Моќта на „глупавите“ прашања

19.08.2016 12:00
Моќта на „глупавите“ прашања

Притисокот од медиумите, кои понекогаш мора да поставуваат и „глупави“ прашања - како што нè обвини беровскиот градоначалник Наџински! - за да ги добиваат вистинските одговори, е нешто што не смее да се потцени. Кој тоа не го разбира, не заслужува да се занимава ниту со политика ниту со шоу бизнис.

По првичната информација на агенцијата „Мета“ и по реакциите на социјалните мрежи, Плусинфо и „Слободен печат“ отворено проговорија за лицемерието на македонските локални моќници, кои плаќаат илјадници евра за гостувањата на поп и фолк ѕвезди од бившите ЈУ-простори на нивните манифестации, во време кога Македонија на сите страни бара помош за настраданите во катастрофалните поплави во Скопско.

Ден по арогантните и бесчувствителни изјави на организаторите на овие настани со кои контактиравме, веќе стасуваат поинакви вести. Светлана Ражнатовиќ-Цеца и Здравко Чолиќ дел од хонорарите што ќе ги добијат од настапите во земјава, ќе ги донираат за поплавените жители од Скопско. Жељко Јоксимовиќ, пак, најавил дека парите од концертот што ќе го има во декември во Скопје, целосно ќе ги донира за настраданите. Засега нема информации од другите пејачи, но верувам дека и нивните менаџери ќе се премислат.

Ние будно ќе го следиме остварувањето на овие ветувања и ќе ја промовираме хуманоста на ѕвездите, кои за настапите на големите манифестации низ Македонија вообичаено лапаат огромни хонорари. Нивните фанови заслужуваат гестови на поддршка кога тоа им е најпотребно. За да биде тоа така, ќе мора да продолжиме да поставуваме „глупави прашања“ до нашите локални моќници, кои се дарежливите домаќини на ѕвездите, а тие во иднина ќе мора да смислуваат малку попаметни одговори.

Извор: Плусинфо