Колку робови имате?

18.08.2016 13:17
Колку робови имате?

Да замислиме дека не постојат сите тие различни, фини, механички и електрични апарати на кои повремено се жалиме. Како би изгледал животот без денешните софистицирани машини? Бидејќи човекот поголемиот дел од својата историја се одржувал самиот себеси, без процесори и радио-сигнали, без микробранови печки, фрижидери, електрични мотори и термодинамички машини, нема сомневање дека човечкиот вид ќе најде начин да опстане и кога сосема ќе се откаже од апаратите. Но, доколку по секоја цена сакате да го задржите денешниот квалитет на живеењето, тоа никако не можете да го направите сами. Всушност, во недостиг на машини, не би имале избор освен да вработите други луѓе да работат за вас и тоа така што нема да ги плаќате, односно да не вложувате сопствен труд во нив. За да ја надокнадите работата што ја бара современиот живот би морале да ангажирате – робови.

Само за производство на она количество храна кое во просек денес го јадат седум милиони Европејци, колку што живеат во земја со големина на Србија, без машините за обработување земја и подоцнежното преработување на намирниците, би биле потребни околу 70 милиони луѓе робови. Замислете држава со 77 милиони жители каде секој десетти човек е слободен, а останатите девет живеат сосема обесправени, гладни и мачени, често врзани и сосема зависни од господарот, осудени на тешка работа до смрт. Дури и цивилизациите во Антиката биле подобро избалансирани. Пред две илјади години, непосредно по пропаѓањето на Римската република, кога Рим под Октавијан Август ја опфаќал и Цисалпинска Италија, на подрачјето на империјата живееле седум и половина милиони луѓе – од тоа граѓански права имале 4.500.000 Римјани, додека покрај нив живееле 3.000.000 робови.

Сите овие робови, неопходни да се одржи римскиот живот, немаат ни приватни, ни политички права. На другата страна, римскиот граѓанин, на пример, еден патрициј, носи пурпурна лента на белата тога и учествува во работата на Сенатот, поседува имот од околу милион сестреции, удобна вила на Палатина, Целија или Велабрум со олтар и маски од предците, и уште барем седум до десет имоти во внатрешноста и на морскиот брег. За него работат повеќе стотици робови. Тој одлучува за животот и смртта на секој од нив, им дозволува да живеат во заедница со другиот роб или робинка, но без право да се венчаваат (таканаречен Contubernium), ги ослободува или усмртува, ги храни или облекува по своја оценка, ги користи за стекнување приходи и располага на истиот начин на кој модерниот човек ги третира своите машини.

Како што истакнува францускиот историчар Жан-Ноел Робер во античкиот период на робовите почива речиси целото производство. Во Стариот Рим робовите не се само за патрициите – сосема е природна состојбата во која граѓанинот, колку и да е богат или сиромашен, никогаш не треба да работи и сите работи за него ги извршуваат робовите. Физичката работа, во римското сфаќање на светот, морално ја деградира личноста. Но, римскиот роб е главно дел од добро организирано домаќинство и животот не му бил толку ужасен колку што бил животот на робовите во варварскиот свет.

Иако за него учиме од грчките и римските извори, ропството е природна појава не само околу Медитеранот, што неговите господари го нарекуваат Наше море (Mare nostrum), туку на целата планета. Оптимистички се проценките дека во ова време повеќе од 50 проценти од човечкиот вид се робови. До десеттиот век со робови тргуваат Викинзите и руските трговци кои ги носат на Балканот. Робовите ги продаваат и Монголите и сите средноазиски народи. Багдадскиот калифат ги носи робовите од Венеција и Марсеј. Истовремено, муслиманските трговци со карвани низ Сахара ги носат робовите од срцето на Африка, а се проценува дека на овој начин во Европа пристигнуваат околу 14 милиони робови.

Состојбата нема многу да се промени ни во наредните епохи, во доцниот среден и новиот век, а за жал, робовладетелството ни денес не е сосема изумрено. Меѓутоа, според податоците на американската организација Free The Slaves, во овој век само околу 0,5 проценти од светската популација живее во некој вид на ропска положба. Разновидни историски процеси довеле до тоа, но без сомнение, нивното ослободување го овозможиле – машините. Имено, тие од луѓето го презеле она што милиони ги држело во синџири – физичката работа. Исклучителната ефикасност на термодинамичките машини, како и калоричноста на горивото што го користиме за нивно придвижување, се покажале далеку повеќе оправдани од употребата на сирова човечка сила. Според проценката на ирската Фондација за одржлива економија (FEASTA), еден човек мора да работи четири полни години за да ја оствари работата што ќе ја изведе еден полн резервоар гориво за автомобил.

Сизифова работа

Ако сакаме да одгатнеме колку робови денес би вработувало едно домаќинство, можеме да ја измериме нивната енергетска потрошувачка и да ја споредиме со потрошувачката на машините. Машината која, на пример, придвижува електромотор со сила од еден киловат се снабдува од електричната мрежа. На еден час работа троши еден киловат-час (kWh) енергија, при што дел зрачи како топлина, а дел го употребува како корисна работа. Робот исто така внесува енергија со јадењето и може да се процени дека со минимални оброци дневно преку храната внесува околу 2,5 kWh енергија. Но, како и кај машините, дел од оваа енергија не може да се искористи. Исклучително голем дел се троши само за базичната работа на метаболизмот и одржувањето на телесната температура на околу 37 степени целзиусови. Човекот, независно дали е роб или не, околу себе емитира топлина споредлива со сијалица од околу 100 W.

