктори-епидемиолози и специјалисти по хигена од Институтот за јавно здравје и Секторот за превентивна здравствена заштита при Министерството за здравство на РМ, извршиле процена на здравствениот ризик по настанатите поплави, односно процена за можноста за појава на заразни болести кај населението. Согласно член 9 од Законот за заштита и спасување, Владата на РМ, и Советот на град Скопје донесуваат годишна програма за заштита и спасување. На официјалните интернет страни на надлежните институции нема никакви податоци за оваа програма.

4. Во 2010 година, Владата на РМ врз основа на член 50 од Законот за заштита и спасување има донесено Уредба за спроведување на мерката заштита и спасување - евакуација на население, со која се уредува спроведувањето на евакуацијата на населението, во рамките на мерките за спасување и заштита. Според следењето на ситуацијата на терен, Владата на РМ не постапила согласно одредбите на оваа уредба и населението што е загрозено од поплавите не е евакуирано.

5. Република Македонија е членка на ИНТЕРПОЛ и со тоа има обврска да го спроведува Протоколот на ИНТЕРПОЛ за идентификација на жртви настрадани во катастрофа (Disaster Victim Identification - DVI). Овој протокол наложува идентификацијата на жртвите да ја вршат експерти од Институтот за судска медицина со земање на отпечатоци и вршење на ДНК анализа затоа што при настанати катастрофи, ретко е возможно жртвите да бидат визуелно препознаени и идентификувани. По поплавата, Институтот се изјасни дека ниту една институција нема побарано од нив да излезат на терен и да преземат соодветни мерки во насока на идентификација и постапување со телата на загинатите. Протоколот на ИНТЕРПОЛ за идентификација на жртвите при катастрофи не е испочитуван и Јавен обвинител нема издадено наредба за обдукција на телата на починатите.

6. Хидрометеоролошкиот завод на РМ, како орган што ги следи хидрометеоролошките услови не издаде предупредување за опасното невреме, со цел населението да биде подготвено за големото невреме. Официјалната изјава од оваа институција е дека станува збор за „водена бомба“ која никој не можел да ја предвиди и да се подготви за неа, евидентирано е дека најмалку еден ден пред поплавата на приватни интернет портали се забележуваат предупредувања за невреме од ваков тип.

7. Во јавноста, експерти од областа на архитектурата изнесоа свое експертско мислење за изградбата на новата обиколница кои истакнаа дека оваа обиколница не била градена согласно одредбите од Законот за градење и според Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање. Бараме од надлежните институции да ги испитаат овие тврдења и доколку се покажат точни, случајот да се проследи до надлежното Основно Јавно Обвинителство за да се утврди одговорноста на сите инволвирани во планирањето и изведувањето на обиколницата. Одговорните треба да да се гонат според член 292 вв со член 294 од КЗ, односно тешки дела против сигурноста и неостранување на опасност.

Хелсиншкиот комитет смета дека е сторен огромен пропуст во преземањето на превентивните мерки за заштита, како и во начинот на справување со елементарната непогода што го погоди подрачјето на градот Скопје. Надлежните државни органи не ги презеле законски определените превентивни мерки. Процената на загрозеност од природни непогоди е застарена и не соодвествува со реалната фактичка состојба, никакво предупредување не беше упатено до граѓаните да се подготват за силното невреме, одводните канали и голем дел од канализациската мрежа не биле исчистени, а ниту пак биле изградени заштитни објекти.

Органите на државните управи континуирано покажуваат дека не само што немаат капацитети да се справат со оваа криза, туку и постапуваат спротивно на позитивните законски прописи. Ваквото постапување на органите на државната управа по настаната поплава и непреземањето на превентивните мерки за заштита, се директни виновници за црниот биланс на жртвите настрадани во оваа катастрофална поплава. Во овие моменти е најзначајно да се обезбеди помош и заштита на жртвите од поплавата, но Комитетот очекува надлежните институции во најкус можен рок да ги преземат потребните мерки за утврдување на одговорност кај надлежните институции и лицата кои придонесоа за потфрлањето на системот за превенција и заштита од поплави.

Извор: mhc.org.mk