Омран: 5-годишното момче од Сирија кое стана симбол на страдањето на невините

19.08.2016 17:04
Омран: 5-годишното момче од Сирија кое стана симбол на страдањето на невините

Додека седи на портокаловото седиште во возилотo на брза помош, Омран Дакнеш збунето гледа во далечина. Со раката поминува по образот прекриен со прашина и крв, а потоа ги гледа црвените дамки од крв кои останале на неговата дланка. Изненаден, ја брише раката од седиштето без да изусти ниту еден збор и без да заплаче.

Неколку минути пред тоа момчето е спасено од урнатините на неговиот дом во сирискиот град Алепо, по воздушниот напад кој наводно го извела војската на сирискиот претседател Башар Ал-Асад.

Неговото извлекување од урнатините го снимил еден локален новинар, а фотографиите и снимката во четврток го обиколија целиот свет. Момчето веднаш стана нов симбол на страдањето на сириските цивили.

„Сум видел многу деца спасени од урнатините, но ова дете со својот невин израз на лицето немаше поим што се случува“, вели за Гардијан сирискиот новинар Мустафа Ал Сарут, кој го снимил потресното видео.

„Ги стави рацете на лицето и ја виде крвта. Не знаеше што му се случило. Сум фотографирал многу воздушни напади во Алепо, но неговото мало лице прекирено со прашина и крв се врежа во мене.“

Д-р Мохамед, хирург од Алепо кој одби да го каже своето презиме, го примил малиот Омран кога бил донесен во болница.

„Дојде во тотален шок, збунет од она што му се случило. Телото му беше прекриено со прашина, а од челото му течеше крв. Беше преплашен и шокиран. Седел мирно во својот дом, можеби и спиел, а потоа куќата се срушила врз него. Кога го лечевме, не врескаше и не плачеше, само беше во шок“, вели лекарот и додава дека Омран дошол со полесна повреда на главата и неколку модринки.

Неколку часа откако момчето и неговото семејство биле спасени, Омран бил пуштен од болница. Неговата сестра и братот биле со него во амбулантното возило, додека таткото исто така се појавил по нападот, со лице покриено со крв.

Извор: Jutarnji list