Како државата со која раководи ДПМНЕ ми го одзеде избирачкото право

21.08.2016 13:26
Како државата со која раководи ДПМНЕ ми го одзеде избирачкото право

Правото на избор е еден од темелите на современата демократија и заштитата на ова право е должност на секоја демократска држава.

Оневозможувањето на изборот, ограничувањето на правото на избор, манипулацијата со изборите се гонат кривично, по службена должност и се казнуваат многу строго. Тоа е задача на државата.

Државата на чија раководна позиција се наоѓа ДПМНЕ 10 години ја злоупотребуваше својата надлежност и го загрозуваше правото на избор на своите граѓани.

Еден од начините на злоупотреба беше (е) манипулацијата со избирачкиот список.

Државата во која власта ја држи ДПМНЕ континуирано внесуваше хаос во избирачкиот список со тоа што не го ажурираше (не ги бришеше починатите, оние кои веќе немаат македонско државјанство или пак одамна ја промениле адресата на живеење).

Државата во која власта ја држи ДПМНЕ преку криминалната испостава која работи во просториите на Министерството за внатрешни работи издаваше (па и сè уште издава) лични карти (документи за идентификација), на луѓе кои не се граѓани на Република Македонија и кои не би требало по ниту еден основ да имаат ваков документ, ниту пак право на глас во Република Македонија.

Државата во која власта ја држи ДПМНЕ преку криминалците инфилтрирани во работата на Државната изборна комисија, со години спречуваше каков било облик на фактичка проверка на гласачкото тело.

Државата во која власта ја држи ДПМНЕ оневозможи попис на населението и со тоа оневозможи било каква проверка на ситуацијата со гласачкото тело.

Државата во која власта ја држи ДПМНЕ инфилтрираше свои криминалци во сите државни институции во кои се собираат податоци за населението и на тој начин овозможи лажирање на бројките на сите нивоа.

На овој начин државата во која власта ја држи ДПМНЕ можеше без проблеми да манипулира со бројките и да си обезбеди континуирано лажирање на сите изборни циклуси.

Дури и тогаш кога лагите излегоа на виделина и кога нелогичностите го достигнаа она ниво кога веќе не можат да останат незабележани, државата во која власта ја држи ДПМНЕ не прифати одговорност и не се согласи да го направи најнормалното нешто кое треба да го направи една власт која себе се нарекува демократска – да го провери избирачкиот список.

Заради ова, мораа да дојдат луѓе од страна, да извршат крајно непримерен притисок врз власта и да наметнат методологија со која ќе се провери дали меѓу оние кои се запишани на списокот има умрени, луѓе кои не живеат во Македонија, луѓе кои не се државјани на Македонија и луѓе на кои во последните 10 години им се издадени лични исправи со кои се тврди дека се државјани на Македонија и покрај тоа што не се.

Многу едноставно, нели?

ДПМНЕ реши да ги употреби сите ресурси на државата кои му стојат на располагање и да најде начин како да избегне од избирачкиот список да бидат тргнати имињата на луѓето чии гласови можат да бидат употребени во нивна корист.

Ги искористи инфилтрираните криминалци во државните институции и го лажираше процесот на споредба меѓу различните бази на податоци.

Ги искористи криминалците инфилтрирани во Државната изборна комисија и создаде хаос во процесот на проверка.

Преку криминалците инфилтрирани во Државната изборна комисија ги украде податоците од избирачкиот список и ги лажираше.

Во методологијата внесе низа нелогични прашања кои овозможуваат манипулација со крајните резултати.

Резултат на овие активности беше:

Сите имиња на луѓе кои немаат избирачко право да останат на избирачкиот список.

Да се направи листа од имиња на луѓе кои по ниту еден основ не се сомнителни како гласачи.

Да се принудат луѓето да го докажуваат правото да бираат, наместо обратното, да бидат изнесени аргументи со кои се оспорува нечие право.

Државата во која власта ја држи ДПМНЕ прогласи дека ме нема во ниту една база на податоци во државните органи кои ги раководат криминалците на ДПМНЕ, дека не живеам на адресата на која живеам веќе 35 години, дека лажно се претставувам како државјанин на Македонија, дека сум ги фалсификувала мојата лична карта и патна исправа, дека противзаконски работам веќе 35 години во државна институција, дека немам имот на мое име и дека не плаќам даноци.

На тој начин, државата во која власта ја држи ДПМНЕ ми го одзеде правото на глас. Ме избриша од бирачкиот список на кој сум запишана веќе 42 години. И нешто повеќе. Државата со која раководи ДПМНЕ ме прогласи за криминалец.

За да си го вратам правото на глас, јас треба да докажувам дека не сум криминалец кој фалсификува јавни исправи, дека сум државјанин на оваа држава, и во крајна линија треба да докажувам дека постојам.

Државата е должна да ги штити моите права. Во моментот кога ми е одземено правото на глас од страна на државата со која раководи ДПМНЕ, таа ги прекршила Уставот, меѓународните конвенции и националните закони.

Претставниците на државата кои се задолжени во рамките на Државната изборна комисија да го заштитат моето право на избор, мора кривично да одговараат. Тоа важи и за претставниците од другите партии и наводно независните експерти тоа го го дозволиле – тие станале соучесници во овој криминал. И тие мора кривично да одговараат заедно со оние од ДПМНЕ.

Извор: kvadraturanakrugot.crnaovca.mk
Слики: Александар Јосифовски