Верижен генератор (16)

15.08.2016 23:40
Верижен генератор (16)

Радован Павловски

Пат за в планина

Ќе го пронајдам црвениот камен на громот
О исушено билје
Ќе те завиткам во цигара
и ќе те запалам од молњата
Лош знак ми дава небеската птица
Не пиј ноќна вода
коњу мој бос
Не ќе ме однесеш дома
Маѓија закопале во темелот на мојата куќа
Подземен ветер ми ги исече нозете
Ќе легнам во ѕвездените бавчи на ридот
на постела од ружи
Ај свеќа нека ми запалат на челото
и град нека ме испокрши
Се готвев да пуштам корен
а дојде мојата кртица
Коњу мој бос ќе цркнеш од тежина
Добитокот ми го преградува патот
Небото го изгорела молња
Полетај ми в глава плачно камење
Ни во петлени доби не ќе стигнам дома.

 

 

Матеја Матевски

„Пат за в планина“ е песна од првата книга на Радован Павловски, „Суша, свадба, селидби“, каде што тој ја најавува и потврдува својата исклучителна дарба. Тоа е една песна на спонтано доживување на пределот, со моќна поента во која ги спојува сонот и јавето, на еден оригинален начин.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото