1033 hPa
52 %

6 °C
Скопје - Чет, 06.02.2025 19:59
Скопје, 16 август 2016
Природните сили што ја предизвикаа поплавата во Скопје и околината пред десет дена, денеска поднесоа неотповиклива оставка од својата функција.
„Ние сме единствен виновник за поплавите во Скопје и околината и подготвени сме да сносиме одговорност. Апелираме до јавноста да не ги обвинува неисчистените канали, непостоечката инфрастуктура за спречување поплави, криминалците што бесправно сечат дрва и надлежните што не ги спречуваат во тоа, како и вработените во УХМР“, изјавија природните сили за Пара вести и нагласија дека најмалку од сите треба да се обвинува градоначалникот Коце Трајановски и поранешниот премиер Никола Груевски.
Се очекува поранешниот премиер на Македонија и господар на универзумот, Никола Груевски, да ја прифати оставката на природните сили, а на нивно место да бидат поставени нови природни сили од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Овие природни сили беа поставени на своите функции во времето на СДСМ. Можете да се уверите во нивната деструктивност. Но, народот знае да процени кој прави поплави, а кој оди на терен меѓу поплавените и прашува што се камиони“, рече Груевски.
Извори на Пара вести од ВМРО-ДПМНЕ кои инсистираа да останат анонимни велат дека наскоро ќе поднесат оставка и мрачните сили кои управуваат со системот HAARP, поради неуспехот сосема да ја поплават библиската земја Македонија.
Слика: ВМРО на денот