Интервју со историчарот Тимоти Гартон Еш

27.05.2010 12:15
Тимоти Гартон Еш

„Западниот Балкан конечно ќе влезе во ЕУ во текот на следната деценија“, вели водечкиот европски историчар и професор по европска историја на оксфордскиот Сент Ентони колеџ, Тимоти Гартон Еш.

Професорот Еш е единствениот по тоа што е сведок на сите „револуции“ во источниот блок, од Полска, преку Чехословачка, па до Србија пред 10 години. За сиве овие настани остави впечатливи и незаобиколни книги за секој што има намера да се занимава со историјата на Централна и Источна Европа.

Постоеја мислења дека згоден симболичен датум би можелa да биде 2014 година, на 100-годишнината од почетокот на Првата светска војна, кога започна распадот на дотогашна Европа, но нашиот соговорник не верува дека тоа ќе се оствари. Повеќе смета дека тогаш „Западниот Балкан ќе биде длабоко навлезен во преговорите со ЕУ“. Што се однесува до Косово, Еш гледа во правец кој е поинаков од симболот: треба симболичните прашања да се остават настрана, „да се спуштат знамињата“ и да се свртиме кон реалните проблеми.

Србија годинава ќе одбележи 10 години од промената и падот на Милошевиќ. Другите земји ќе одбележат две децении од почетокот на транзицијата. На многу од овие промени лично сте присуствувале. Во последната книга „Фактите се субверзивни“, ја нагласувате сложената природа на овие промени кои најчесто претставуваа мешавина од демократски напори, еден вид меѓународна завера и измена на структурата на безбедноста на тие земји. Како ги гледате сиве овие промени по две децении?

Моделот на овие револуции е сосем нов. На крајот имаме нов модел кој е ненасилен и преговарачки, и кој има некаков двосмислен исход. На некој начин, тоа се „преговарачки“ или „договорени“ револуции. Вие не сте му ја отсекле главата никому, а тоа има последици по природата на тие настани. Ни новите лидери не се најсјајни. Поради тоа општествената трансформација трае долго. За Балканот, како и за Централна Европа, подобро е да погледнат наназад по дваесет години бидејќи тогаш нештата се многу појасни. Ако во Србија по 20 години погледнете наназад, ќе можете да кажете „Добро беше што тоа го сторивме на тој начин“.

Деновиве ЕУ е ставенаа на големи искушенија. Во кој правец ќе се движи обединувањето на Европа, бидејќи тоа е важно и за судбината на настаните од пред 10 години?

Во политиката морате да правите многу нешта во исто време. Ние, несомнено, треба да го спасиме еврото како што ни е потребно и проширувањето за да го вклучиме Западниот Балкан, да ја одржиме перспективата за Турција и Украина. Потоа, во следните десет или дваесет години, прашањето за Европа ќе биде односот на Европа и неевропскиот свет, Европа и светот во подем кој не е западен – Кина, Индија, Бразил, Јужна Африка.

После оваа криза Европа нема да биде иста.

Таа може да биде посилна, а може да биде и послаба. Може да се консолидира, а може и да се распадне.

Тоа се два многу различни исходи кога станува збор за проширувањето.

Иако нема голема желба за проширувањето на ЕУ, Западниот Балкан ќе влезе во Унијата во текот на идната деценија. Згоден симболичен датум би била годишнината од Сараево 1914, но многу пореално е дека тие денови Западниот Балкан ќе биде длабоко навлезен во преговорите за приклучување во ЕУ. Големо прашање се Турција и Украина. Тоа и е големо стратешко прашање. Постои голема воздржаност овие две земји да се најдат во Унијата.

Која симболика ја гледате во 100-годишнината од почетокот на првата светска војна?

Тоа е почетокот на распадот на Европа. Сега процесот е обратен. Во тоа ја гледам симболиката. Тоа е начин да покажеме дека мислиме за историската димензија и да кажеме дека тоа не е само тактичко прашање за оваа или онаа земја, туку дека има стратешка и историска димензија.

Вие зборувате за потребата од нови стратегии во меѓународните односи. За каква стратегија се работи?

За нас најважното прашање е, ако гледаме стратешки и долгорочно, дали светот во 21-от век ќе наликува на светот од 19-от век. Дали тоа ќе биде Европа со големи, силни, моќни и суверени држави кои се борат и се натпреваруваат меѓу себе или да ја држиме таа конкуренција во границите на одредена група правила како што е тоа случајот меѓу членовите на еден клуб. Она што го постигнавме во Европа и 20-от век е тоа дека успеавме да го регулираме тој натпревар, европските нации да се натпреваруваат во тие рамки. Ако направиме светот на крајот од 21-от век да личи на Европа од крајот на 20-от век, тогаш ќе постигнеме огромен успех.

