Македонија шампион во производство на вмр-овци

19.08.2016 16:21
Македонија шампион во производство на вмр-овци

Македонија останува единствената земја во Европа што произведува вмр-овци, се наведува во извештајот на европската комисија за борба против идиотштината (ЕКБПИ). 

Меѓутоа, македонските власти го отфрлаат ваквото тврдење.

Пред одредено време заменик шефот на заменик шефот на заменик шефот на заменик шефот на заменик портпаролот на владејачката партија, Македон Александров, изјави дека од почетокот на годината биле произведени само десет илјади вмр-овци што, според него, покажува дека веќе има подобра контрола врз ширењето на појавата што опозицијата ја нарекува „груевизам“.

Според заменик шефот на заменик шефот на заменик шефот на заменик шефот на заменик портпаролот на владејачката партија, Македон Александров, мвр-овската полиција ги продолжува своите операции против опозицијата која, како што тврди тој, во соработка со тајните служби од некои западни земји и со Сорос, е највиновна за создавањето нови вмр-овци.

Само во вторникот во селото Просечно Дупени, во јужниот дел на земјава, биле создадени тројца нови вмр-овци.

Површините со вмр-овци годинава нараснале за 15 отсто, пишуваше пред некој ден бугарскиот весник „Западна България“, повикувајќи се на извештајот на европската комисија ЕКБПИ.

Во споменатиот извештај ситуацијата во оваа земја се оценува како драматична, бидејќи вмр-овците се присутни во речиси сите региони од земјата.

Во извештајот се посочува дека во Европа процентот на вмр-овци е под 0,00001 отсто и дека оваа појава е карактеристична само за нашата држава. Во ЕКБПИ најавуваат дека ќе започнат со разгледување мерки за спречување на оваа штетна појава, додека не зафатила корен и во другите европски држави.

Слика: Александар Ковачевски