11-то издание на AKTO ја преиспита политичката моќ на колективите

18.08.2016 10:54
11-то издание на AKTO ја преиспита политичката моќ на колективите

Викендов во Битола се одржа 11-то издание на фестивалот за современи уметности, АКТО, под мотото „Поп ап“, или искрснување. Тридневната програма (12-14 август) се одржа на повеќе локации во Битола, помеѓу кои мезе барот „Јагода“, прилагодените хали на поранешната фабрика „Фрижидери“, како и на јавниот простор на плоштад „Магнолија“ и пред Офицерски дом.

Политичката моќ на колективите беше клучната тема која се обработи преку панел дискусиите и перформансите на годинешниот АКТО. Присутните ја имаа можноста да чујат за предизвиците на работата на повеќе колективи од регионот, групирани за разрешување на некое политичко прашање во нивната непосредна зедница, како и уметнички колективи од независната, алтернативна сцена.

Дел од долгата листа на учесници на АКТО кои говореа за нивните работни искуства и предизвици како културни работници и слободни уметници во нивните држави, беа: Анела Бешо – координаторка на Асоцијацијата за културни невладини организации и фриленсери од Словенија, Рок Вевар- независен драматург од Словенија, Емилијано Кампањола – член на Театро Вале Окупато од Италија, Ксенија Радовановиќ од иницијативата „Не го даваме/давиме Белград“, Горан Ињац – директор на Словенски младински театар, режисерот Борис Бакал од Хрватска и многу други.

Битолската публика како дел од програмата на АКТО, ја имаше можноста да ги погледне и феноменалните претстави „Битката на Неретва“ на Борис Бакал и претставата на граница помеѓу концерт и перформанс „Кампакам“ на Владо Репник.

Што се однесува пак до музичкиот дел, втората фестивалска вечер ги донесе Дисциплина Кичме кои имаа скоро двочасовен настап пред фабрика „Фрижидери“, диџеите Џимпстер и Мајк Стева, како и неодминливите Фолтин. За љубителите на електронскиот звук, пак, паралелно со настапите на главната сцена, имаше и втор стејџ на кој настапија неколкумина локални диџеи кои одлично ја размрдаа публиката.

На финалната вечер, меѓу другите, гостуваше и дуото „Браселс пони клаб“ од Белгија, кои со своите ретро вејв ритмови и хипнотички мелодии си заработија многу нови фанови од публиката и го направија сосем поднослив ладниот битолски вечерен воздух.

Сè на сè, годинешното издание на АКТО вроди со многу конструктивни дебати, уметнички дела (муралите кои ги изработија колективите „Свирачиња„ и „Кула“), а се собраа и донации за жртвите на поплавените подрачја.

Оваа година за првпат АКТО ќе го прошири своето поле на делување и во следните неколку месеци ќе се одржи во уште три градови, покрај Битола.

Следното АКТО „искрснување“ го очекуваме во Скопје на 24, 27 и 28 септември, а потоа следува АКТО во Штип во октомври и Тетово во ноември.

Фестивалот АКТО го организира ФРУ – Факултет за работи што не се учат, а оваа година финансиски е поддржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој, УСАИД.

Фотографии: Ванчо Џамбаски