Миење мртовец

17.08.2016 13:11
Миење мртовец

МИЕЊЕ МРТОВЕЦ
(по Рилке)

Во некои краишта се задржал стариот обичај блиските роднини од женски пол да го измијат свежиот мртовец. Замислете мала, полутемна просторија (запалена е ламбата отстрана, а не централното светло, за телото да не биде изложено на погледи повеќе отколку што е неопходно), на големата маса е поставен лешот на старецот. Двете негови ќерки, дишејќи што е можно подискретно, со влажна крпа му ги бришат вратот и стапалата.

Без зборови и без поглед оставаат дел од неговото тело неизмиен.

Еден гол безимен човек тука ги одредуваше законите.

 

ВОЈНАТА ЗАВРШИ

Ја памтиш ли онаа недела? По ручекот, двајцата отидовме до езерото во близина на градот. Од осамениот сплав скокавме радувајќи се како деца. Потоа се љубевме во водата и долго, долго ја допирав твојата мазна кожа.

Се чудевме колку човек може да биде среќен.

 

ПРОСЈАЦИ

Просјаците кои седат на чистите тротоари имаат незаинтересирани погледи, додека бараат милостина. Господата минуваат, а по некој од нив на картонот со неправилен облик фрла паричка.

Ми се случува и мене да тргнам во својот приватен манастир. Одам полека, како кога со прстите поминувам по младата брада. При прошетката замислувам како некој старец просторот помеѓу моите боси стапала и поплочената патека го нарекува молитва.

Се прашувам дали на смирение се надеваат само просјаците, додека угледните луѓе од уличните продавачи за големи пари купуваат фишеци примирје.

 

Извор: PRIČE O SREĆI, Treći Trg, Beograd, 2008.
Превод од српски: Иван Шопов
Слики: Николас Бруно

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото