Тркалото на несреќата

16.08.2016 11:32
Тркалото на несреќата

Несреќата никогаш не доаѓа сама: веднаш тука се и политичарите. Штетите од првата - поплавата, во актуелниов случај - може да се измерат, да се избројат, да се проценат или да се надоместат; тие направени од налетот на вториот матен бран, кој носи сè пред себе (особено мобилни телефони, фиксни новинари, микрофони, камери и цели медиуми) се практично непроценливи. Без разлика што лидерот на најголемата партија се обидува да биде прецизен, никој, на пример, не може да каже колкави се и какви ќе бидат штетните последици од неговата процена дека 70 до 80 проценти од волонтерите се од ВМРО. Башка што ваквата политичка непогода се прикажува како помош за настраданите села и луѓе.

На владетелите, (ло)калните богови, им успева двете несреќи да ги прикажат како дела на природата, појави што на никаков начин - ни причините за нив, ни последиците од нив - не може, и не смеат да се доведат во каква било врска со човечкиот, поточно со политичкиот фактор. Затоа и лесно го подигнаа нивото на одговорност на највисоко можно ниво, до небеса: Господ ни е крив за сè.

Најстрашното во сево ова е што народот - кого природно го поделија по уште една основа: на настрадани и на тие што допрва ќе бидат поплавени - веќе е убеден дека ништо, ниедна од овие несреќи не може да се спречи. Да беше поинаку, сега ќе имаше жив ѕид, брана што ќе ја оневозможеше изградбата на панорамското тркало и, барем за момент, ќе го прекинеше нашето вртење во овој маѓепсан круг на несреќата.

Извор: Слободен печат