Сите се давиме во калта на ВМРО!

19.08.2016 02:16
Сите се давиме во калта на ВМРО!

Сонував дека поплавата била замислена како претколо на изборите, како квалификациско чистилиште за главниот турнир во декември, како некоја фуснота во анексот од Пржино, како пиздарија која требало да ја интегрира заедницата до нивото на кое на фонот на таа несреќа, би можела да демонстрира минимум капацитети за фер и демократско гласање.

Али, курац фини!

Во поплавата под Скопска Црна Гора вистинската вода не дојде од полите на оголената планина туку од центарот на Скопјанг, несреќата на луѓето во Стајковци и во другите поплавени места се слеа како мало бранче во општата поплава во која во калта на вмро ние се давиме десет години, во поплавата во која ја загубивме нашата куќа, нашата покуќнина, нашите вредности, нашите блиски, ги испокинавме лигаментите што нè поврзуваа, загубивме сè, вклучително и можноста да се реинтегрираме на политички и на правен начин. Се загубивме себеси. И ја загубивме Македонија. Таа е сè уште тука, но настаните каква што беше поплавата, ни ја прикажаа во вистинското светло, како убава ткаенина која дури откако ќе се крене, дозволува да се види колку е разјадена и, всушност, дезинтегрирана од киселината што во системот на политичката алхемија е заведена под кодното име: вмро.

Произведена е цела култура на пропаста. Мека е земјата околу Скопје, лесно се копаат гробови, порано човек ќе умреше додека да си го ископа гробот, сега, под вмро, не мора ниту да умре за да ја почувствува земјата на власта врз студеното лице!

Луѓе кои на смртта гледаат како на највисоко себеостварување. Врвот на вмро е неодвоив од таа сатанистичка култура, впрочем, како и врвот на емпецето. Стајковци е ново Диво Насеље, Диво Насеље беше ново Смилковци, масакрот крај скопското езеро беше нова форма на насилството врз опозициските пратеници во таканареченото собрание, Скопје 2014 беше нова, уште „поубава“ реприза на земјотресот од 1963 и така натаму.

Главниот белег на тие катастрофи не е бројот на жртвите или нивото на насилството и околностите во кои драмата се случува, туку шокирачкиот ефект на ненормалноста врз способноста на луѓето на разумен начин да сфатат што се случува во нивната околина и зошто се случува тоа што се случува. Тој систем од постојани шокови и неспособностите на разумниот одговор, ги дезинтегрира луѓето од својата околина и од себе, заедницата ја атомизира односно ја десубјективизира, луѓето пливаат на површината на водата како полумртви папалини, гавраните на вмрото кружат над нив и ги ловат.

Нивото на ненормалноста на власта, на обесчовеченоста на власта, која мртва ладна си го ѕида панорамското тркало од кое мирно ќе може да ја посматра смртта во Стајковци е минуциозно разработен систем во кој шокот од тоа што некој што украл шест милијарди евра од поплавениот, му ја краде и донираната вода и ја продава од другата страна на улицата на друг поплавен, тоа прво ги фрла луѓето што останале колку-толку нормални во морализаторски трактати, па во благ напор нешто да сменат и потоа во тешка резигнација и депресија, во предавање пред смртта. Тоа е систем и систематски стремеж кон своевидна антикултура, тоа е епидемија, дел од мисијата на вмро за историско десубјективизирање и национално декапацитирање на Македонија. Таа мисија е катастрофа по себе, таа произведува катастрофи и произведува неспособност да се одговори на катастрофите, во тој дел произведува патетични паради, фотосесии на разноразни лидери, произведува и реални напори на реалната солидарност кои, меѓутоа, се девалвираат во морето на општиот хаос.

Така што можеме со сигурност да го тврдиме тоа што во Хидрометеоролошкиот завод пропуштија да го потврдат пред поплавата под Скопска Црна Гора: изборите ќе бидат морален и човечки потоп од библиски размери. Секоја катастрофа што ја приредуваат чипираните идиоти од вемерето ја зголемува цената на нивната кожа и јас мислам дека поскоро ќе ја симнат браната на Матка отколку што ќе се симнат од власт затоа што така сакале луѓето на некакви избори. Тоа е автоматизиран систем на несреќата, бесчувствителен на морални интервенции и бескрупулозен во однос на сите можности за политички интервенции.

Тоа што во ваква ситуација сдсм бара итна седница на собранието и тоа што вмро се согласува со такво едно заседание, тоа значи дека, таканаречената политичка елита, авторите на оваа катастрофа, решиле да продолжат да пливаат во системот кој ги дави луѓето и ги уништува нивните животи. Ништо друго не значи идејата за седница на политичкиот нотаријат на вмровскиот апашанат. Да има некоја реална грижа за населението, некој (народот) насила би ја спречил таа седница или би ги евакуирал луѓето на сигурно додека тоа просерување не заврши.

Ќе умрам!

Ми доаѓа да се предадам, да се удавам без поплава, во кал ќе се закопам на трети спрат!

Па, ова идеја, господине Шилегов, може да убие повеќе луѓе отколку сите поплави, сообраќајни несреќи, епидемии и земјотреси во Скопјанг, луѓето што го преживеаја милот на Стајковци ќе умрат со далечинскиот управувач в рака!

Колку треба да сте бездушни да предложите вакво нешто!?

Па, тоа што вие го викате Собрание е Поплавата, тоа чудовиште е Ерозијата и на земјиштето и на Моралот, тој Нотаријат на политичкиот апашанат е Смртта како таква.

Како не ви се јасни тие работи?!

Државата, пред сè, ја зголемува безбедноста на граѓаните, што овозможува постоење на некое ниво на владеење на правото, што, пак, има поволно влијание врз нивото на благосостојбата.

Ова е поедноставена, но, всушност, многу точна и сеопфатна, би рекол, дефиниција на државата што ја дава Владимир Глигоров: безбедност, право и благосостојба.

Кај државите безбедноста е основна и од неа извираат правдата и благосостојбата, додека кај формациите каква што е Европската Унија, благосостојбата ги дефинира и од неа извираат правдата и безбедноста.

Според овие базични критериуми Македонија не е држава.

Поплавата беше екстерно тестирање на кое кандидатот падна на сите три критериуми, посебно на основниот, значи на безбедноста, па Историјата одби да ѝ ја продолжи лиценцата која подолго време Територијата успеваше да ја фалсификува во злосторничките лаборатории на вемерето.

Поплавата ја симна дебелата шминка од лицата на лажните институции и, еве, имаме прилика да гледаме какви сè тоа карикатури имаме од влада, од војска, од полиција, од медиуми, од претседатели и премиери, сегашни и бивши.

Таа монтипајтонизација на некогашната држава не е случајна работа, таа е резултат на натчовечките напори и систематската работа на чипираните идиоти кои и беа чипирани со програма да им ја разглобат државата на наивните Македонци.

Сакам да повторам: правните и политички можности за спас се неповратно загубени, дури може да се каже дека продолжетоците на обидите за правно и политичко решение веќе влегуваат во делот на одговорноста за сегашните и за идните катастрофи.

За жал, се разбира. Но, првата работа што мора да ја направи општеството и тој што мисли дека политички ќе ги артикулира неговите интереси, е јасното соочување со вистината, со реалните димензии на проблемот. Македонија е во хуманитарна катастрофа чие ниво заслужува внимание на Светската здравствена организација, на Унеско и на Гринпис, на Советот за безбедност, на НАТО и на Европската комисија. И на луѓето во Македонија, се разбира. Вмро е смртоносна болест од која можеме да се излечиме само со тешки оперативни зафати, антибиотици, физикални терапии и сл.

Извор: Слободен печат
Фотографии: Роберт Атанасовски