Што има деструктивно во барањето оставка на виновниците за деструкцијата од поплавата?

15.08.2016 01:53
Што има деструктивно во барањето оставка на виновниците за деструкцијата од поплавата?

Никола Груевски на вчерашното ТВ-гостување кажа дека било деструктивно барањето на оставка на градоначалникот на Скопје.

Но, да видиме што е деструктивно:

1. Деструктивно е да инвестираш десетици милиони евра во економијата на Фиренца по наредба на „пастирот“, а да не изградиш ефикасен систем за заштита од поплави на Скопјe кога знаеш дека и најмал дожд предизвикува поплави во делови од градот.

2. Деструктивно е да дозволиш неказнета сеча на шумите за своите партиски членови, да ја оголиш Скопска Црна Гора и со тоа да го изложиш Скопје на поплави.

3. Деструктивно е да не ги предупредиш луѓето за невремето и последиците од него откако си вложил во современа автоматска метеоролошка станица и јавно си се пофалил дека мерењата ќе бидат со точност од 99%.

4. Деструктивно е да ги лажеш луѓето дека 93 литри дожд на метар квадратен е непредвидлива катастрофа што се случува „еднаш во илјада години“, знаејќи дека во 1979 година во Скопје има наврнато 110 литри на метар квадратен!

5. Деструктивно е да не ѝ наредиш веднаш на сообраќајната полиција да ги спречува граѓаните да патуваат на поплавената обиколница и другите поплавени делови од градот.

6. Деструктивно е да изградиш обиколница која создава вештачко езеро при поголеми дождови и го загрозува животот не само на возачите, туку и на илјадници граѓани околу неа.

7. Деструктивно е да не изградиш заштита од прелевање на Смилковското езеро.

8. Деструктивно е да не испратиш доволно тимови за спасување при катастрофата.

9. Деструктивно е да не издадеш наредба за дополнителна евакуација на загрозеното население, и тоа кога временската прогноза предупредува дека повторно ќе паѓа многу дожд ден после поплавата.

10. Деструктивно е да не спроведеш итна асанација на теренот, за да се спречи епидемија од заразни болести.

11. Деструктивно е да не им дадеш јасни упатства на загрозените граѓани како треба да се справуваат со последиците од поплавата.

12. Деструктивно е да ги оставиш граѓаните без атмосферска и фекална канализација или да ставаш канализација (со учество на граѓаните) со мал капацитет кој не ги задоволува потребите.

13. Деструктивно е да го блокираш сообраќајот до поплавените куќи за пропагандните потреби на политичарите.

14. Деструктивно е да ги дискриминираш жртвите од поплавата по етничка или политичка основа.

15. Деструктивно е да не ги информираш навреме граѓаните за здравствените ризици и да не преземеш навремени мерки за отстранување на ризиците.

16. Деструктивно е да не издадеш наредба за обдукција на телата на починатите.

17. Деструктивно е да не ги чистиш одводните канали, а парите за таа намена да ги делиш на твоите коалициони партнери или пропагандисти.

18. Деструктивно е да продолжуваш со изградба на Панорамско тркало од речиси 19 милиони евра, милионски фасади, и споменик од 5.6 милиони евра кога илјадници граѓани се дават во кал по твоја вина.

19. Деструктивно е да не ја испорачаш сета расположлива механизација и работна сила за потребите на граѓаните кои тонат во кал поради твоето деструктивно поведение.

20. Деструктивно е да го прикриваш точниот број на починати, исчезнати и повредени лица и да не чувствуваш никаква одговорност за огромните штети од поплавата.

Сето погоренаведено е деструктивно, а нема ништо деструктивно во барањето оставка на виновниците за деструкцијата.

Заклучок: Деструктивно е лажењето на Никола Груевски дека е деструктивно барањето оставка на градоначалникот на Скопје кој со своето деструктивно поведение е најодговорен за деструкцијата од поплавата.

Извор: Слободна Македонија, 14.08.2016
Слики: Александар Дојранлиев

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото