И по изборите СПУКМ има нелегитимен претседател!

20.08.2016 13:58
И по изборите СПУКМ има нелегитимен претседател!

На 10-ти јуни Студентскиот парламент распиша избори за нов претседател, а рокот за пријавување на кандидатури беше до 19-ти јуни. На 13-ти јуни Студентскиот пленум, претставници на студентското движење кое се појави во 2014 година, упаднаа во канцелариите на Студентски парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, по што следеше жестока расправија со актуелниот студентски в.д. претседател, Кирил Спироски. Тие побараа да има прекин на студентските избори, бидејќи доколку се случат, ќе биде спротивно на сите интерни акти на Студентскиот парламент. Закажаните студентски избори се случија на 30-ти јуни, а Изборната комисија на СПУКМ го прогласи Давор Поповски за легитимен претседател и покрај сите изборни нерегуларности и сериозните повреди на процедурата и принципите на демократскиот изборен процес.

Студентските избори го кршат Правилникот за спроведување на избори

Од оваа анализа може да се утврдат низа изборни прекршувања на Правилникот за спроведување на студентските избори и непочитување на демократските принципи за избори. Токму затоа, изборите кои се случија на 30-ти јуни Изборната комисија не може да ги прогласи за фер и демократски, а Давор Поповски за легитимен студентски претседател.

Изборите за студентски претставници се организираат врз база на Правилник за спроведување на студентски избори на УКИМ. Дента на изборите, прекршени се 7 членови од овој правилник. Изборите се спроведуваат со тајно, непосредно гласање во фер атмосфера. Со непостоењето на паравани за гласање на дел од факултетите на кои се одвиваше гласањето се прекршува член 5 од Правилникот и се нарушува начелото на тајност на изборите.

Точната дата за одржување на избори ја утврдува Изборната комисија на првата конститутивна седница која се одржува во текот на октомври, за што нема записник во Централниот регистар, ниту дека се избрала Изборна комисија, ниту дека се одржала седница, ниту дека е утврден датум за избори (член 23). За ова нема никакви записи ниту на фан пејџот на СПУКМ, ниту на нивниот веб портал, што е уште едно прекршување на член од интерен акт, бидејќи нивната работа треба да е јавна, според член 11 од Статутот на СПУКМ. „Јавната објава за избори се истакнува најрано 30 дена пред денот на одржувањето на изборите“, вели членот 25 од Правилникот. Со оглед на тоа дека изборите се распишани на 10-ти јуни, а се случија на 30-ти јуни, повеќе од јасно е дека и овој член е прекршен.

При гласањето, името и презимето на студентот што гласа се заведува во посебен список, заедно со бројот на индекс и потпис. Имено, гласањето беше спроведено без избирачки список, кој треба да овозможи увид во бројот на студенти кои го искористиле своето право на глас и почитувањето на начелото „еден човек еден глас“. (член 29). Прекршен е и член 31 од Правилникот, кој налага на гласачкото ливче да има печат од изборната комисија или жиг за избори. Дел од „гласачките ливчиња“ преку кои студентите требаше да ја манифестираат сопствената волја не содржеа печат, а на оние кои поседуваа стоеше 2015 како година на одржување на изборите. Со ваквото гласање, не може да се знае бројот на отпечатените ливчиња, а непостоењето на избирачки список укажува на нерегуларности и можност за местење на изборни резултати.

Постои записник со број на гласачки ливчиња, забелешки за текот и постапката на гласањето. Овој записник е потпишан од членовите на изборната комисија на матичниот факултет и се доставува до Изборната комисија на Универзитетот (член 34). На записниците немаше број на гласачки ливчиња, а со оглед на тоа дека дел од нив немаа ниту печат, ниту жиг, Изборната комисија не можела да ја утврди нивната бројка.

Нелегитимни кандидатури за студентските избори

Според член 39 од Правилникот за спроведување на избори, кандидатот за претседател на Студентскиот парламент на Универзитетот може да се кандидираат на два начина, или да собере најмалку 5 печати на студентски парламенти на факултетите или да собере 3.000 потписи од студенти. Двајцата кандидати својата кандидатура ја поднесоа со печати добиени од матичните парламенти. Но, анализата на документите, записниците, списоците извадени од Централен регистар, а поврзани со 23-те матични парламенти при УКИМ, укажува на тоа дека мандатот им е истечен, што значи дека немаат право и моќ да носат одлуки во име на студентите. Затоа, нивната препорака за кандидати за претседател е нелегитимна и неоснована.

Член 37, пак, вели дека право да се кандидира на изборите има секој студент не постар од 24 години. Давор Поповски овој услов не го исполнува бидејќи има повеќе од 24 години. Токму затоа, и во случај самите избори да беа фер и демократски и да завршеа во фер атмосфера, поради немањето легалитет од страна на матичните факултети да ги дадат своите печати и својата препорака, победникот на овие избори пак ќе беше нелегитимен.

Избори надвор од академската година и Статутот на СПУКМ

Овие избори се распишани надвор од академската година, согласно Универзитетскиот календар во кој пишува дека од 15 јуни до 15 август 2016 година академската година е завршена, односно нема настава и активности поврзани со студенти во рамките на УКИМ. Согласно член 222 од Стаутот на УКИМ, Универзитетскиот сенат овој календар го донел на седница одржана на 20.03.2015 година, што е објавено и на веб страницата на УКИМ, а го потпишал ректорот, проф. д-р Велимир Стојковски. Изборите за претседател на СПУКМ се закажани надвор од оваа рамка, што директно го оневозможува правото на студентите да го искажат својот став преку гласање, бидејќи повеќето од нив се вратени во родните градови, отидени се на одмор или на студентски размени, а со оглед на тоа дека изборите се случуваат во Скопје, ова директно влијае и на излезноста на изборите.

Понатаму, со закажување избори надвор од академската година на УКИМ, прекршен е и член 30 од Статутот на СПУКМ, во кој јасно стои дека изборите за претседател на Студентскиот парламент секогаш се одржуваат во секој нареден октомври по завршувањето на мандатот на претходниот претседател. Ова укажува на избори на кои се бира студентски претседател во период во кој студенти на УКИМ нема, што е спротивно на актите на УКИМ и СПУКМ, и дополнително го урива легитимитетот на одржаните избори.

Што може да се направи за студентското организирање?

Она што моментално може да се направи е да не му се дозволи учество на „избраниот“ претседател на СПУКМ, Давор Поповски во органите на УКИМ, бидејќи, земајќи ги предвид фактите, неговиот избор е незаконит и нелегитимен, што значи дека нема легалитет да носи одлуки во име на студентите.

Секако, ова е решение за до 15-ти септември, додека Комисијата за менување на Статутот на УКИМ (во делот на студентско организирање) не предложи пред Универзитетскиот сенат модел на студентско организирање кој ќе е применлив на УКИМ и ќе им овозможи на сите студенти активно да се вклучат во работата на Студентскиот парламент. Сенатот е орган при УКИМ што ги носи сите одлуки поврзани со работата на Универзитетот и е составен од двајца претставници од факултетите членки на УКИМ и 10 претставници на студентите.

Оваа Комисија ја создаде Универзитетскиот сенат, а во неа има двајца претставници од Студентски пленум, двајца претставници од СПУКМ и седум професори од УКИМ. Со почетокот на новата академска година и со работата на Комисијата се очекува да се реши и проблемот со студентските претставници, преку предлог модел што ќе произлезе од Комисијата, а ќе биде доставен до Сенатот за гласање. По гласањето, предлог моделот на студентско организирање треба да почне да се спроведува, што би значело дека мора да има избори на сите матични факултети за студентски претставници. А спроведени избори би значело дека после долго време, студентите конечно ќе се претставувани од легитимно избрани студенти.

Извор: respublica.edu.mk
Фотографии: Ванчо Џамбаски