Македокс: трет фестивалски ден

24.08.2016 02:05
Македокс: трет фестивалски ден

Како што се зголемува бројот на пристигнатите гости на седмото издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, од најавените 53 веќе се пристигнати 47 гости, така се шири спектарот и интензитетот на темите што се дискутираат и анализираат на попладневните сесии „Под смоква“, но и на работилницата „Раскажувачите раскажуваат“, што ја води финскиот продуцент Иика Вахкалахти. Филмската програма, пак, е магнет за публиката која секоја вечер го исполнува амбиентот на Куршумли-ан.

Своите лични искуства, начин на гледање и приказни за снимањето на документарните филмови во рамките на работилницата „Раскажувачите раскажуваат“, која ја води финскиот филмски продуцент Иика Вахкалахти, досега ги споделија Петра Селишкар, Клаудија Тоси и Татјана Соболева. Суптилно, со практични решенија за одредени ситуации, Вахкалахти низ разговорите го пренесува своето богато филмско искуство на присутните слушатели, студенти и фестивалски гости.

„Никој друг не гледа одредена сцена како што ние самите ја гледаме. Во снимањето документарни филмови е многу важно авторот да види сцена што никој друг не успеал да ја види. Притоа, клучното прашање е: Што гледаш? Секако, мора да направиме разлика помеѓу актот на гледање и погледнување. Авторот на документарни филмови треба да има храброст, да биде со отворени мисли и да има искуство за да препознае што гледа“, советува Вахкалахти.

На разговорите за филмските искуства на авторките Клаудија Тоси од Италија и Татјана Соболева од Русија беа анализирани фрагменти од нивните филмови што се прикажуваат на годинашниот „МакеДокс“, односно „Совршениот круг“ на Тоси и „Сибирската пловечка болница“ на Соболева.

За работата на снимателите на документарни филмови Вахкалахти советува дека е пожелно снимателот да не ги слуша протагонистите што зборуваат, туку да успее да забележи како го кажуваат тоа што го зборуваат.

На следните сесии на работилницата „Раскажувачите раскажуваат“ ќе учествуваат и Магнус Гертен (Шведска), Андреас Јонсен (Данска), Лена Пасанен (Финска), Дон Едкинс (Јужна Африка) и Стефано Теалди (Италија).

Разговорите „Под смоква“, исто така, отворија повеќе тематики поврзани со снимањето документарни филмови, од влијанието на документарниот филм врз социјалната и општествената средина каде се прикажува, преку одговорноста на филмските фестивали и образовниот систем во создавањето нова публика за документарни филмови до интеракцијата на одреден филм со публиката во земјата каде е произведен, но и во земјите каде се прикажува.

Во однос на изборот на темата за документарен филм, продуцентот и член на жири за наградата „Кромид“, Дон Едкинс од Јужна Африка, потенцира дека „авторите на документарни филмови треба да наоѓаат протагонисти што сакаат да зборуваат, но уште повеќе треба да вложат напор да најдат протагонисти што не сакаат да зборуваат за одредена тематика“.

Во однос на своите искуства со публиката, односно со прикажувањето на креативните документарни филмови, Татјана Соболева од Русија објасни дека нејзиниот филм „Сибирската пловечка болница“, сѐ уште, не успеала да им го прикаже на протагонистите што учествуваат во него. Досега филмот е прикажан на неколку фестивали во Русија и во странство, но потенцира дека за филмот да стигне до поширок круг на гледачи преку телевизија не постои, речиси, никаква можност.

Интересни искуства со публиката има Магнус Гертен, еден од сценаристите и режисер на филмот „Станувајќи Златан“. Станува збор за документарен филм за светската фудбалска ѕвезда Златан Ибрахимовиќ, а на програмата на „МакеДокс“ е на 24 август, во 21 часот, во Куршумли-ан.

„Мислам дека сѐ уште не сме стигнале до публиката која следи документарни филмови, бидејќи често се случува на проекциите да доаѓаат деца и млади од 12 до 22 години, на кои фудбалерот Ибрахимовиќ им е идол. Нашата идеја со филмот беше на поинаков начин да ја раскажеме приказната за Златан кога бил млад и како станал зрела личност, додека фудбалските фанови очекуваат во филмот да ги видат најдобрите голови на Ибрахимовиќ, а не студија на неговиот карактер“, објасни Гертен.

Разговорите „Под смоква“ ја отворија и дилемата за етичката граница преку која не би требало да се премине во разоткривањето на карактерот на протагонистите во документарните филмови.

Од досегашната филмска програма на „МакеДокс“ силни импресии предизвикаа филмот „Бисерното копче“ на Патрицио Гузман за тајните што ги крие океанот и политичките убиства на Патагонските индијанци за време на диктатурата во Чиле, но и „Земјата што ја освоивме“ на новозеландските автори Кристофер Приор и Миријам Смит за рагби тим што ги надминува границите на своите можности.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото