Дали гените имаат националност

16.08.2016 10:52
Дали гените имаат националност

Нема ништо национално во крвта

Ако отидете во блиската лабораторија, ништо што може да се извади од вените не може да каже „Овој човек е Србин“ или „Овој човек е Каталонец“. Во секојдневниот живот повеќето луѓе ќе речат дека, на пример, има „српски“ или „каталонски“ гени, или дека некоја стереотипна национална карактеристика, како што се мрзеливоста или склоноста кон бунт, им е запишана во ДНК. Меѓу другото, во последните години генетиката интензивно се занимаваше со потеклото и миграциите на нашиот вид. Благодарение на тоа денес имаме нови поими како што се хаплогрупите и генетичките Адами и Еви, но и во време и простор прецизно опишано целото стебло со предците на современите луѓе. Меѓутоа, иако гените јасно зборуваат за нашите заеднички предци, овие истражувања самите по себе, не подразбираат дека кој било современ народ претставува „крво поврзана“ заедница која потекнала од некој патријарх и неговата, помалку или повеќе, одважна група сродници.

„Сите современи народи се генетски мешавини и не постои ништо што можеме да го наречеме национални гени“, објаснува еволуционистката др. Билјана Стојковиќ од Биолошкиот факултет на Универзитетот во Белград. „Во антропологијата постојат обиди одредени хаплотипови да ги поврзуваме со некој древен народ, но и самите древни народи се создавале илјадници години по првите човечки населби и по многу генетски промени“, вели Стојковиќ. Уште од шеесеттите години, со откритието дека бројот аминокиселини во хемоглобинот на разните видови расте линеарно со времето, еволуционистите почнуваат да го користат таканаречениот молекуларен часовник за да ја утврдат староста на некој вид.

Последните истражувања на човечкиот ген даваат сè подобра слика на минатото, а првото прашање што го откриваме е утврдувањето на староста на човечкиот вид. Во последните десетина години, генетските истражувања кои ја следат староста на генетските маркери во женската митохондријална ДНК и кај машкиот Y хромозом, откриваат не само колку е стар таканаречениот генетски Адам, туку и како точно се развивал човечкиот вид од него па наваму, какви хаплогрупи луѓе постојат и како се ширеле низ светот. Сосема слично, женското потомство се разгранува од митохондријалната Ева, една или повеќе со иста мутација. Во познатата Томсонова студија од 2000 година, посочено е дека генетскиот Адам живеел пред околу 59 000 години. Во меѓувреме, откриено е дека таканаречените митохондријални Еви живееле пред околу 150 000-200 000 години, што претставувало разлика која неколку години ги предизвикувала научниците. Во последните студии и наоди, како што е генетското потекло на извесен Албер Пери, се покажало дека генетскиот Адам бил значително постар, а по Круцијаниевата студија од 2011 година, неговата старост била проценета на 142 000 години.

Хаплогрупите

Иако модерната генеалогија е преполна со комплексни табели, линии на предци, статистики и мутации, додека целата работа со Y хромозомите и хаплогрупите звучи комплицирано до немајкаде, основната идеја е мошне едноставна. Имено, историјата се чита од гените врз основа на маркери за кои знаеме дека биле константни во времето и дека не се менувале илјадници години. Секој човек во 22 парови хромозоми и два полни хромозоми, има огромен број гени, повеќе од 99,5 проценти, кои се заеднички за сите останати луѓе. Но, поентата е, како и обично, во малите разлики. Во некој ген, поединецот може да има само еден единствен нуклеотид кој се разликува од тоа како изгледа тој ген кај сите останати луѓе. Така, на тоа место може да бидат A наместо G (паровите нуклеотиди секогаш се А или G, Т или C). Таа мала разлика стручно се нарекува поединечен нуклеотиден полиморфизам (SNP, single nucleotide polymorfism). Таквата промена е белег на мутацијата која му се случила на некој од предците во далечното минато и која може да послужи како маркер за сите негови потомци.

„Деловите од нашиот ген се нарекуваат хаплотипови“, вели др. Билјана Стојковиќ. „Денес имаме добра слика каде се наоѓаат хаплотиповите и хаплогрупите, па врз основа на различните техники што се користат во еволутивната биологија можеме да реконструираме кога дошло до одредени мутации. Кога ќе го одредиме времето во кое се појавила одредена мутација, можеме дури и да го реконструираме движењето на потомците на луѓето кои биле носители на мутациите.“ И покрај тоа, не е доволно да се набљудува која било мутација. За следењето на потеклото на човечките заедници, генетичарите обично ги набљудуваат оние секвенци од ДНК кои се неактивни и кои на никаков начин не влијаат на животот и метаболизмот на организмот. Бидејќи овие гени не откриваат никакви особини, тие не се менуваат со еволуцијата, не го трпат притисокот на селекцијата, па се совршени маркери за потеклото.

