Патување на крајот на одлуката

18.08.2016 00:25
Патување на крајот на одлуката

Колку пати сте ја менувале работата? Партнерот? Колку пати сте бирале помеѓу среќата и сигурноста, сте ги ставале на кантар различните последици, или сте биле заведени од стравот или од амбицијата? Ние сакаме да веруваме дека сме способни да ја избереме вистинската работа, колку и да е тешка. И правиме грешки. Често.

„Трезен 24/7“ е релативно нова програма за корекција во САД, наменета за пијаните возачи. Многу е едноставна: секој што е (повторно) приведен заради возење во пијана состојба мора шест месеци, двапати дневно, да го поминува алко-тестот кој самиот го плаќа. Секој што пие или ја пропушта проверката, веднаш добива една ноќ во затвор. И тоа е тоа. Целта на програмата е да се намали бројот на повторени прекршоци и е зачудувачки успешна. Во Јужна Дакота, каде е првично воведена, значително е намалена бројката на повеќекратни прекршоци, а процентот на луѓе кои успешно ги завршуваат шестмесечните проверки изнесува неверојатни 99 проценти.

При одлучувањето, луѓето ирационално ја фаворизираат моментната наспроти долгорочната добивка, па дури и ако подоцнежната биде значително поголема. Склони се, на пример, да изберат моментна добивка во вид на пијалак пред возење наспроти долгорочната добивка во вид на сигурност дека нема да завршат во затвор. На моментното задоволство со алкохол наместо заканата за долг судски процес, „Трезен 24/7“ се спротивставува со моментна и блага казна. Значи, програма што игра по ирационалните правила на човечкото одлучување. Впрочем, ако може маркетингот, зошто не би можело и правосудството?

Склоноста кон моментна добивка е само еден од многуте погрешни патишта во одлучувањето. За некои можеби и сте слушнале, на пример за „усидрување“ или „коцкарска заблуда“. Како е возможно да проникнуваме во тајните на вселената, да речеме, во правењето километарски тунели кои детектираат гравитациски бранови, а не можеме рационално да купиме еден пар чевли? Когнитивната наука долго време не се занимавала со овие проблеми. Таквите одделни ирационалности се ситни риби во споредба со силата на човечката (или вештачката) интелигенција.

Дури во осумдесеттите години на минатиот век американскиот филозоф Џери Фодор ги воведува модулите во когнитивниот мејнстрим. Пример на еден модул е визуелната перцепција. По Фодор, визуелната перцепција е паметна како когниција во смисла дека спроведува некакви пресметки – кога од дводимензионална слика што ја добива создава чувство за длабочина и простор. Од друга страна, перцепцијата како рефлекс е глупава зашто нема пристап до „централните вијуги“ – фактот што знаете дека тоа што го гледате е оптичка илузија не ви помага да се ослободите од неа. Модулот е некаде помеѓу „повисоката“ когниција и рефлексот според особините и архитектурата: затворен (енкапсулиран) когнитивен систем кој „размислува“ по сопствени правила. Што доколку модулите се одговорни за некои наши одлуки? Не надевајте се: „Не сакав, модулот ме натера“ не поминува на ниту еден суд. Иако нашето знаење за таквата модуларност на одлучување е многу ограничено, тоа не спречи една севкупна наука да се создава и да се развива токму врз таа идеја. Можеби веќе сте ја сретнале: еволуциска психологија.

На еволуциската психологија другите науки за човекот сигурно ѝ делуваат помпезно. Психологијата, социологијата, лингвистиката: сите се убедени дека луѓето се толку посебни. Те само луѓето можат да зборуваат, те само луѓето имаат свест и потсвест, те само луѓето се религиозни, или политички, или заљубливи животни. Не, вели еволуциската психологија, сите ние и понатаму сме примати – мршојадци од примордијалната савана, само со способност за себезалажување. Не постои никаков повисок склоп на човечката свест или интелигенција со кои можеме рационално да ги мериме опциите и да ги правиме изборите. Постојат само модули. Ова еволуциските психолози го нарекуваат теза на масивна модуларност.

Една од споредните способности на мноштвото когнитивни модули со кои сме опремени е создавањето илузија на свесност. Коренот на ваквата контраинтуитивна идеја е всушност многу јасен – модулите, за разлика од некоја апстрактна „свест“, лесно се објаснуваат еволуциски. Оттаму, еволуциска во еволуциската психологија.

Бидејќи историјата на човечкото општество, говор, или не дај боже писмо, се толку кратки, тие не можеле да имаат големо еволуциско влијание. Земјоделството се појавило пред околу 10.000 години; јазикот пред 50 илјади, а првиот Homo sapiens пред 300.000 години; употребата на алатот и огнот пред околу милион и половина, а првиот примерок на родот Homo пред речиси три милиони години. Сосема сигурно подолго сме биле савански мршојадци, отколку сточари или трговци. Во текот на тие многубројни генерации мршојадци ни се развивал умот главно преку насилство и натпреварување, и заради тоа (не) умееме да донесуваме добри одлуки.

