Големата лекција од нашата криза

24.08.2016 03:16
Големата лекција од нашата криза

Во деведесеттите се водеа бескрајни дебати за „хуманитарната интервенција“, акција со која, вели политичката теорија, една земја интервенира (воено) во друга земја, го отстранува тиранинот што е причина за сите неволји, бргу се повлекува и го остава ослободениот народ самиот натаму да се управува. Но, во првиот број на македонското списание на англиски јазик „Њу Балкан политикс“, објавен во 2001 година, професорот Мајкл Волцер од Принстон, во есејот насловен „Политиката на спас“ прашува: Што ако изворот на злото не е само во еден човек? Што ако неволјата не е само „надворешна“ ( „во тиранинот“) туку е и „внатрешна“ (да речеме, „во народот“)? Цитирам: „Што ако неволјата е внатрешна, ако нечовечноста е локална и широко распространета, ако е последица на политичката култура, на општествените структури, на историските сеќавања, на етничкиот страв, на нетрпеливоста и на омразата? Или што ако неволјата е последица на пропадната држава, на колапс на какво било ефективно управување... Или, иако постојат и други злотвори што можат да се идентификуваат, што ако, да речеме, и тие имаат поддржувачи дома, притаени резерви на злотвори, што тогаш?“

Навистина, што тогаш?

Денес во Македонија, иако не воена, имаме странска политичка интервенција со јасна намера да се отстранат корумпираните елементи во структурите на власта и да профункционира правната држава. Меѓутоа, по отплеткувањето на замрсеното клопче на злоупотребите на власта, во надлежност на Специјалното јавно обвинителство, и заминувањето од политиката на нејзините протагонисти, ќе се види која е вистинската длабочина на нашата криза. Засега, карактерот на нашата криза, како криза на правниот и политичкиот систем, го условува и пристапот и поведението на надворешниот фактор кон нејзиното решавање. Имено, иако мнозина се прашуваат зошто веднаш не е отстранет „тиранинот“, има логика во овој бавен и мачен процес на демисионирање од системот на узурпаторите на моќта, зашто тоа е единствениот начин политиката и народот во целина да поминат една важна лекција од демократија и правна држава. Конечно, само така, со широко отворени очи, ќе се соочиме со нашите морални недостатоци како општество, ќе научиме да го препознаваме отсуството на демократски вредности и отсуството на одговорност. Згора на ова, целата оваа дебата која што интензивно ја водиме веќе година и половина, по објавувањето на „бомбите“, високо ги крена очекувањата кај народот, но ги крена и стандардите на идното политичко поведение.

Затоа, кога опозицијата ќе дојде на власт, ја чекаат тешки искушенија да остане доследна на зборот дека нејзината цел е слободна, демократска и правна држава, особено откога ќе се соочи со фактот дека и без „надворешниот фактор“, „тиранинот“, остануваат длабоко вкоренетите „внатрешни фактори“ на нашата криза, за кои пишува Волцер. Зашто, ова треба да биде лекција за целото општество а не само за политичкиот врв, а особено лекција за оние корумпирани раководители, декани, ректори и директори што се грижат за слободата и за демократијата на колективите со кои управуваат колку за ланскиот снег. Ова е лекција и за малите тирани врз чии плеќи, може да се рече, почива стабилноста на големата тиранија. Зборувам за политичките камелеони кои со децении на ред, во „сите системи и режими“, ни го загорчувале и сè уште ни го загорчуваат животот со своите махинации, узурпирајќи ја моќта на идентитет начин како и големиот узурпатор, кон кого се вперени сите прсти денес. Не, оставка и одговорност на врвот на државата мора да биде само почеток на длабоки промени на едно корумпирано општество кое функционира врз истите автократски и нечесни начела на поведение својствени за секоја неконтролирана човечка власт. Сепак, промената горе е многу, многу важна зашто таа ќе даде тон на политиката на целото општество. Ништо поречито не зборува за еден политички систем од типот на личностите на кои тој систем им пружа шанса, пишува Макс Вебер. 

Затоа, уште сега треба да бараме одговор на прашањето како врз македонската политичка и општествена почва никна режим без демократска контрола, режим кој наместо да биде контролиран, самиот ги контролирал граѓаните преку разработен механизам на масовно прислушкување. И, се разбира, како тој систем никогаш да не се возобнови. Мислам дека ќе дојдеме до едно интересно сознание: дека исто онака како што соголените падини на Скопска Црна Гора го овозможија силовитиот продор на води кон населените места во околината на Скопје, предизвикувајќи пустош и смрт, соголената од личности со интегритет уставна и политичка структура, засадена со по некој лојалист на режимот, овозможија политиката, во форма на неконтролирана власт, да го поплави целото македонско општество. Па така, исто онака како што ќе садиме дрвја и ќе креваме брани против идните поплави, ќе мора да изградиме ефикасни уставни и политички бариери од луѓе со интегритет, против самоволието на секоја идна власт. Тоа ќе биде големата лекција од оваа наша криза.

Извор: Плусинфо
Слики: Странски служби

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото