Отворено седмото издание на фестивалот Македокс

22.08.2016 03:33
Отворено седмото издание на фестивалот Македокс

Во Куршумли-ан во сабота (20.08) се бараше столче повеќе на отворањето на седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. На филмската програма беа премиерата на документарниот филм „Мојот превртен свет“, во режија на Петра Селишкар, и два целовечерни концерти, на Крис Екман и неговата група „Фрикшнс“, како и заедничкиот настап на диџеј Димитри од Чаир со гитаристот Тони Китановски. Крис Екман е и музички продуцент на филмот „Мојот превртен свет“, така што на концертниот настап беше изведен дел од музиката во филмот.

Документарниот филм „Мојот превртен свет“ е приказна базирана на музика со песните на култниот словенечки актер, режисер, поет, писател и кловн Фране Милчински – Јежек. Во продукција на „Петра Пан филм продукција“, филмот е направен како македонско-словенечко-хрватска копродукција. Во музичкиот сегмент на филмот настапуваат и македонските музичари Тони Китановски со оркестарот „Черкези“, како и групата „Бернајс пропаганда“. Филмот се прикажува надвор од компетицијата за награди.

Филмската екипа што работеше на филмот, меѓу кои беа снимателот Бранд Ферро, монтажерите Доријан Миловановиќ и Владимир Гојун, музичкиот продуцент Крис Екман, како и продуцентите на филмот, беше пречекана со овации по проекцијата, додека благодарност до екипата и до присутната бројна публика изрази Петра Селишкар.

„Навистина ме радува што ве гледам во толкав голем број и оваа вечер сакам да ја посветам на сите оние што не се со нас“, изјави Селишкар, која, исто така, рече дека Јежек бил голема инспирација за правењето на филмот и изрази благодарност до своето семејство за трпението во изминатите осум години, колку што траеше подготовката на „Мојот превртен свет“, а даде поттик и до присутната публика да донира средства за настраданите во неодамнешните поплави во скопскиот регион. Во рамките на детските работилници во наредните денови на фестивалот ќе се направи обид да учествуваат деца од загрозените подрачја.

На отворањето, целата екипа што работи на фестивалот со кромид во рацете ја поздрави публиката. Со мото „Сите сме приказна“, седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ почна синоќа и ќе трае до 26 август 2016 година.

На вториот ден, 21 август (недела), со премиерата на македонскиот филм „СТУДаНТС“ на Тамара Котевска, во 22.30 часот, ќе биде отворена програмата „Студентски приказни“, чиј редовен термин во текот на фестивалот ќе биде на платото пред Куршумли-ан, со почеток на полноќ. Малку порано, во 21.10 часот, со филмот „Под сонцето“ на Виталиј Мански на 21 август се отвора и програмата „Руски снег“.

Исто така, на вториот ден почнуваат и две работилници. Во претпладневните и пладневните термини (11 и 15 часот), ќе се изведува работилницата „Сторивуд“ за млади и сите што се чувствуваат млади, додека во Музејот на современата уметност, во 18 часот, од 21 до 24 август, ќе се одржи четиридневната „Работилница за уметноста на раскажувањето“, односно работилница за уметноста на раскажувањето во хип-хопот со Димитри од Чаир.

Во програмата Нови автори се прикажува филмот „Јонас и циркусот во задниот двор“ на Паула Гомес од Бразил, додека во програмата Кратки документарци се прикажуваат „Фигура“ на Катарзина Гондек и „Уште еден обичен ден во Египет“ на Никола Илиќ и Корина Швингрубер Илиќ.

Продолжува и традицијата со разговорите „Под смоква“. На првата сесија под смоквата во дворот на Куршумли-ан, на 21 август, од 18 до 20 часот, учествува екипата на филмот „Мојот превртен свет“, и тоа: Петра Селишкар, Бранд Ферро, Владимир Гојун, Доријан Миловановиќ, како и гостинот од Финска, Иика Вехкалахти, кој исто така има своја работилница „Раскажувачите раскажуваат“ со серија мастер-класови, а едновремено е и член на жирито за наградата „Млад кромид“.

Со отворањето на фестивалот отворена е и изложбата на фотографии „Патувањата на магаренцето на МакеДокс“, која ќе може да се види до крајот на фестивалот.

Фотографии: Филип Куновски