Заборавената историја за организаторките на женски олимписки игри

17.08.2016 11:29
Заборавената историја за организаторките на женски олимиски игри

Олимписките игри какви што ги знаеме денес се засновани на примерот на античките Олимписки игри, кои старите Грци ги одржувале во чест на богот Зевс уште во осмиот век пред нашата ера. Малкумина знаат дека паралелно со Олимписките игри, на кои учествувале исклучиво Грци, е организиран и првиот спортски натпревар за жени, одржан на стадионот во Олимпија.

Жените, на кои во тоа време им бил забранет пристапот на Олимписките игри за мажи, организирале игри во чест на божицата Хера, кои се одржувале паралелно со Олимписките игри. На сличен начин жените се избориле за своето право на учество во модерните Олимписки игри.

Иако на жените од 1990 година им е дозволено да се натпреваруваат на Олимписките игри, станувало збор за многу мал број на спортови, кои тогаш се сметале за „соодветни“ за жените, како што се пливањето и тенисот, а имало и мал број натпреварувачки (22). За време на 1900-тата година во Европа и во САД жените добиле право на глас, некои од членовите и членките на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) тивко со години се бореле за зголемување на женската партиципација на Олимписките игри.

Во тоа време, спротивставувањето на маргинализацијата на жените во спортот било речиси невозможно. Претседателот на МОК, Барон Пјер де Кубертин, кој денес се смета за татко на модерните Олимписки игри, бил непоколеблив во однос на прашањето за партиципацијата на жените, а по Олимписките игри одржани во 1912 година во Стокхолм, изјавил дека „Олимписките игри со жени биле непрактични, неинтересни, несоодветни и неестетски. „Неговото мислење го делеле голем дел од мажите кои се нашле во управните одбори и децении подоцна, но со упорноста и трудот на жените и нивните поддржувачи, Олимписките игри од година во година добивале сè повеќе натпреварувачки, а со текот на времето и спортови во кои можеле да се натпреваруваат.

Неколку спортисти и спортистки во почетокот на 1920-тите години се здружиле за да организираат алтернативен спортски настан заснован на принципите на солидарност и еднаквост. Француската спортистка Алис Милијат, во 1921 година ја основала Интернационалната спортска федерација (FSFI) на чиј прв состанок е изгласано основањето на женски Олимписки игри, кои станале алтернатива на дотогашните олимписки игри.

Женските Олимписките игри се одржани четири пати: во 1922 година во Париз, 1926 година во Гетеборг, во 1930 година во Прага и во 1934 година во Лондон. Првите женски Олимписки игри привлекле повеќе од 20.000 гледачи и гледачки кои имале можност да бидат сведоци на натпреварите во 11 категории, што е двојно повеќе од бројот на женски спортови кои биле одобрени од МОК на Олимписките игри во 1928 година. Во тој период бил забележан извонреден напредок за жените во спортот.

Алис Милијат

На последните женски Олимписки игри во Лондон учествуваа дури 19 земји, а прв пат и кошарката беше вклучена на листата на спортови. До 1936 година на Интернационалната спортска федерација се приклучиле дури триесет земји, а жените формирале сојузи со различни светски спортски организации, како што е Меѓународната спортска федерација. Но, колку и да биле добри нивните аргументи, жените не можеле да напредуваат без помош и поддршка на мажите на моќни позиции во спортот.

Така IAAF (Интернационалната асоцијација на спортски федерации) преземала сè поголема контрола над женската атлетика која полека се појавила на олимпискиот распоред, а во 1936 година Меѓународната женска спортска федерација престанала да делува. Во меѓувреме, традиционалистите жестоко се спротивставувале на вклучување на жените во атлетиката, а тоа најдобро им одело од рака кога се претставувале како застапници за жените во овој спорт. Еден од нив бил и д-р Фредерик Ранд Роџерс, директор на Одделот за здравствено и физичко образование во државата Њујорк, која патернализмот и сексизмот ги прикривал со респектабилната маска на науката борејќи се за „помалку напорни“ спортови за жени.

Алис Милијат и нејзините колеги и колешки го користеле класичниот „од внатре кон надвор“ рецепт за политички промени. Работеле во коридорите на моќта на ИААФ и МОК, создавајќи алтернатива надвор од орбитата на Женската олимпијада. Но, им претстоела тешка битка. Многу спортски администратори биле скептични во однос на женските спортови, вклучувајќи го и Авери Брондеџ, висок олимписки функционер во САД, кој во 1932 година за време на една полемика околу тоа дали извонредната спортистка Милдред „Бејб“ Дидриксон е аматерка или професионалка, изјавил:

„Знаете, античките Грци ги држеле жените подалеку од спортските игри. Тие не би им дозвололе пристап ниту на маргините. Не сум сосема сигурен, но мислам дека биле во право.“

Аматерската спортска унија ја суспендирала Дидриксон поради непрофесионалност, откако се појавила во реклама за млеко. Поради тоа Брондеџ барал нејзина суспензија, иако Дидриксон подоцна повторно е прифатена во аматерската спортска унија.

Женскиот пливачки тим на САД на Олимписките игри во Амстердам во 1928 година

Во тоа време Брондаџ ја извршувал должноста на претседател на Аматерската спортска унија, а неговото мислење имало одредена тежина во светот на спортот. Како потпретседател на Меѓународниот олимписки комитет во 1949 година, тој напишал: „Мислам дека женските спортови на Олимписките игри треба да се ограничат на оние кои се соодветни за жени: пливање, тенис и уметничко лизгање.“ Во циркуларното писмо до членовите на Меѓународниот олимписки комитет во 1957 година напишал:

"Многумина сè уште веруваат дека спортовите за жени треба да бидат елиминирани од Олимписките игри, но оваа група денес е сè помала. Таа идеја сè уште постои, како добро втемелен протест против настаните кои не се вистински женствени, како што е стрелаштвото, или оние спортови кои се премногу напорни за поголемиот дел од спротивниот пол, како што се трките на далечина.“

Таквото мислење било во согласност со верувањата на тогашниот МОК Имено, Олимписките игри станале„гигантски“, односно почнало да се верува дека би требало да се редуцираат спортовите и бројот на учесници, а од МОК сметале дека најпрактичното решение за тоа би било на жените да им се оневозможи учеството во „несоодветни“ за нив спортски настани на Олимписките игри.
Таа идеја ја поддржале и некои спортски новинари, кои знаеле да имаат дури и поекстремни ставови. Така, Артур Дејли во 1953 година, за New York Times напишал дека тој лично размислувал во насока на целосна елиминација на жените од Олимписките игри.

„Не постои ништо женствено или фасцинантно во помислата на жена со капки пот на челото, како резултат на гротескното учество во спортски настани кои се потполно несоодветни за женската градба. Веројатно е грубо да се каже, но секој ученик со малку самопочит може да постигне посупериорни резултати од оние кои се појавуваат на женски натпревари. Грците знаеле точно што прават кога на жените не им дозволувале пристап до Олимписките игри. Не само што жените тогаш не можеле да се натпреваруваат, туку тие не можеле да учествуваат дури ни како набљудувачки.“ Да не биде сфатен погрешно, со својата теза ја искажал една од најоригиналните сексистички изјави: Не ме сфаќајте погрешно, ве молам. Жените се прекрасни. Но, кога тие прекрасни суштества ќе почнат да фрлаат дискови или да пукаат, нешто се случува кај мажот. И тоа не е љубов.“

Иако навистина ни е жал што машката илузија за жените како „прекрасни“ и „кревки“ суштества во спортот со време е срушена, нè весели тоа што од година во година расте бројот на кандидатки на Олимписките игри. Оваа година, на пример, за прв пат во историјата во тимот кој ги претставува САД, се најдоа повеќе спортистки отколку спортисти.


Победничкиот англиски женски пливачки тим на Олимписките игри во Стокхолм. Разгледница, 1912 година : Бел Мур, Џени Флечер, Ени Спирс, Ајрин Стир

Извор: bitchmedia.org

ОкоБоли главаВицФото