За солидарноста

17.08.2016 10:07
За солидарноста

Со висока почит кон сите што се солидаризираа со луѓето кои настрадаа во поплавите под Скопска Црна Гора, морам да кажам дека ние сме култура која солидарноста ја манифестира само во брутални и драматични, егзистенцијално загрозувачки ситуации.

Тоа е солидарност од долните нивоа на скалата на поврзаноста на едно општество. Таа оценка особено наоѓа потврда во ситуации кога не покажуваме солидарност во борбата против ситуации, феномени, настани, политики и личности кои водат во катастрофи, нешто што е нормално во високооинтегрираните и морално култивирани општества, ние сме солидарни во катастрофите, но не сме солидарни во спречувањето на катастрофите.

Не сакаме или не можеме, не знам, да гледаме лево и десно, да ги врзуваме инпутите и да ги екстраполираме и да заклучуваме дека ако фрламе фрижидери во каналите или ако гласаме за вмро, катастрофата нè чека зад првата кривина. Се разбира дека треба да ги комбинираме и понудите на опозицијата, зашто и тие се богати со катастрофични закономерности, но оваа со фрижидерите и со вмро просто е закон во разгледувањето на оваа материја.

Затоа е важно да се собираме по 200.000 души, море по 2.000.000 кога злотворите ќе решат да убијат некој нов Нешкоски или некоја нова Тамара, кога ќе решат да ни го претворат градот во легитимација на идиоти, кога ќе чуеме дека ѕверовите крадат, крадат избори и пари, кога прават од цела една нација царство на кретените, спрдачина од нејзините институции, приватен посед од државата, да набројувам ли уште во што сè треба да ја пројавуваме солидарноста за да не мораме да ја пројавуваме во смртни ситуации.

Јас верувам дека да бевме култивирани така, да беа во таа смисла посолидарни денешните страдалници, немаше да се случи тоа што се случи во Стајковци, во Ченто, во Булачани и во другите поплавени места.

Тоа значи дека не може да биде структурно, ако можам така да кажам, солидарно, општество со така ниска политичка и општа култура како македонското.

Општество кое е во состојба десет години да го трпи режимот на инфантилосите од вмро, не е длабински солидарно општество.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Фотографија: Георги Личовски