Како се помести рамнотежата на моќта? Дали моќта се помести од воените кон помеките облици?

Не. Не мислам дека е така. Постојат воена и економска моќ, но и елементи на мека моќ кои би ги нарекол моќи на „заведување“. Европа ќе има помала воена, а поголема „мека“ моќ. Не можеме да постигнеме сè што треба да се постигне само преку „меката“ моќ.

Зошто сега ни е потребна толку значајната воена моќ? Имавме Студена војна со неверојатните воени арсенали на двата блока, за сето тоа на крајот да стане сосем бескорисно и да заврши како старо железо?

За жал, луѓето се глупави. Тие користат оружје. Ако го имаат, тие се во искушение да го искористат. А вие морате да се заштитите. Човечкиот вид е таков. Тој во историјата не докажа дека е подготвен да се воздржи од користење и употреба на сила, дури и кога имал можност за тоа. Меѓутоа, повторувам, нашиот главен инструмент нема да биде воената моќ. Тоа ќе биде економската и меката моќ, како во Европа кон крајот на 20-от век.

Сите нас нè интересираат последиците од новата влада во Велика Британија.

Велика Британија ќе стане повеќе проевропска. Владата настана на основа на поделба на власта и тоа ќе ја промени нашата политика и нашиот изборен систем. Британија повеќе нема да биде иста. За мене тоа е многу возбудлив момент бидејќи ќе го промениме нашиот застарен политички систем. Потребен ни е посовремен.

Паралела Косово-Србија/Северна Ирска-Република Ирска

Многу нешта се случија на Балканот последниве две децении – војни, распаѓања на држави, промени на влади. Едно прашање што остана е Косово, не само за регионот, туку и пошироко.

Ние често зборуваме за изградбата на државите. Мислам дека треба да мислиме за изградбата на „земјите-членки“. Што значи тоа? Тоа значи дека Србија, Црна Гора и Косово треба да бидат членки на ЕУ. „Земјите-членки“ на Европската унија се сосем поинакви од националните држави од 19-от век. Србија, Косово и Црна Гора треба да се градат како „земји-членки“. Ако го погледнете примерот со Северна Ирска и Ирска, ќе видите дека Северна Ирска е дел од Обединетото Кралство, а Ирска е сосем независна држава. Реалноста е таква што постои огромна поврзаност на двете територии. Тоа е можно само во рамките на ЕУ. Во долгорочниот национален интерес на Србија е Косово да биде во Унијата, со сите видови специјални односи кои ќе бидат можни. Потребно да се отфрли симболичното прашање, знамињата, националните химни и да се почне разговор за реалноста во која живеат луѓето.

„Кадифени“ и „обоени“ револуции

Тимоти Гартон Еш е доследен бранител на „кадифените револуции“. Тој верува дека две децении се оптимален период кој е неопходен за прилагодување на она што го носат овие револуции. Дали тоа е многу или малку? Што е „револуционерната содржина“ во тие настани кои се потпираат на масовноста, за потоа истите тие маси да станат сè пообесправени, додека во социјална смисла не бидат сведени на ниво слично на лумпенпролетаријатот од почетокот на англискиот капитализам и париските предградија?

Еш не е подготвен овие настани да ги оцени како целосни револуции, туку како процес на преминување во „демократскиот табор“ кој носи бројни и сложени обележја. Професорот Еш и самиот беше сведок на настаните во Србија од пред десет години. Тој го оцени 5-ти октомври како мешавина од „демократското незадоволство на народот, западното мешање, класичните византиски завери и државен удар“. По 20 или 10 години, Тимоти Гартон Еш повторно ја нагласува сложената структура на настаните кои станаа познати како „кадифени“ или „обоени револуции“.

„Не може премногу силно да биде нагласено дека овие движења настанале од условите во секоја од овие земји во кои дојде до нив. Мора да се каже, постои западна вмешаност, некогаш јавна, некогаш скриена, но во ниеден случај не може да се тврди дека таа беше решавачка. Обвинувањата за западната завера најчесто се дел од локалната игра чија намера е да се дисквалификуваат локалните опозициски лидери во очите на антизападното мнение и да се оправдаат мерките кои се преземаат против нив“, вели Еш.

„Дали кадифените револуции имаат или немаат иднина, во голем степен зависи од способностите на луѓето кон кои се однесуваат тие, но исто така, кадифената револуција во помал степен зависи и од нас“, вели тој. „Тие настани немаат, се разбиира, еден, туку имаат два субјекта: народот кон кој се однесува тоа и „нас“. Кои се тоа „ние“? Ние – ако тоа ми значи либералните демократи и демократите – не сме набљудувачи во оваа историја. Ние – како странските новинари кои пишуваат за тие настани – исто така сме во одреден степен нивни учесници“, објаснува Еш.

Извор: danas.rs