Обрнете внимание на следнава ситуација: некој ви подарува илјада евра. Потоа истата многу великодушна личност ви го нуди следниот избор: или сигурно да добиете уште 500 евра, или да имате 50 проценти шанси да добиете уште илјада (а 50 проценти да останете само на првите илјада). Што би избрале?

Сега една друга ситуација: некој ви подарува две илјади евра. Потоа истата личност, навидум уште повеликодушна од првата, ви го нуди следново: или сигурно да изгубите 500 евра, или да имате 50 проценти шанси да изгубите илјада, а 50 проценти шанси да не изгубите ништо. Што сега би избрале?

Со оглед на тоа дека ги имате двата примера пред себе, можете да видите дека овие две ситуации се идентични, и во парите што се нудат, и во процентите. Само изразувањето е поинакво: во првата „добивате“, во втората „губите“. Истражувањето во кое е осмислена оваа дилема имало изненадувачки резултати. Само 16 проценти од луѓето решиле да се коцкаат со добивка од првата ситуација, а дури 69 проценти од испитаниците одлучиле да се коцкаат кога е во прашање загуба. Овој феномен, познат како „ефект на рефлексија“, подоцна бил повеќепати експериментално потврден. Луѓето се склони на ризик кога губат, а на сигурност кога добиваат.

Двајца психолози од Јејл, Лори Сантос и Венкат Лакшминарајанан, ги испитувале еволуциските корени на овој феномен на прилично ингениозен начин: испитувајќи ги капуцин мајмуните. Капуцин мајмуните, познати како вечни кавгаџии и измамници од многубројни филмови, всушност се меѓу најпаметните мајмуни, и (на нивна несреќа) фаворити во лабораториите. Поранешните истражувања покажуваат дека капуцините можат да научат да користат пари, да реагираат на промени на цените, па дури, ако е за верување, и да се занимаваат со проституција. Сантос и Лакшминарајанан покажале дека капуцините, кога веќе се навикнати на пари, почнуваат да покажуваат познати човечки склоности при ризик: ризикување на загуба, а „играње на сигурно“ кога е добивката во игра. Значи, оваа склоност е постара од луѓето неколку милиони години.

Ваквите истражувања покажуваат и зошто еволуциската психологија е толку жешка академска тема во последните децении. Доколку нејзините главни проблеми се еволуција на перцепцијата, или стравот, би се кренало малку прав. Но не: еволуциската психологија упорно за цел ги има божемните рационални економски и меѓучовечки одлуки, од изборот на партнер до, уште еднаш, купувањето чевли.

Дали сме само марионетки чиишто конци ги влече еволуцијата?

Вообичаената теза на рационализмот е дека индивидуата е рационална, а масата безумна. Во масата ги губиме индивидуалноста, способноста за одлучување, чувството за морал; за одлуките на групата се чувствуваме помалку одговорни, па склони сме да правиме нешто што никогаш не би го направиле сами. Впрочем, ова е класична одбрана од одговорноста за секакви групни злосторства. Меѓутоа, ако според еволуциската психологија сме и онака савански мршојадци, можеби бројноста е таа која ни го дарува рациото – се разбира, не како на разулавена маса, туку како на општество од поединци кои се вртат едни кон други за помош и благосостојба. Ако пчелите стануваат вистинско демократско општество кога го избираат местото за селење на кошницата, тогаш можат и луѓето, зар не? И ние имаме демократски општества.

Рака на срце, нашите не се ни налик на пчеларските. Ние сакаме да ги избираме нашите водачи, а не групно да донесуваме одлуки. „Избирањето водачи“, односно политичките избори, попрво се некаков агрегат на голем број индивидуални избори, отколку пример на групно одлучување. Има многу видови политички избори, со начелна цел да бидат што порационални и порепрезентативни – иако некои имаат многу необични резултати.

Во „Федеративните списи“ од крајот на осумнаесеттиот век, Александар Хамилтон, Џон Џеј и Џејмс Медисон, „татковците“ на САД, ги опишале познатите максими на државното одлучување: мала и моќна извршна, трома и голема законодавна, доживотна и слободна судска власт. Тие се всушност ограничувања на одлучувањето – моќта им се дава на спроводниците, а им се одзема на креаторите на политиката, додека врховните арбитри се изолирани од демократскиот процес. Со други зборови, максимите на Хамилтон многу добро отсликуваат дека една од почетните позиции во јавното одлучување е недовербата: и во рационалноста на народот што избира, и во рационалноста на луѓето што се избрани. Ако сме навистина храбри, би можеле да кажеме дека таа недоверба е една од основите на модерната демократија. Се чини дека политиката ги виде луѓето како савански мршојадци многу пред воопшто да постои еволуциската психологија.

Извор: „Елементи“, списание за промоција на културата
Слики: Mojo Wang

Слични содржини

Психологија / Наука
Психологија / Наука

ОкоБоли главаВицФото