УКИМ е веќе разнебитен

22.08.2016 10:44
УКИМ е веќе разнебитен

Деновиве, преку електронските медиуми, социјалните мрежи, facebook, SMS, се пренесува една значајна информација. Имам впечаток дека тоа се прави со голема радост, еуфорија. Која е таа информација? Тоа е информацијата дека Белградскиот државен универзитет (БДУ) направил голем скок напред. Ова е дотолку позначајно што ние, УКИМ, со години се споредувавме со овој универзитет. Конкретно, и ние и белградскиот универзитет имавме голема желба да влеземе во списокот на 500 најдобри универзитети. За оние што не се во тек сакам да го кажам ова: БДУ во 2012 година влезе во списокот на 500, a наредната година во списокот на 400 најдобри универзитети во светот. Големата новост, што деновиве кружи низ електронските медиуми, е: овој универзитет влезе во категоријата 300 најдобри универзитети во светот, според Шангајската листа. Со овој ранг Белградскиот универзитет го најдмина дури и Љубљанскиот универзитет кој со години има стабилно место во првите 500 универзитети.

Како што реков, оваа информација многу академски граѓани во Македонија ја примија со голема радост. Не е ни чудо зошто е тоа така. Многу луѓе од Македонија студирале во Белград, многу академски граѓани магистрирале или докторирале на универзитетите во Србија, а многу тоа го прават и сега. Многу академски граѓани пишуваат во српските списанија (Србија има 23 списанија индексирани во Web of Science, Македонија има едно). Јас, како и многу други научни работници, ја споделувам оваа информација со голема радост.

Со оглед на фактот што ние во повеќе прилики изјавивме дека сакаме да влеземе во списокот на 500 најдобри унвиерзитети, нормално е сега да се прашаме: а како стои УКИМ (или другите универзитети од Македонија) на светски план, според Шангајската листа? Веднаш ќе кажам: лошо, мошне лошо. На Шангајската листа не се наоѓа ниту еден македонски универзитет. Извршив пребарување со разни влезови како „FYROM“, „Republic of Macedonia“, „Macedonia“. Притоа сакам да појаснам: не станува збор за првите 500 рангови, туку Македонија ја нема воопшто на овој список. Тоа значи дека не можеме да ја видиме релативната позиција на македониските универзитети на светски план. Македонските универзитети, според прифатените критериуми, стојат толку лошо на светски план, што не е можно да се рангираат.

Дека УКИМ стои лошо на светски план во медиумите е укажувано повеќе пати и од повеќе автори, вклучувајќи ме и мене. Уште пред повеќе години во моите написи во пишаните медиуми (Дневник, Нова Македонија и Утрински весник) укажував на фактот дека УКИМ на светски план назадува. Од сите мои написи како да се слушаше крик до ректорот на УКИМ, проф. д-р Велимир Стојковски: „Ректоре, запри го назадувањето на УКИМ, тоа ќе биде твој голем успех“. Но, тој не го запре назадувањето на УКИМ и тој продолжи да назадува. Моја процена беше дека УКИМ назадува за околу 10 ранга секоја година од ректорувањето на овој ректор. Но назадувањето било многу поголемо од мојата слободна процена.

Заради фактот што Шангајската листа дава само групни рангови, а очигледно некои универзитети се испуштени, се обрнав кон други ранг листи, кои даваат ранг листи на сите универзитети во светот. Една таква листа дава и Вебометрикс, чија листа повеќе пати сум ја користел. Вебометрикс дава рангови на сите универзитети во светот, вклучувајќи ги и македонските. Па, како стои УКИМ на светски план? Се плашам да ја пренесам информацијата, зашто многу лица ќе бидат разочарани (а можеби и револтирани) од положбата на УКИМ. За 2016 година, според Вебометрикс, УКИМ има срамна 11.461 позиција. Некој можеби ќе рече дека овие бројки не се точни, дека станува збор за грешка. Затоа извршив некои проверки. На пример, го споредив рангот на Белградскиот државен универзитет даден според Шангајската листа и рангот според Вебометрикс: ранговите се сложуваат. Ранговите се сложуваат и за Љубљанскиот универзитет. Потоа ги споредив ранговите на некои други светски универзитети: и тие се сложуваат. Според тоа, не
станува збор за грешка или превид: рангот даден од Вебометрикс за УКИМ може да се прифати како точен.

Со години УКИМ имаше ранг на светски план околу 1500. Додека белградскот универзитет, со кого се споредувавме, постепено напредуваше кон првите 500, УКИМ се оддалечуваше. Белградскот универзитет влезе во најдобрите 300 универитети, УКИМ се оддалечи уште повеќе.

Зошто УКИМ назадува со забрзувачко темпо? Постојат повеќе причини за тоа. Една причина е нејасното законодавство во обаста на ВО. Во последните години законот за викоко образование е менуван на секои шест месеци. Доволно е да се видат зконите што се наведуваат во постапката за избор: половина страницa опфаќаат наведувањата на службените весници врз основа на кои се донесува едно решение.

Врз основа на член 121, став 4, член 123 член 125а и член 127 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија" бр. 35/2008; 103/2008; 26/2009; 83/2009; 99/2009; 115/2010; 17/2011; 51/2011; 123/2012; 15/2013; 24/2013; 41/2014; 116/2014, 130/2014, 10/2015, 20/2015 и 98/2015), член 36 и член 38 од Законот за научноистражувачката дејност („Службен весник на Република Македонија" бр. 46/2008; 103/2008; 24/2011; 80/2012; 24/2013; 147/2013 и 41/2014) и член 23 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија" бр. 62/2005; 106/2008; 161/2008; 114/2009; 130/2009; 149/2009; 50/2010; 52/2010; 124/2010; 47/2011; 11/2012; 39/2012; 13/2013; 25/2013; 170/2013; 187/2013 и 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015 и 129/2015), Универзитетот за . . . .

