Зошто смеењето е заразно?

15.08.2016 12:33
Зошто смеењето е заразно?

За да разбереме дека некој е среќен, ние несвесно го имитираме неговиот израз на лицето, предизвикувајќи сеќавања на некоја сопствена радост. Ова е резултат на новото истражување од Универзитетот во Висконсин - до емпатија доаѓа со несвесна фацијална мимикрија.

Пола Нидентал и Адријан Вуд, психолози од Висконсин кои го воделе ова истражување, велат дека овој процес се случува во која било ситуација во која доаѓа до „читање“ на туѓите лица. По ваквото читање, ние многу суптилно и несвесно го „испробуваме“ истиот израз, и разбирање на емоционалното значење доаѓа во рок од неколку десетинки од секунда.

Ова ја објаснува и „заразноста“ на смеата, покрај тоа што според Нидентал и Вуд смеата е заразна бидејќи секој се сеќава на работи кои за него се духовити!

Проблеми се јавуваат ако способноста за имитација е слаба, или ако е отежната од перцепцијата на туѓите луѓе. Нидентал и Вуд откриле дека кај различни појави кои го отежнуваат фацијалното изразување, како што се парализа на лицето или оштетување на нервите по пластична операција, доаѓа и до проблеми со емпатијата.

Лицата со аутизам имаат друг проблем – најчесто недостаток на контакт со очите. Сепак, според Нидентал, ако тој внимателно се предизвикува, резултатот може да биде „спонтана или автоматска фацијална мимикрија.“

Во случај некој цел живот да поседува еден од овие проблеми, како што е, на пример, личноста со вродена парализа, тогаш е уште потешко да се согледа намалената способност за емпатија – ако таа воопшто е намалена. Претпоставката на овие две научнички е дека во таквите случаи се развива алтернативен (компензаторен) систем на перцепција на емоциите и емпатијата.

Темата на имитацијата како алатка за разбирање на светот околу нас веќе извесно време е тема на истражување во областа на когнитивните науки. Еден од главните извори на популарноста на оваа тема е откривањето на т.н. неврони-огледала (англ.mirror neurons), невроните кои се активираат на ист начин, независно од тоа дали релевантната активност се врши или само се набљудува.

Слика: Агнес Тот, „Емпатија“

Извор: elementarium.cpn.rs

ОкоБоли главаВицФото