Ваквото следење на простирањето на хаплогрупите даде исклучително драгоцени согледувања за минатото. Покажа дека сите седум милијарди денешни луѓе веројатно потекнуваат од заедничка татковина – од областите крај реката Аваш во депресијата Афар, во денешна Етиопија, каде никнале првите хромозомски Адами и Еви, за потоа, чекор по чекор, од нив да се одвојуваат поедини хаплогрупи кои освојувале дел по дел од планетата, од Африка, па натаму. Генетските податоци кажуваат дека првата ваква група од Африка тргнала пред околу 100 000 години. „Европа е населена последна, пред околу 40 000 години. За време на ледените периоди во Европа помали групи палеолитски луѓе останувале во рефугиуми, односно засолништа, сè до пред околу 13 000 години“, објаснува Стојковиќ, додавајќи дека потоа почнува реколонизацијата на Европа.

Етногенезата

Во меѓувреме, универзитетите, фондациите и приватните компании почнаа да им продаваат генеалошки стебла на сите кои сакаат да дознаат од кои хаплогрупи потекнуваат, каква мешавина претставуваат, од кој рефугиум доаѓаат и каде лутале нивните предци пред да почне историското доба. За жал, ваквите генеалошки стебла отворија и бројни можности за злоупотреба.

„На пример, археолозите, кон средината на 19 век почнале да откриваат фосилни остатоци на луѓе од минатото затоа што со трагањето по длабокото минато се обидуваме да дознаеме како сме дошле тука каде што сме сега и како сме станале такви какви што сме сега“, вели др. Андреј Старовиќ, кустос од Народниот музеј. „Од самиот почеток археологијата била мошне наклонета кон злоупотреба, а археолошките истражувања биле користени за пласирање разни идеи“, вели Старовиќ, потсетувајќи на делата на археологот Густав Косина, кој на наоѓалиштата во Данска трагал по германското потекло на германската нација.

Пред неколку години, швајцарската компанија iGenea врз основа на истражувања на хаплогрупите претстави една мапа за потеклото на жителите во различни делови од Европа. Меѓутоа, многу невнимателно, имињата на историските народи едноставно се поврзани со одредени хаплогрупи. Медиумите без никаква проверка ги пренесоа овие наоди, според кои, на пример, наводно Србите имаат 30 проценти потекло од Словените, 20 од Илирите, 20 од Германите, додека во гените содржат и седмина од Келтите, 10 проценти од Феничаните, 5 од Хелените и 2 од Викинзите. Слични лични карти на народите биле понудени и за сите останати нации од Балканот, а истражувањето се претвори во вистинска медиумска афера ширум Западниот Балкан. Зошто ваквото поврзување на хаплогрупите со имињата на народите е погрешно?

Колку и да звучи примамливо, хаплогрупите се многу подревни од поимот народ како што тој е доживеан во историската епоха. Откако луѓето ги напуштиле рефугиумите, природните засолништа каде престојувале доволно долго на мал простор, хаплогрупите веќе не се поврзуваат јасно за просторот. Тие ништо не зборуваат за народите и етницитетите од проста причина што народите се многу пократкотрајна категорија. Откако во 2002 година, Ноа Розенберг и соработниците во статијата Genetic Structure of Human Populations, во списанието Science, ја објавија анализата на гените од Y хромозомот и митохондријалниот ген, стана јасно дека не е можно да се направи класификација на луѓето на „генетски чисти“ народи во рамки на мали територии. Според тоа истражување, вкупно 7,4 проценти од мутациите се утврдени во само еден регион и тоа со многу мали повторувања.

Самата по себе, етногенезата не е едноставен процес. „Историјата на народите од Европа не е готова – ниту некогаш ќе биде. Етногенезата е процес од сегашноста и иднината, исто колку и од минатото“, вели американскиот историчар Патрик Гери во книгата „Митот за нациите“, објаснувајќи ја сложеноста на процесот на етногенезата. „Постојана тенденција била успешните групи да основаат територијални кралства во кои политички значајните елементи од општеството го прифаќале идентитетот на својот водач“, смета Гери. Меѓу другото, постојаното мешање на жителите токму во Европа во текот на последните два милениуми, каде едни доаѓаат, други се селат, трети паѓаат под доминација на четвртите, и без читање на гените покажува дека нациите, во најдобар случај се – хибриди.

Слики: Ronald Ventura

Извор: Елементи

Слични содржини

Наука / Живот / Историја
Наука / Историја
Европа / Историја

ОкоБоли главаВицФото