Значи, нејасни критериуим за избор, именување и напредување на наставници. Наставниот кадар на УКИМ, исто така е важен. Последниве десет години, избор на млади научни работници (асистенти, доценти и сл.) се врши исклучиво според партиски критериуми. Наредбата која се спроведува (преку ректорот, деканите, рецензентите) гласи: да се прими, по секоја цена, лице што ќе го одобри партијата. Ако се погледнат билтените на УКИМ, ќе се наиде на зачудувачки рецензии, тврдења и предлози. Но, не е потребно да се прелистуваат билтените на УКИМ. Во пишаните и електронските медиуми последниве неколку години се изнесени повеќе скандалозни и срамни избори. На пример, во медиумите е наведен случај на една рецензија во која се тврди дека „квалитетот на објавените трудови не е важен“, па затоа е предложен кандидат со неквалитетни трудови. Или, во еден друг случај се наведува дека деканот на факултетот им дал право на рецензентите, порано дадените бодови да ги менуваат, што рецензентите го направиле, па така на еден кандидат му ги смалиле бодовите, а на тој што треба му ги зголемиле таман толку колку што треба за да биде предложен. Во билтените може да се наиде на случај кандидат со трудови индексирани во Web of Science да се одбие за помлад асистент, а без трудови да се предложи за вонредно напредување во повисоко звање. Во еден друг случај, кандидат со позитивна рецензија е одбиен за асистентско звање од страна на ННС заради неакадемски причини. Во медиумите се опишани и случаи на мачни седници на наставно-научните совети на кои требало да се изврши избор на несоодветни кандидати.

Овие тешко разбирливи предлози се засновани врз партиски, а не академски критериуми. Дали може на Белградскиот или Љубљанскиот државен универзитет да се напишат (а и да поминат на ННС) вакви рецензии?

Да се осврнам, накратко, на извештаите за докторските дисертации. За магистерските веќе не вреди ни да се зборува. Одамна е речено дека тие се препишуваат и купуваат. Имаме, на пример, докторат во кој не се потврдени хипотезите, а е оценет како да дал голем придонес во науката. Во медиумите (електронски) опишани се случаи на докторати на 50-60 страници (иако бројот на страниците не мора да биде мерило за квалитетот на докторатот), во кои е изразено сомнение за веродостојноста на податоците и сл. Барањето за објавени трудови во списанија со импакт фактор, пред да се пристапи кон одбрана на докторатот, на наивен начин се изигрува и тоа така што списание што не е индексирнао во Web of Science, се прикажува како такво, при што се наведуваат непостоечки бројки за импакт факторот. Во некои случаи списание со низок квалитет се означува како референтно списание. Тоа се прави со цел да се оправда предлогот.

Од пред извесно време единици на УКИМ во соработка со државниот просветен инспекторат ја разгледуваат можноста да се „обнови“ досие на студент врз основа на изјави на професори дека кандидатот кај нив полагал испит. Досието се „обновува“ врз основа на сеќавање на професорот. Според тоа, доволно е професорите да се „сетат“ дека кандидатот кај нив полагал испит. Но, зошто постои потреба од „обновување“ на досие? Дали е можна злоупотреба, на пример, да се „обнови“ досие на лице што никогаш не било студент?

Неодамнешните случувања на УКИМ уште повеќе го нарушија неговиот углед на светски план. Најпрвин судентите изразија незадоволство од состојбата на УКИМ и реагираа така што симболично го „ослободија“ . Потоа реагираа и професорите, најмногу против нарушената автономија на универзитетите во Македонија. На тоа владата жестоко реагираше така што ги активира специјалците под полна опрема, придружени со оклопни возила и сл. Со оклопни возила против пенкалата на професорите? Тоа е невидено.

Кога се знае сево ова, тогаш се поставува прашањето: дали е за изненадување што УКИМ толку назадувал на светски план?

Барањето на МОН за зголемување на квалитетот во ВО е само фарса. Во сите случаи што ги спомнав, МОН преку својот инспекторат можело и требало да реагира, а не реагирало.

Вакви срамни случаи, во кои квалитетни лица се одбиваат а неквалитетни лица се форсираат, во голема мерка доведоа до забрзаното назадување на УКИМ на светски план.

Тврдењето на владата дека новиот Универзитет „Дамјан Груев“ се формира со цел да се зголеми квалитетот во високото образование е чист цинизам. Од говорницата во Собранието слушнавме вакви извици: „докторати не даваат“, со што се нагласи дека на УКИМ тешко се стекнуваат докторати и тоа во услови кога критериумот за стекнување на докторат е паднат на најниско можно ниво. Значи, и тие минимални услови за стекнување на докторат за некои лица се премногу тешки. Формирањето на универзитетот „Дамјан Груев“ ќе доведе до уште поголем пад во високото образование. Докторати ќе се даваат, како што се даваат и сега, неконтролирано, и наскоро ќе бидеме земја со најголем број доктори.

Јас се сложувам со слоганот на владата на РМ, дека „знаењето е сила, знаењето е моќ“. Но, на македонските универзитети не се стекнува знаење, туку диплома. Дали, тогаш, е за чудење што рангот на УКИМ е 11.461?

УКИМ повеќе не може да се разнебитува. Тој веќе е разнебитен.

Авторот е универзитетски професор во пензија

Слики: Роби Дви Антоно

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото