(Вознемирувачко фото) Обесена и бодена бремена кучка

22.08.2016 13:11
(Вознемирувачко фото) Обесена и бодена бремена кучка

Мирна локална кучка, скучна, пред пораѓање е обесена и потоа бодена со нож во утробата, во селото Росоман, објави Анима Мунди.

„Кога за оваа монструозност, активист од Велес од здружението Гласот за животните отишол во полиција да изврши пријава на дело кое според Кривичниот закон предвидува затворска казна, полицајците не само што не сакале да извршат евидентирање на дело, туку го избркале пријавувачот. Се потсмевале, не работат тие за кучињата. За кого работат, работат ли воопшто нешто, прашуваме?“, велат од Анима Мунди.

Оттаму реагираат како може полицијата да не препознава монструозност во ваков чин?

„Знаат ли полициските службеници дека мачењето животни е кривично дело кое се гони по службена постапка и дека за истото е предвидена казна затвор од година дена? До кога ќе се преправаме дека ништо не се случува, до кога ќе се казнуваат граѓани и за фрлен опушок, а вакви насилници и деликвенти се оставаат на мира да сакатат, мачат, убиваат што ќе им дојде на памет?“, реагираат од Анима Мунди.

Здружението денеска ќе поднесе кривични пријави, но и пријави во внатрешна контрола против службено лице.

Анима Мунди има најмалку 100 пријави на годишно ниво против мачење и убивање, но за ниту еден случај нема соодветен одговор од надлежните институции.

Тие потсетуваат на нивното барање да се воведе полиција за животни во која ќе работат луѓе од активистите, оние кои ја знаат важноста злосторството врз животните да биде превенирано/евидентирано/казнето за да не се повтори.

Извор: Плусинфо