Борба со малигниот вмровски меланом

23.08.2016 12:00
Борба со малигниот вмровски меланом

Постои една стара руска поговорка, толку мудра и напиена со искуство и филозофска интуиција, што – си помислувам – може да ги објасни безмалку сите животни ситуации и премрежиња. Поговорката гласи: „Луѓето пукаат, а Господ ги носи куршумите“. Отпрвин ќе помислите, почитувани читатели, дека поговорката го сублимира само пословичниот фатализам или религиозност на рускиот народ. Но не, поговорката е вистински бисер на филозофската мисла за детерминизмот и индетерминизмот, за извесноста и неизвесноста на сите човекови усилби, и конечно, на сите процеси во природата. Таа кажува дека сигурноста постои само на ниво на идеите и намерите, но дека физичкиот универзум на своето базично ниво е секогаш во рацете на случајот. Но, поговорката може да ни укаже и на сосем изненадувачки аспекти на партнерството помеѓу извесноста и неизвесноста, односно помеѓу „луѓето што пукаат и Господ што им ги носи куршумите“. Испаѓа дека и двете страни треба да си ја завршат работата како што треба, за целта да биде погодена. Доволно е само да се запрашаме што ќе се случи доколку луѓето пукаат далеку од целта, во сосем погрешна цел или во обратна насока? Се разбира, таа не може да ја оправи никој – та дури ни Господ – зашто случајот може да им помогне само на добро истренираните стрелци што јасно ја препознале својата цел. Оваа суштинска поука за важноста на препознавањето на целта, или поточно, за неопходноста од препознавањето на нејзината природа, е од најголемо значење за секоја борба, и токму тука потфрли меѓународната демократска коалиција во напорите да се совлада македонската „политичка криза“.

Основната грешка на демократските сили што се борат против режимот на Груевски е во процената на природата на диктатурата, која се набљудува партикуларно и персонално, од случај до случај, како да се работи за група криминалци што го злоупотребуваат системот, ги кршат уставните и законските норми, и лажат и крадат, и го корумпираат македонското општество. Антирежимската борба се темели на премисата дека уставниот либерално демократски систем е доволно моќен самиот по себе, со своите институции да го победи злосторничкото здружување наречено ВМРО-Лоповска, и дека е потребно само институциите да се ослободат од „притисокот на политиката“, за веднаш да профункционираат со судско процесуирање на злосторниците и нивното изолирање од политиката и јавноста. Но, премисата никако да даде резултати, и, може да се рече дека е одговорна и за бескрајното пролонгирање на „политичката криза“, како и за долгите години пукање во погрешна насока.

 

А, всушност, македонската општествено-политичка катаклизма воопшто не е „политичка криза“ – тој одвратен еуфемизам што стана заштитен знак на неуспешното именување на злото – туку нешто многу поголемо, покомплексно и потрагично од неа. Вистината за македонската „политичка криза“ е дека Груевски и неговата ВМРО извршија државен удар уште во првите години од власта, ги презедоа и партизираа сите институции и органи на државата и инсталираа сосем изопачен и неуставен систем на владеење, што ги има својствата на една тоталитарна диктатура со фашистичка идеологија. Нашата „криза“ не се состои – како што вели меѓународната демократска коалиција – од фактот дека „партијата навлегла во државата“, та како терапија да е доволно нивното повторно „одделување“. Во прашање е комплетно инсталиран систем на тоталитарно општество, во кое партијата и државата, и, се разбира, сите државни институции се стопени во едно единствено субординирано тело, во една органска патријархална мафијашка држава, многу, премногу слична на тоталитарните капиталистички творби од дваесеттиот век, што некогаш ги нарекувавме со генеричкиот поим – фашизам. Она што е најважно во оваа црна анализа, е дека суштинските својства на оригинерните фашизми и политичката стварност во Македонија во последната деценија – на едно структурално ниво што ги апстрахира појавните детали, се разбира - практично соодветствуваат со најрестриктивната дефиниција на фашизмот: тоа се тоталната субординација на сите државни органи, тела и институции; потоа, државната капиталистичка економија, функционално еднопартискиот систем и ултра-националистичката идеолошка програма.

Сепак, најбитната разлика помеѓу македонскиот мрсулав фашизам и оние страшните од пред неполн век – покрај немилитаристичката природа на нашиов „такмец“ – е што фашизмот на ВМРО е затскриен фашизам, односно фашизам што се издава и се колне дека е либерална демократија. Оваа мимикриска стратегија се покажа како неверојатно успешна, зашто ниту поимот „фашизам“, а ниту, пак, сознанието дека се работи за сосем нова системска појава (а не за проблеми во системот), не се појавија како став или дијагноза во ниту една официјална изјава на премоќната глобална либерално демократска коалиција. Истиот проблем на непрепознавањето на злото, на невозможноста за детектирање на неговата вистинска природа, е во средиштето и на човековата битка со ракот. И на биолошката, и на онаа сознајната, научна битка. Зашто, режимот на Груевски е како малигниот меланом - една мала, црна (од грчкото melanos, црно) и зла бемка што својот смртно ефикасен исход против човештвото го должи токму на невозможноста на човековиот имуносистем да го препознае непријателот, а и на немоќта на медицинската наука да ја утврди природата на болеста.

Инаку, меланомот ги убива своите жртви само неколку месеци откога бива забележан и дијагностициран. Суштината на оваа ужасна ефикасност на меланомот (и на сите други канцери) е што мутираната клетка на канцерот е практично невидлива за Т–клетките, одбранбената војска на човековиот имуносистем. Поради оваа „невидливост“, таа непречено и незадржливо се множи во организмот, метастазира во органите и ткивата, и на крајот го убива организмот од кој настанал. Оваа „невидливост“ меланомот ја обезбедува со неверојатен биохемиски трик, така што клетката на канцерот синтетизира посебен тип протеин, отскоро наречен PD-L1, со кој си го прекрива лицето како со ешарпа. Оваа маска исткаена со подлата PD-L1 протеинска преѓа, ја прави ќелијата на меланомот невидлива за имуно-полицијата составена од Т-ќелиите, зашто го имитира протеинот PD-L со кој се „облечени“ сите нормални ќелии на човековиот организам, и со кој им се порачува на Т-ќелиите да не ги напаѓаат братските клетки. Добрата вест е дека науката – откога го откри механизмот на затскривањето и лажното претставување на клетките на канцерот – веќе развива лекови и терапија што го отстрануваат маскирниот протеин од клетките на канцерот и го активираат имуниот систем на организмот за нивното уништување.

Борбата со груевизмот треба да ја следи стратегијата на борбата со меланомот: таа не треба да цели да го победи Груевски, туку метастазираниот меланом на груевизмот. Неопходна е делегитимација на сите негови институциски метастази, нивно системско морално, правно и политичко демаскирање и исфрлување од ткивата на општеството. Куршумите на правдата треба да се испукани во вистинската насока, за Господ да ги однесе до вистинската цел.

 

Извор: Слободен печат
Слики: Небојша Гелевски