Владеењето на правото е за да се казни и да се спречи злоупотреба

13.08.2016 11:06
Владеењето на правото е за да се казни и да се спречи злоупотреба

Вмешувањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во активностите на државните институции поврзани со санирањето на последиците од поројниот дожд во Скопје и околината, го привлече вниманието на голем број медиуми.

Во дел од медиумите се пласираа написи во кои неговото учество во координацијата на функционирањето на државните служби било директно или пак со отсуство на соодветна анализа, се претставува/перцепира како нешто сосема нормално и дури и со многу позитивен ефект.

-Груевски на терен меѓу најпогодените- надлежните прават максимални напори за санација на штетите
-По посетата на Груевски, службите веднаш на терен во Бутел да го исполнат барањето на граѓаните
-Груевски: Итно ќе набавиме илјада пумпи за до утре да нема домови под вода
-Груевски: Итно ќе се набават илјада пумпи за испумпување вода
-Половина час по посетата на Груевски, веќе се исполнува ветувањето кон граѓаните на Бутел
-Груевски на два дена по поплавата ветува: Итно ќе се набават илјада пумпи за испумпување вода
-ГРУЕВСКИ ОД ЛИЦЕ МЕСТО ЈА РЕШАВА СИТУАЦИЈАТА: Груевски пристигна во критичните места – на лице место ги решава проблемите!

Во помал дел од медиумите информацијата е проследена со прашање и/или анализа во која се адресира несоодветноста на појавувањето на Груевски во улога на државен функционер и човек кој им дава задачи на државните функционер, односно, раководи со државните институции

-Груевски од Турција се врати како врховен командант, премиер и претседател на држава
-Груевски ги девалвира институциите
-Груевски во поплавените региони – дојдов, видов, наредив и се сликав!
-ВИДЕО: Риалитишоу на Груевски – претседател на партија му дава наредби на премиерот за поплавите

Само во мал број текстови, овој и ваков настап на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се идентификува како показател на спојувањето на државата и партијата (проблем кој е посочен во извештаите за Република Македонија како клучен во натамошниот напредок во изградбата на државата како демократска држава во која владее правото).

Тој на јавна сцена ни посведочи дека партијата не e одвоена од државата.

Во ниту еден од медиумите не е дадено аргументирано и соодветно објаснување за тоа зошто е проблематичен настапот на Груевски во конкретната ситуација и какви се последиците од ваквото дезавуирање на органите на државата.

Тоа што во медиумот се дадени дури и директни примери како Груевски издава наредби на државните органи, не е доволно без соодветно објаснување во што се состои проблемот и зошто ваквиот начин на однесување значи дека во Македонија нема поделба меѓу партијата и државата

„Вечер да има уште една седница на Влада, таму прецизно да се договорите кој што ќе прави“, „Во оваа белава куќа пратeте четворица војници да помогнат во расчистувањето“, „Шабан да обезбедиш утре 250 луѓе“.

Медиумите пропуштија да и свртат внимание, но и да ѝ објаснат на јавноста како се манифестира спојувањето на партијата со државата и кои се негативните последици од едно вакво спојување.

На пример, во неколку медиуми (дури и во насловот) е укажано на спојување на сите функции во еден човек (Груевски од Турција се врати како врховен командант, премиер и претседател на држава), меѓутоа ова не е ставено во контекст на една од карактеристиките на секоја демократска држава, а тоа е поделбата на власта, и логиката која што стои зад поделбата на власта. Една од најважните придобивки е да не функционира државата со капацитетот на еден човек туку секој од функционерите, заедно со своите тимови да придонесува максимално за добробитта на граѓаните. Ако конкретен функционер потфрлил – нема да му простиме туку ќе го промениме. Ако конкретен функционер наместо да работи си ги полни џеповите – тогаш стапува на сцена уште една придобивка од поделбата на власта – меѓусебна контрола на различните видови на власт и ограничување на самоволието.

Активностите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не се ставени ни во контекст на одговорноста, како суштински елемент на демократската држава во која владее правото.

Прво, во исклучително мал број од медиумите е направена анализа на барањата кои ги поставува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ кон претставниците на власта во контекст на остварувањето на овие задачи за периодот кога тој се наоѓа во позиција да одлучува како премиер на државата (асфалтирање на улици, набавка на опрема, направени анализи…), за што може да се побара одговорност од него како поранешен премиер кој во текот на своето раководење дозволил таков вид пропусти кои довеле до човечки жртви и до големи материјални штети.

Второ, медиумите не го поставуваат прашањето за дезавуирањето на одговорноста на актуелните функционери во власта со ваквиот начин на делење на задачите. Имено, во ваква ситуација, се поставува прашањето за тоа чија одговорност ќе бидат последиците од преземените дејствија (на соодветниот државен службеник или на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ)?

Активностите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не се ставени во контекст ни на еден многу поширок проблем – лаицизмот во управувањето со државата (интересен исчекор во оваа насока е направен во колумната: „Кој го удави Скопје“) . Имено, во дел од медиумите многу опширно се пренесени насоките кои ги дава претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на државните органи, меѓутоа, не е поставено прашање: врз основа на што се даваат вакви насоки за делување (кои се среднорочни, па и долгорочни по својот карактер), врз основа на кои податоци, анализи, експертски сознанија, истражувања?

„…на денешните средби со неколку министри и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, побараа да се направи канал и за регулирање на Црешевска река. Според нив, потребно е и да се направат канали на трите реки што поминуваат низ селото.“ (Груевски и Заев на терен, помалите партии бараат одговорност од надлежните)

„Жителите во разговорот со Груевски побараа да се најде и целосно решение за овој дел од општината со изградба на атмосферска канализација. Во тој контекст, градоначалникот на општина Бутел Латиновски информира дека веќе се размислува за изградба на атмосферска канализација која ќе ги прибере водите од тој дел од општината кон реката Серава.

….Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски истакна дека дел од водите коишто се создаваат во услови на поинтензивни врнежи може да се решат и со нивно поврзување со атмосферската канализација која ќе се гради долж обиколницата, а за што рече треба да се направи соодветен проект во соработка со Градежниот факултет.“ (Груевски ги посети жителите на Бутел оштетени од поплавите)

Токму овој настап може да послужи како основа за поставување низа прашања поврзани со претходно донесени одлуки кои можеби довеле до ваков вид последици од еден пороен дожд (врз основа на што биле носени одлуките, каков вид експертиза бил користен, со кои податоци располагале тие кои одлучувале).

И токму ваквиот настап во кој се манифестира евидентен лаицизам во носењето одлуки, може да го исфрли повторно на површина прашањето за одговорноста на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за периодот кога донесувал одлуки од позиција на премиер на државата.

Главна задача на медиумите во вакви ситуации покрај неизбежното сочуство со настраданите, е веднаш потоа да ја искористат секоја можна ситуација да го постават прашањето за одговорност на оние чија надлежност била/е да се грижат за добросостојбата на граѓаните и да поттикнат таков след на настани кој во иднина ќе спречи/ќе ги намали последиците од вакви и слични трагични настани.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).