1027 hPa
70 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 08:59
Ознаката „фашизам“ денес сè уште е стигма и медиумски мејнстрим, но ја избегнуваат и некои од левицата. Можеме ли сепак да зборуваме за некаква нова фашизација на општеството и во Словенија? За тоа, во Хрватска на еден кампањски начин се прозборе со доаѓањето на актуелната влада, а сега повторно се замолчува.
Во секое општество, па и во словенечкото и хрватското, можеме да препознаеме елементи на фашизам. Нема сомнеж, се работи за ултимативно негативен историски феномен, кој ја искористи тешката стопанска криза и пронајде лажен виновник во различните малцинства и другите народи, што на крајот водеше до најголемата империјалистичка војна во историјата на човештвото, за која сеќавањето и тоа како сè уште е живо. И денес во Словенија, во Хрватска и на уште многу други места имаме политички групи и партии кои ја искористуваат кризната ситуација и со прст посочуваат кон бегалците, таканаречените мигранти, кои доаѓаат да ни го земат работното место, социјалните трансфери, а пред сè, нашите ќерки, девојки и жени. Истите групи, во двете држави, безусловно заговараат колаборација со фашизмот од времето на Втората светска војна. За разлика до Хрватска, каде, заради воената ситуација уште во раните деведесетти десницата успешно ја интегрираше традицијата на локалниот фашизам во својот наратив (усташкото движење и домобранството), во Словенија нешто слично се случува дури во последните неколку години. Овде немавме свој Томпсон, односно некој што многу придонел за ширењето на усташкиот гламур на црните кошули и капи меѓу младата генерација, за со помош на мелодиите на Аба да ја понуди приказната за хероизмот на победениот домашен фашизам. Словенечката десница долго време – елитата на Католичката црква, Словенската демократска партија (СДС) и Нова Словенија (НС; претходно Словенски христијански демократи СКД), и дел од културната елита – им оддаваше чест на меѓувоените колаборационисти, само како недолжни жртви на комунизмот. Потоа, Јанша, во времето на своето прво владеење (2004-2008), се обиде да го воведе таканаречениот франкистички модел на изедначување на домобранството и партизанството, како два начини за изразување љубов кон иста татковина. Во последно време меѓувоените квислинзи сè повеќе се прикажуваат како ексклузивни морални победници во Втората светска војна. На комеморациите почнаа да парадираат во домобрански униформи, а партизанството и Ослободителниот фронт (ОФ) десницата ги прикажува како ултимативно зло, без трошка позитивни конотации за словенечкиот народ. И на демонстрациите против бегалците оваа зима, зад кои несомнено стоеја СДС и радикалните десничарски групи, почнаа да се појавуваат домобрански симболи, како знаменитост на отпорот од „странска закана“. Ако на тие поими го додадеме и порастот на екстремниот конзервативизам, како што е Движењето за деца и семејства, кој сосема успешно и агресивно настапува не само против истополовите партнерски заедници, туку и против абортусот, а кој со својата франшиза е присутен и во Хрватска, навистина не е тешко да се препознае опасноста од нов фашизам. Па, сепак, таквото лесно етикетирање на тие исклучиво опасни појави на фашизмот, има и реална ограниченост. Имено, го наметнува предвидувањето дека сите набројани партии и движења, порано или подоцна, ќе развијат иста стратегија како и историскиот фашизам, што воопшто не е нужно. За конечните цели и да не зборуваме.
Фашизмот е систематско движење
Тогаш во каков однос се овие феномени наспроти историскиот фашизам?
Најпрвин е нужно да се смести фашизмот во историјата на модерните општествени движења, односно од англиската револуција од крајот на 17 век, која значајно ја обележаа Дигерите и Левелерите, па до денешен ден. Владејачките класи, односно елитите, секогаш со страв или барем силна неудобност набљудувале како во политиката одеднаш се мешале народните маси, кои од 17 век веќе не се интересирале само за отстранување на поединечните неправди, туку многупати и за радикални промени на политичкиот систем или дури и економскиот систем во целина. Теоретичарите на светските системи последниве движења ги нарекле антисистемски. Владејачките класи се противеле на барањата на народните маси, најпрвин со помош на државниот апарат, односно војската, модерната полиција итн. Токму затоа Маркс и Енгелс уште 1848 година можеле релативно самосвесно во „Комунистичкиот манифест“ да тврдат дека државата не е ништо друго туку одбор, кој ги уредува заедничките работи на владејачките класи.
Веднаш потоа, нештата се промениле. Елитите, кои ги штителе привилегиите на своите класи, постепено започнале да ги имитираат тактиките на антисистемските општествени движења. Постапно се одрекувале од интелектуалистичката предрасуда кон толпите, која отворено ја ширел канонот на западната политичка мисла. Другите (!) народи и раси сè повеќе станувале отпадници. Од тоа потекнува замавот на модерниот национализам и расизам. Можеби Општеството од 10 декември, кое Маркс толку сликовито го опишува во својот познат „The Eighteenth Brumaire“, едно од првите движења со чија помош претставниците на елитите, на пример Луј Бонапарта, се обиделе за своите цели непосредно да ги мобилизираат народните маси. На пример, нему несомнено му служеле разните републикански и првите модерни работнички движења, кои во периодот 1789-1830-1848 во Париз растеле како печурки после дожд. Целта на Општеството од 10 декември не била промената на светот, туку обезбедување легитимност на власта на Бонапарта. Воените бајонети и полицискиот ќотек едноствно повеќе не биле доволни. Врската помеѓу движењето и харизматичниот водач создавала привид на народна партиципатија во власта, при што привилегиите на владејачките класи не биле загрозени. Движењата од тоа време можеме да ги наречеме системски.
Во каква врска е тоа со фашизмот?
Потребно е да се разбере фашизмот како еден од системските движења, кој имал значајни особености, заради кои се разликувал како од Општеството од 10 декември, така и од другите модерни расистички, радикално националистички и антисемитски организации. Исто така, тој се разликува и од денешните екстремно десничарски движења. На пример, ништо не посочува кон тоа дека денешната екстремна десница сака да ја сруши парламентарната демократија, а тоа и била една од целите на историскиот фашизам. Токму спротивното: десничарите ги употребуваат сите можности кои им ги нудат парламентаризмот и граѓанското цивилно општество поуспешно од левицата. Впрочем, во него се чувствуваат како риби во вода. Барем така е во Словенија.
Тогаш што сакаат тие нови движења?
Тука екстремната десница сака „само“ да ја исчисти парламентарната сцена, судството, стопанството во државна сопственост и медиумите од комунистичкиот континуитет. Од паразитите, тајкуните, а по ново и од заканите од исламот. Поинаку кажано: ако ја употребуваме ознаката „фашизам“ за сите претходно набројани феномени, тоа по ниедна цена не смее да биде изговор за непрепознавање на она што е ново и изворно, па и значително поинакво од историскиот фашизам во тие движења/партии.
Рог е единствената антифашистичка организација
Што се тоа квази-антикапиталистички проекти?
Квази-антикапиталистичките проекти се главна карактеристика на системските движења во епохата на подемот на работничките движења, социјализмот и комунизмот од крајот на 19 век, па приближно до средината на 20 век. Пионер на таа област било европското католичко социјално движење, кое го поттикнала енцикликата Рерум Новарум на папата Леон 13. Тоа ги препознало тешките последици од развојот на капитализмот за работните луѓе и општата немоќ на малиот човек во пазарната економија. Меѓутоа, спротивно на идеите на социјалистите, анархистите и подоцна комунистите, остро се противело на радикалните аспирации во однос на сопственоста. Наместо експропријација на експропријаторите, за што тогаш старата левица се залагала барем декларативно, понудиле проширување на идеалот за патријархална сопственост на фабриката. Од таквите тенденции произлегле идеите за солидаризмот и модерниот корпоративизам. Фашизмот паразитирал на таа традиција. Поточно, во својата идеологија изработил еклектична синтеза помеѓу социјалистичкиот/комунистичкиот етатизам и католичкиот корпоративизам. Тврдел дека е можно да се надминат тешкотиите на капитализмот со помош на обновената, крајно централизирана и милитаризирана држава, која обезбедува услови за хармонија помеѓу работничката класа, капиталистите и селаните.
Накратко, понудил алтернативна визија за бескласно општество, кое би избегнало толку мачни проекти како што била, на пример, советската колективизација, во која селаните морале да ја плаќаат цената за брзата индустријализација. Тоа во Германија дури и се нарекувало национален социјализам. За таквата идеолошка појава на антикапитализмот во фашизмот први значајно предупредиле Алфред Сон-Ретел и Валтер Бенјамин. Додуша, вистина е дека антисемитизмот бил исклучително значајна компонента на тоа движење, но уште позначајно било копирањето на социјалистичкото/комунистичкото движење. Во тоа се наоѓа неговата голема историска особеност. По тоа германските нацисти и италијанските фашисти се разликувале, да речеме, од црните чети во царска Русија, кои биле ограничени на антиеврејски кампањи и прогони, но не успеале да се профилираат како реални алтернативи на работничкото движење. Таа карактеристика, имитирање на социјализмот/комунизмот, значително ја разликува денешната десница, која го нема тоа, од старата фашистичка.
Тогаш каква е ситуацијата во Словенија денес?
Словенечката екстремна десница е експлицитно прокапиталистичка и не нуди никакви алтернативи на неолиберализмот. Заедничко со класичниот фашизам, освен расизмот и култот за незаменливиот водач, е тоа што функционира како движење, како што констатира во една статија за Билтен, Анеј Корсика од Иницијативата за демократски социјализам. На пример, СДС добро соработува со неонацистичките групи, иницијативата на Римокатоличката црква, основа сателитски невладини организации итн. Наспроти тоа, СДС е многу поблиска до моделот на американската Републиканска партија, како што се афирмирала во времето на Реган, а за кого, покрај вулгарната идеологија на антикомунизмот и антисиндикализмот, од клучно значење е врската со екстремните десничарски цивилни организации. Успехот на Доналд Трамп е резултат на тоа сојузништво од седумдесеттите години. Во тој поглед СДС се разликува од грчката Златна зора, која е неспоредливо блиска до класичниот фашизам, но и од најновите младински екстремно десни движења, како што е Casa Pound, кои ги имитираат тактиките на новата левица и кои декларативно, исто така, се антикапиталистички. Последниов облик на екстремната десница во Словенија сè уште е релативно слаб и останува ограничен на општествените мрежи. Младите словенски неонацисти засега сè уште немаат позитивни општествено-социјални проекти.
Нема криза на парламентаризмот
Во Хрватска веќе долго, на ниво на цивилното општество, поточно невладините организации (а не само Сојузот на борците и сл.) дејствува своевиден „антифашистички фронт“, наречен Платформа 112. Дали постои нешто слично во Словенија?
Во Словенија во моментов постои само една автентична антифашистичка организација, а тоа е Антирасистичкиот фронт без граници, чиј „центар“ е во социјалниот центар Рог во Љубљана. Во поширока смисла се работи и за други активности кои се случуваат во тој центар, иако не настапуваат секогаш со тоа име. Фронтот есенва ги обедини активистите од разни држави во активната помош за бегалците. Денес, нејзините членови и членки изведуваат низа програми во кои бегалците се активни коавтори. Јазични курсови, работилница и приредби, во кои се вклучуваат и запоставените бегалски деца и жени. Може да кажеме дека во Рог се разви еден позитивен модел за интеграција на бегалците во Словенија. Значи, самоуправната форма на социјалниот центар Рог претставува: прво, ефикасен одговор на десничарската кампања против бегалците, кои се претставуваат како закана за словенечката култура и лево-либералните интелигенти, кои паднаа во замката на десниот дискурс и се обидуваат да дадат квази прогресивна критика за назадните односи, кои наводно владејат меѓу бегалците. И, второ, тоа е отпор против неолибералното управување со градот, кое со помош на јавни-приватни партнерства сака да ги загуши сите иницијативи кои не се согласуваат со светоста на сопственоста, како несоборлив критериум за располагање со стварите.