На слично сметање со споредување на влезната енергија и излезната работа кај човекот и машината ќе најдете во повеќето статии и сајтови кои се занимаваат со оваа тема, вклучувајќи го и контроверзниот концепт од педесеттите години со пресметување на економската исплатливост на берачите на јаболки и еквивалентните „енергетски робови“. Меѓутоа, поаѓајќи од внесената енергија преку храната, корисната работа на човекот не е воопшто лесно да се процени, нужно е да се внесат премногу апроксимации, а сликата станува исклучително сложена и на крајот на краиштата, нехумана.

Затоа, подобро е да се тргне по друг пат. Да се обидеме да го пресметаме дневниот енергетски придонес на еден роб служејќи се со еден вистински антички „мисловен експеримент“. Ако го замислиме, на пример, Сизиф како го турка каменот со маса од 100 килограми, на рид во висина од 100 метри, можеме да кажеме дека тоа е максимум од напорот кој во текот на еден ден од едно човечко суштество можеме да го очекуваме. За еден ден, во кој неизбежно спие, повремено стои, јаде и пие вода, Сизиф успева да го избутка каменот до врвот на ридот. Исклучително едноставно сметање (што почива на разликата на потенцијалната енергија на каменот на дното и на врвот на ридот, mgh) покажува дека Сизиф за изнесување на каменот вложил енергија од околу 100 килоџули, што е всушност 0,3 kWh. Ако просечен роб во денот оствари една Сизифов корисен труд, тогаш за една година тоа е околу 100 kWh.

Од друга страна, колку Сизифов труд е денес потребно за да може да се одржува едно домаќинство во текот на една година? Ако набљудуваме една просечна држава како што е Србија, според податоците на Светската банка и Европската комисија, сите уреди кои нешто работат во просечно домаќинство трошат вкупно околу 4800 kWh годишно. Значи, целата годишна работа на сите модерни машини во една обична куќа е 48 пати поголема отколку годишниот Сизифов корисен труд. Тоа значи дека се потребни барем 48 робови да ја завршат. Ваквата пресметка не се однесува на домаќинства што се сместени во вила со базен и благороднички имот, туку во станбена единица од шеесет квадрати што ги содржи сите основни уреди за современо живеење на едно просечно сиромашно европско семејство. Како и да е, Сизифовиот модел покажува дека таквото домаќинство мора да вработува барем 50 робови за да може без машини да го одржува сегашниот квалитет на животот.


Економија на робовите

Ако во моделот ја внесеме и стандардната европска распределба според типовите на потрошувачка, најмалку шеснаесет робови би служеле за да го заменат електричниот шпорет, фрижидер, микробрановата печка, грејачот за вода, тостерот и другите кујнски елементи – тие постојано би ја расчистувале шумата, би носеле огрев, би ја купувале, вареле и би ја ладеле храната. Осум робови би работеле на перење, сушење и пеглање на алиштата, носење вода, нејзино загревање и ладење. Десет би обезбедувале светлина за своите господари, а исто толку постојано би се грижеле за чистењето, поправките и другите работи. Барем пет робови би работеле работи кои за човекот денес ги обавува електрониката, тие би читале, пишувале, би бележеле пораки, би трчале како курири во други домаќинства, а повремено би изведувале и понекоја соодветна културно-уметничка програма. Еден роб ќе остане за некои други активности.

Колкава би била ефикасноста од таквото домаќинство, со толку ангажирани робови, е сосема друго прашање. Со различен карактер, променливи, болежливи или бавни, секако недоволно автоматизирани и инспирирани само со едно – да ја стекнат слободата – луѓето дури ни во просечните сразмери не можат да бидат ефикасни како машините. Со историска иронија, токму натпреварувањето со машините беше условот за интензивното ширење на ропството на Новиот континент. Патентот на Витни од 1794 година за машина што го раздвојува памукот од семето, позната како Памук џин (Cotton Gin), беше условот за порастот на производството на памук и драматично ја зголеми обемноста на плантажите во јужните американски држави каде што ропството беше раширено.

Пред американските држави, робовите биле масовно ангажирани на плантажите на Карибите, а се проценува дека од 15. век од Африка на западната хемисфера биле однесени 12 милиони робови. Се смета дека дури четири милиони настрадале на ужасниот „Среден пат“, по кој робовите во стеснати галии биле пренесувани на Запад од Африка. Побарувачката за робови во новиот век ја поттикнува токму она што го предизвика ропството – потребата за физичка работа. Од друга страна, класичните историчари како Гибон, но и советскиот историчар Машкин, укажуваат на економската неиздржливост на системот кој почива на ропство, поради цената и организацијата.

Кога се зборува за ропството во Рим, повеќето автори го цитираат географот Страбон кој забележал како на пазарот на робови во Делос се продаваат и до 10.000 робови дневно. Некои од нив ќе стекнат слобода, главно поради превисоката цена за одржување на робовладетелското домаќинство. Патот кон слободата, меѓутоа, не е кус и опфаќа цел спектар на разновидни права. Останатите граѓани уживаат civitas, но за ослободените, како и за оние кои живееле во провинциите или италијанските муниципии, ова право е ограничено само на приватните работи, minute jure. Само полноправните граѓани, со право cives optimo jure, можат да носат бела тога и да учествуваат во јавните работи. Модерниот човек, дури и кога живее во сиромашна држава, не оди наоколу во бела тога, но во најмала рака во својата заедница ги поседува правата на еден римски граѓанин. Но, за разлика од него, поседува и бројни машини кои постојано му служат, наместо луѓето.


Графики: William Blake (1850-ите)
Извор: Елементи

Слични содржини

Општество / Наука / Историја
Наука / Живот / Историја
Општество / Свет / Историја
Свет / Технологија / Историја
Наука / Уметност / Историја
Наука / Историја

ОкоБоли главаВицФото