Огледала

19.08.2016 11:51
Огледала

Јас што треперев пред огледалата - и дамна
И сега - и не само пред огледалото просто,
Со длабочините во кои почнува еден простор
Ненаселлив, лажен свет на одблесокот пламнат,

Туку и пред водата, пред јасниот одек
Што, со едно подлабоко небо, небо друго слика,
Одблесокот одеднаш пресечен со нестварната лика
На пресвртената ластовица што ја брише бранот нагло роден;

Јас што сум вознемирен дури и пред мебелот светнат,
Пред резот на абоносот и пред спокојот стишан
Низ кој понекогаш се лизга како сон и се ниша
Нејасната белина на мермерот или белината цветна,

Се прашувам уште, по многу денови и по многу смени
На ноќите што збунуваат со разновидноста на небесните полја,
По кој чуден случај или на кој чуден бог ли по волја
Секое огледало со неспокојство и со страв ме плени.

Огледала светнати, огледала скриени, огледала од сребро чисто;
Стари огледала од скапо дрво што самракот пленик го прават,
Чијашто маглива крв ги обвиткува и облик им дава
На погледите што гледаат но кои гледани се исто,

Размножувајќи го животот како љубовниот допир,
Шутови на Истото, на Еднаквоста робови во оков,
Ги гледам бесконечни, без милост, без сон и без спокој,
Извршители груби на договорот што дамна се склопил.

Тие одат, зашеметувачки мрежи на пајак, и ѝ ја прават
На земјата уште потешка задачата што никој не може да ја рече.
Испрашувани во болница или во војна некоја вечер
Понекогаш ги замаглува здив на некој што уште знаци на живот дава.

Јас сум познат, јас сум демнат. Нека само, додека сум буден,
Еден од ѕидовите на мојата соба има огледало, и знам:
Сам не сум веќе. Тоа ме гледа, тоа ме следи без срам;
Тоа подготвува за утрото еден театар чуден.

Таков е, украси од кристал, вашиот закон двоен:
Во вашите граници сè се случува, но од нив сè и бега.
Тој левучар го зема мојот стол, а еден рабин сега
Ќе го чита ова од десно на лево; и двајцата се со лице мое.

Клаудиј, сонуваниот крал, си го сонуваше часот бледен;
Но еден артист, што улога на предавник си земал,
Му помогна да ја сфати вистината низ играта нема:
Клаудиј дозна дека Клаудиј е само сон еден.

Што? Нашите избришани судбини нецелосни би биле
Без соништа, без огледала? Секојдневјето празно
Го бара ли навистина, како скриено азно,
Тој свет длабок и лажлив што одблесоци го свиле?

А сепак таа градба што рацете нема да ја стиснат,
Ќерка на светлината и ќерка на ноќта темна,
Безредие што ме признава и низа од форми што ме демнат,
Можно е во својата природа да крие некоја смисла.

Да се мисли на соништа, на огледала, на судбина наша
Тоа е сè исто. Господ во нив пораката ја впишал
Дека сме одблесок, напразност, слики што се бришат.
Страв ли ни е од нив? Тогаш, ете зошто нè плашат.

Препев: Влада Урошевиќ
Инсталација на сликите: Гуго Торели & Ширин Абединирад

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото