Ода за калливите дамки

23.08.2016 12:45
Ода за калливите дамки

„Доаѓаа наутро во три часот со електрици и ги собираа кутиите од донациите. Овде, пред нашата куќа.“ – рече тетка Светлана и почна да плаче, со зборови подголтнувајќи ги солзите, додека заедно ја дишевме околната смрдеа од мочуриштето. Нејзините очни капаци како одвај да ја распознаваа дневната светлина од онаа на грмотевиците предвесници на поплавата, па се чинеше дека сѐ уште подрипнува со телото и гласот од тие раздрмувања, попатно повишувајќи го тонот и дерејќи се во секвенци во неподносливата тишина на сликата што го преполнуваше просторот и која што сега, дневната светлина ја имаше разоткриено како искасапена гола жена на асфалт.

Слика во боја, без тон. Сѐ наоколу се движеше така. Масовно и тешко, со багери и луѓе во гумени чизми, локални шерифи во коли и војници со каишот до грло, а сепак, тон немаше. Не беше ни потребен. Зарем во оваа слика на паранормалност, која сурово реално се чинеше НОРМАЛНА во паралелниот свет надвор од имовината на поплавата - каде во некој скопски корнер спокојно се лижеше сладолед – имаше потреба да се бара тонот, кога мирисите и дразбите од истата остануваа толку силно во човечката меморија? Таа слика тивко се протнуваше низ секоја пора од телото и го тераше човека да изусти и пцовка, која можеби и нема врска со тукашноста, а длабоко е вкоренета со апсурдноста на ситуацијата. Пцовка - онаа тривијалност зад која сите се криеме и вешто управуваме со неа во моментите на заглавеност. Како краткотрајна кнедла во грло, која не ја држиш, туку ја плукаш и велиш: „У пичку матер!“. И краткотрајно ти олеснува.

Имаше некоја полезна суровост во воздухот на таа слика. Видливоста на мизеријата беше појасна, распаднатите соседски односи побрзо еродираа, за повторно да се родат и во уништените ѕидини на куќите да замириса на свежо сварено кафе; брзината на вистинитите информации од сечија уста обземаше, па така гнасотијата гнасите ги покажуваше, калта отоците ги намалуваше голтајќи сѐ добро и лошо без да прашува, а нејзиното сеопшто присуство бесрамно завршуваше на чизмите од војниците (онаму каде што требаше да почне), не одејќи нагоре по униформата, туку починувајќи си на врвовите од петите.

Една бела патика се подаде низ калта, простачки обидувајќи се да направи шега, за да ја прикрие природата на своето присуство, коешто беше издадено од мини ташничката (педерка, што би рекле) преку рамо и нејзиниот безобразен чекор ко спасител на мочуриштето. Уште жабата што принцезата треба да ја бакне фалеше! Но, се чини, имаше многу жаби - жаба до жаба, дојдени за крекање надвор од границите на ова мочуриште, од некоја друга тињовина, многу поискусна од оваа. Од таа „странска“ жабокречина, излегуваше гласот на шефот од гробиштата на Бутел, кој третиот ден после поплавата, на работникот чија што едноспратна (и бесмислено е да се каже – единствена) куќа беше во целост уништена, му наредува: „Утре да дојдеш на работа“...

А, „да не беше дупката на таван, сите ќе се удавевме“ – одѕвонува гласот на жената на кондурџијата од Опера и Балет.

Фотографија: Георги Личовски

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото