Човекот од Македонија во 21-иот век

17.08.2016 11:40
Човекот од Македонија во 21-иот век

Фото: Борис Грданоски

 

Колку треба човек да биде стиснат, неслободен и понижен за да може мирно и сталожено да зборува пред камерите за трагедијата на своето семејство, за телата на најблиските кои со денови не може да ги подигне и погребе? Колку долго требал да живее осиромашено, ускратено, обесправено, за да не покаже дека го боли, да не изрази ниту едно автентично, искрено чувство на тага, очај, лутина, бес, или што и да е, на една сосема ирационална и неправедна положба во која се нашол, а мора да ја прифати како неизбежна? Што преживува таквиот човек, со смиреноста пред камерите, кога никој ништо не го прашува, никој ништо не му кажува, а тој чека и чека, како куче за милост? И што прави тој потоа, кога ќе се врати дома, во своите празни одаи, во рушевините од својот живот, поптполно сам и осамен? Го слуша ли тогаш повикот за помош на своето дете, кое не успеал да го спаси, а било на дофат на рака? Како се брани од тие гласови, од чувството на вина, за тоа што можел, а не стасал на време, кои го маваат од сите страни?

А нему слични видовме многу, десетици луѓе во очај и неверување, кои не знаат, не веруваат и не сметаат дека воопшто може да им се помогне…

И тоа е Македонија, да не се лажеме. Луѓето во неа живеат сами со себе и со своите неволји. На тоа се учени и научени, да се борат за својот живот, како умеат и знаат. А кога во таа борба ќе изгинат, и буквално, тоа го разбираат како судбина, или господова желба, и не се спротиставуваат. Тешко е да се прифати, но на тој начин мисли мнозинството од нашите сограѓани…

И како сега да ги научиме луѓето да поверуваат дека некој се грижи за нив, и дека тој некој, и кога немаат блиски и пријатели, е заедницата, државата? Како во тоа да ги увериме, кога нејзе ја нема? Како од таква позиција да тргнеме и да дојдеме до целта – помош и справување со несреќата? Како да ги увериме луѓето дека по масовни несреќи, животот продолжува, прво тешко, но стремежот е да стане подобро од она што било? И дека е тоа природно, нештата да се менуваат на подобро, по вакви масовни несреќи и катастрофи. А, за тоа имаме и наш автентичен пример во катастрофалниот земјотрес, кој однесе 1000 човечки животи, за да донесе ново, пространо и урбано Скопје.

Фото: Роберт Атанасовски

Но, Македонија денес ја нема таа чувствителност, нема капацитет за сочувство со моментот и со настраданите. Ги нема спремноста, стратегијата и стручноста, во помагањето. Македонија денес не знае ништо. Целата, драгоцена меморија од нејзината скорашна историја како да е избришана – од несреќите, конфликтите, бегалските кризи, низ кои минуваше во последните 25 години… Како ништо да не сочувала, и ништо не научила, а имала бројни искуства на добри практики и изготвени национални стратегии за справување. Наместо сето тоа, државата е во ситуација да се потпира на солидарноста на граѓанинот и организациите – самоорганизирани. Резултатите од тоа се веќе погубни: недоволна и селективна помош и заштита, прегореност на помагачите и континуирано влошување на состојбите. Услови, во кои македонскиот граѓанин нема да научи ништо ново од она што го знаел и до сега – дека е сам во својата несреќа, колку и таа да е масовна. А за своите основни човекови права во заедницата – на дом, безбедност, недискриминација и учество, и натаму нема да има никакви сознанија. И натаму тој/таа ќе се потпираат на судбината и на бога. Затоа мора да стане јасно и да се каже отворено и гласно дека денес, во 21-от век, на своите граѓани, „Македонија Вечна“, може да им го испорача само ТОА: јад , чемер, несигурност – и ништо повеќе од тоа.

И тоа е точката од која треба да се почне во градењето на заедницата…

Извор: Слободна Македонија