Рамнодушност што убива

23.08.2016 05:23
Рамнодушност што убива

Омран Дакнеш е името на малото момче од Сирија, чие лице го прогонува светот овие денови. Го прогонува за само неколку денови, провлекувајќи се полека во некое ќоше на сеќавањето покрај секојдневните работи што на тој свет му го опфаќаат поголемиот дел од денот и од работата. И потоа, останува некаде во заборав како сликата на малиот Ајлан Курди, кој минатата година во ова време исто така го прогонуваше светот, барем за одредено време. По тоа време, тие слики се засенуваат од нешто посилно, а тоа е рамнодушноста, една глобална, бескрајна рамнодушност кон толку големата болка, неправда, нечовечност и неуспех што се гледа во тоа невино, мало лице. Само во тие мигови, кога се појавува некоја таква слика или кадар, човештвото краткотрајно се освестува за тоа што се случува во тој дел од светот, заборавајќи го фактот што таму таквите слики и кадри се секојдневие. Се освестува и потоа веднаш заспива во уште подлабок сон, од кој пак ќе го разбуди некоја друга слична слика. Светот, кој изгледа дека е многу бучен, немирен и разнолик, пропаѓа полека во една голема и длабока тишина.

Како е можно во време кога постојат толку голем број меѓународни институции, во кои работат лица со огромни плати, кои треба да се грижат за мирот во светот, кои треба да ги идентификуваат меѓународните злосторства, да ги прогонат и да ги казнуваат, како е можно тие институции да постојат и да функционираат, а неправдата да биде толку голема, очевидна и неспречлива?! Каде се тие меѓународни конвенции за кои секој ден им предаваме на студентите, па ги оборуваме на испит ако не ги знаат, да ги заштитат сега „меѓународно заштитените лица“ во еден конфликт? Каде се тие институции како Меѓународниот кривичен суд, кои долги години беа договарани и востановени токму за таа цел, да ги прогонат извршителите на најтешките казнени дела и да ги осудат за геноцид, за воени злосторства, за злосторства против човештвото? Секој семестар кога треба да предавам меѓународно казнено право студентите ме гледаат со нивните очајни очи и видливото чувство на изневереност, бидејќи речиси ништо од тоа што се говори не се спроведува во реалноста.

А да не зборувам за разочараноста кога се предава за едноставни и очевидни работи од домашното казнено право, кои за време на предавањето веќе подолго време звучат, најблаго кажано, иронично. А тие невини мали души, покриени во прав, како заборавени книги, се соочуваат со два избора, како што беше јасно прикажано во сликата што се прошири неделава: тие се соочуваат со хоророт ако нивните семејства остануваат во своите домови, или пак, со брановите на морето што се подготвуваат да ги проголтаат.

Ах, да, се соочуваат и со последното обраќање на Иванов по повод Денот на АРМ, во кое тој го нарече голем успех подигнувањето на „заштитната ограда“ (читај „ѕид“) за бегалците посочувајќи дека „додека НАТО и ЕУ тешко се справуваа со мигрантската криза и со обезбедување на границите, Република Македонија покажа дека има капацитет да ја менаџира заканата“. Така, шефот на нашата држава јасно кажа дека Омран Дакнеш и Ајлан Курди се закана за нашата држава! И ова не беше првпат, во негови други, претходни обраќања, претседателот исто така се повикуваше на големата закана од овие лица, при што беше принуден да даде дури 41 помилувања, кои потоа одлучи да ги повлече бидејќи очигледно, Омран и семејството одлучија да останат дома, па заканата се повлече од нашата земја и затоа, немаше потреба веќе заради државен интерес тој да помилува потенцијални криминалци. Сега веќе сè е во ред и ние можеме да продолжиме со нашиот сон, па дури и да ги правиме реалност нашите „сништа“ за убав бел барок, за панорамски тркала и за многу други работи што ќе ни ги разубавуваат деновите и ќе ги стават најпрвин жртвите на нашите поплавени места, а потоа и далечните жртви во Сирија и други земји во целосен заборав.

Многу нешта може да се стават во заборав, но еден ден ќе мораме да се освестиме и да разбереме дека причината за губењето на тие млади животи е диктаторското, нехумано, несовесно и неодговорно владеење. Тие реалности и тие места можат да изгледаат далечни, но причините за тие кризи се многу јасни па дури блиски со нашата реалност. Интензитетот на дрскоста на таквото владеење е единствената разлика. А тоа што ги обединува е заканата да останат неказнети и како такви да се повторуваат со сè поголем интензитет и сè поголем број на жртви.

Извор: Нова ТВ