Политичарите и граѓаните кои НЕ заминуваат од Омелас

15.08.2016 02:46
Политичарите и граѓаните кои НЕ заминуваат од Омелас

Во својот расказ „Оние кои заминуваат од Омелас“, Урсула Ле Гвин го опишува среќниот живот на граѓните од утопискиот град Омелас. Улиците се големи, жителите се богато облечени, домовите се пространи, нема сиромашни, сите имаат сè што им е потребно, сите се среќни. При крајот на расказот, опишана е цената за оваа среќа: во еден тесен подрум, со заклучена врата и без прозорци живее изгладнето детенце. Детенцето ги гледа двете метли во еден агол и се плаши од нив, но не може да избега бидејќи вратата е секогаш заклучена, освен еднаш во неколку дена кога некој ќе дојде и набрзина ќе му фрли малку храна и вода. Тогаш детето го моли дојденецот да го пушти и ветува дека ќе биде послушно. Но никој не го пушта. Задникот и ноџињата на детенцето му се разранети бидејќи постојано седи во својот измет. Луѓето од Омелас знаат дека нивната среќа и удобност, како и убавината на нивниот град зависи од несреќата на детето – и го прифаќаат тоа. Само понекогаш, ретко, некој жител ќе замине длабоко во ноќта од Омелас и никогаш нема да се врати.

Во расказот на Ле Гвин не е дадена никаква логична причина зошто среќата на жителите од Омелас би зависела од несреќата на детето. Но кога човек живее во Македонија, ваква причина не е ни потребна, бидејќи преносното, симболично значење на расказот веднаш станува јасно. Богатството на дел од членовите на владејачката партија, добиено низ корупција, зделки склучени со мито, низ поставување функционери, директори и службеници врз основа на познанство и партиска послушност место стручност и компетентност, зависи од бедата во која треба да се втрунат другите граѓани на државата (кои во расказот на Ле Гвин ги симболизира детето) за да може министри, вајари, директори, архитекти, новинари, судии и други граѓани блиски на власта да живеат во пространи домови, да бидат богато облечени, да имаат сè што им е потребно.

Какви катастрофални последици може да има некомпетентноста и корумпираноста се виде за време на поплавите, кои предизвикаа човечки жртви заради, како што слушнавме од експертите, запуштени дренажни канали полни со шут, соголените падини на Скопска Црна Гора, сообраќајници изградени без канали за истекување на водата. Но човек и не треба да биде експерт за да сфати, од сликите на оштетената обиколница, дека оштетувања од такви размери не би смееле да се случат од поплава. Каде е отиден огромниот износ наводно потрошен за обиколницата? Секоја незаконска провизија, секоја исплата на прекумерна сума што ја добиле соработниците на власта а притоа не ја извршиле стручно работата е стекната по цена на мртвите тела на нашите, и нивни, сограѓани кога се случуваат вакви трагедии. А во помалку екстремна ситуација, богатењето од провизии и прекумерни исплати е стекнато со газење врз животот под секој цивилизациски стандард на уште стотици илјади сограѓани.

Но, дел од членовите на владејачката партија не заминуваат од Омелас, не сметаат дека едно несреќно дете е преголема цена за нивната удобност. Некогаш, не е видливо дека фушерајски направените проекти се фушерајски, а ако не се случи поголема временска непогода или хаварија предизвикана од човечки фактор, можно е да опстојуваат со децении, па така и Македонија опстојува со години (децении, векови?), врз основа на илузијата дека не е сè толку гнило, илузија што се урива само кога ќе се случи голема несреќа. Затоа што одговорните не се свесни дека зградите, инфраструктурата, начинот на функционирање на институциите треба да се градат и негуваат најквалитетно што може и дека влогот во тој квалитет е најисплатливата работа за едно општество. Неопходно е да се гради квалитетно и во случај никогаш да не се случи некаква несреќа за да, ако некогаш се случи, макар и еднаш во илјада години, нема трагедии од вакви размери како поплавите, што можеле да се спречат, да нема луѓе што ќе останат без своите домови, без струја и вода, а пред сè за да нема жртви.

Повремено, по некој жител на македонскиот Омелас си заминува длабоко во ноќта и не се враќа: со други зборови, работи чесно, не прифаќа некомпетентност, не го прифаќа профитирањето што се темели врз туѓата несреќа или го крева гласот против таквиот начин на функционирање. Но нивниот број е мал. Одговорноста несомнено во најголема мера лежи кај власта, но јасно е дека поголемиот дел од нејзините членови немаат воопшто дури ни свест дека секој човек има право на пристоен живот. Затоа, пак, секој граѓанин може да придонесе кон уривањето на Омелас со повеќе почит кон себеси и многу помалку стравопочит кон власта. Омелас ќе пропадне кога фирмите ќе одбијат да се јават на тендер за проекти засновани врз непотребно трошење на огромни средства, односно расипништво, како панорамско тркало, барокна фасада на ГТЦ, осветлување на крст во Аеродром; кога поголемиот број, а не само малкумина, судии, новинари, културни работници, професори, лекари, административни службеници и сите други граѓани ќе осознаат дека несреќата на едно дете е преголема цена за удобниот живот на еден слој луѓе.

Слики: Ијан Дејвис

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото