1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 04:59
Американските коментатори го игнорираат убедливото водство на Хилари Клинтон според сите релевантни истражувања на јавното мислење и тврдат дека таа би претрпела сигурен пораз од некој друг републикански кандидат.
Секако, никогаш нема да дознаеме дали ова е точно. Она што го знаеме е дека никој од ривалите на Доналд Трамп не е оној имагинарен совршен кандидат на републиканците за претседател на САД, зашто ниеден не одговара на описот конзервативец со умерени идеи.
Да се сетиме на Маркo Рубио, кој постојано повторуваше дека претседателот Обама свесно ги уништува САД. Оваа изјава е слична на онаа на Трамп за тоа дека Барак Обама е основач на ИСИС. Да се потсетиме и дека Џеб буш, идеален кандидат на естаблишментот, ја започна својата кампања со лудото тврдење дека неговите предлози би го удвоиле американскиот економски раст.
Тоа ме доведува до темата на овој текст - економската визија на Хилари Клинтон. Тоа е визија на левиот центар: зголемување на данокот за богатите, воведување ред во финансискиот сектор и зголемување на социјалните давачки. Во овој план е забележливо и воведувањето ред во финансискиот сектор и отсуството на нерални ветувања. За разлика од републиканците, таа не тврди дека нејзините зафати ќе го зголемат економскиот раст, и како што Центарот за даночна политика вели: „Таа е политичарка која ќе го исполни она што ќе го вети“.
Моето прашање гласи: дали е добро тоа што овој економски план е скромен? И дали забрзувањето на економскиот раст воопшто треба да биде приоритет? Американската економија прилично добро закрепнува од финансиската криза 2007-2009 година, но долгорочниот економски раст и понатаму е разочарувачки. Нешто од ова можеме да ѝ припишеме на демографијата, зашто бејби бумерите одат во пензија, што доведува до намалување на работната сила. Но, исто така донекаде дојде до загадочен пад на вработеноста меѓу работниците во најголемата старосна група помеѓу 25 и 54 години, и нагло опаѓање на продуктивноста. Според Конгресната буџетска канцеларија, последица од тоа е пад на стапката на потенцијалниот раст кој економијата би го остварувала во состојба на полна вработеност - од 3,5% годишно во доцните 1990-ти на сегашните 1,5%. Луѓето на кои им верувам тврдат дека враќањето на високите стапки на раст би требало да биде најважна цел на нашата политика.
Но, тогаш се присетив на славната молитва на Рајнхолд Нибур: „Дај ми сила да го прифатам она што не можам да го променам, храброст да го променам она што можам и мудрост да ги разликувам двете“. Свесен сум дека примената на оваа молитва на економската политика делува богохулно, но во моментов ми се чини соодветна. Зошто воопшто служи економската политика? Знаеме дека таа може да обезбеди општа здравствена заштита, што и се прави во повеќето развиени земји. Знаеме дека со нејзина помош луѓето добиваат пензии. А особено добро знаеме дека со нејзина помош се зголемува заработката на слабо платените работници. Би рекол дека знаеме и како со неа да се избориме со финансиските кризи и рецесии, и покрај политичкиот отпор и опсесијата со дефицитот, кои се пречка за примена на тоа знаење.
Од друга страна, што знаеме за забрзувањето на долгорочниот економски раст? Според Конгресната буџетска канцеларија, потенцијалниот економски раст бил прилично стабилен во периодот 1970-2000 и ништо што Роналд Реган и Бил Клинтон направиле не влијаело на тој тренд. Падот кој почна под Џорџ В. Буш е продолжен за време на мандатот на Барак Обама. Историјата нè учи дека овој тренд не е лесно променлив. Не велам дека не би требало да се обидеме. Заговарам далеку повеќе вложувања во инфраструктура од оние кои ги предлага Хилари Клинтон, а со тоа и поголемо задолжување на државата. Тоа би можело значително да го поттикне растот, но не е загарантирано. Можеби е најдобро да им се посветиме на нештата кои навистина ги знаеме, наместо да кажуваме бајки за чудесниот раст.
Кога конзервативците ветуваат фантастичен раст ако им дадеме прилика уште еднаш да ја применат економијата на Буш, тие не зборуваат за резови во популарните социјални програми кои се нужни за да се надомести намалувањето на даноците. Кога центристите нè повикуваат да го игнорираме прашањето на праведна прераспределба и наместо тоа да се сконцентрираме на растот, тие ги избегнуваат одговорите на суштинските прашања. Навистина е храбро да се изјави: „Сакам да го направам ова и еве како ќе го платам. Жал ми е, ама некои ќе мораат да платат повеќе од другите“. Би било одлично ваквата политичка искреност да стане правило.
Извор: The New York Times, 15.08.2016.
Слики: Fat and Furious