Тогаш кои се проблемите на денешниот антифашизам? Дали тој е можен воопшто, па потоа и потребен? Дали тој сега може да биде „словенечки антифашизам“, „хрватски антифашизам“ итн.?
Не постојат проблеми на антифашизмот како таков. Доколку автентичниот антифашизам секогаш е и антикапитализам, тогаш станува збор за проблемите на левицата и нејзината (не)можност за развој на алтернативен општествен проект. Тогаш можеме да кажеме дека сè уште се наоѓаме во застојот на еврокомунизмот, кој бомбастично се одрече од диктатурата на пролетаријатот, болшевизмот, комунизмот. Впрочем, од сите проекти кои радикално би посегнале кон привилегиите на приватната сопственост. Тоа беше цената за учеството во парламентарниот живот, која од почетокот прескапо го плаќаше старата социјална демократија. Темелната противречност на денешната левица е: од една страна, таа признава дека неолибералните структурни реформи значат развластување на работните луѓе, но и самата не се осудува ниту да помисли дека можеби е потребно повторно да се „експроприраат експропријаторите“. Сè додека таа тема е табу во новата левица, нема да има никакви можности да понуди вистинска алтернатива. Без радикални зафати во приватната сопственост едноставно нема да биде можно повторно да се покренат европските стопанства, кои се наоѓаат во грчот на централните финансиски институции и државите од европското јадро. Само во недоглед ќе се возбудуваме од разни Ципраси. Не е важно дали новата „експропријација за експропријаторите“ е правилно и научно втемелена. Не е важно дали теоријата на Маркс за експлоатацијата во реалноста е издржана или не. Важно е само тоа што актуелниот економско-сопственички режим е неодржлив за дејствувањето на луѓето. Па, дури и граѓанските економисти да се во право, кога тврдат дека во приватните претпријатија не постои никакво искористување, дека вишокот на вредноста е само мит итн., дека работниците се правично платени во согласност со договорот и пазарната реализација, режимот на приватната сопственост, кој во недоглед го продолжува работниот ден и создава невработеност, значи неприфатливо посегнување кон човечкото достоинство, пречка во еманципацијата на работните луѓе и сиромаштија.
Во таа смисла најпрогресивната политичка практика сè уште ја практикуваат активистите и активистките од социјалните центри, кои секојдневно се спротивставуваат на различните сопственички режими – како јавни, така и приватни. Монополот на приватната сопственост или пак државната/јавната сопственост ги поставува границите на слободата, еманципацијата и особено на достоинството на поединецот.
За некои нашиот граѓански повеќепартизам „сè уште“ е неразвиен, во смисла дека тој носи лузни од некогашниот еднопартизам (за нив сето тоа се „колективизми“). Каква смисла има да се споредува распадот на СКЈ, кој го изучувавте, со „распадите“ наденешната партиска политичка сцена?
Во своето познато дело „Правци за развој на политичкиот систем на социјалистичкото самоуправување“, Едвард Кардељ шокираше со констатацијата дека југословенскиот политички систем, односно и Сојузот на комунистите (СК), заостанува зад развојот на здружениот труд и самоуправувањето. Луцидноста на неговото согледување е во тоа што СК, а ниту републиките и автономните покраини, како татковини на југословенските народи и народности, всушност не сакале да се реформираат. Занимавањето со народите, републиките и нивните локални сојузи на комунистите, можело да води кон оживување на централизмот – „сталинизмот“ или пак сепаратизмот и обновата на повеќепартискиот граѓански систем. Решението го гледал во развојот на самоуправвањето, донекаде поедноставно кажано, во социјалистичкото цивилно општество, кое ќе ја проголта државата, односно ќе ги преземе задачите кои ги вршела партијата. Бидејќи тоа не се случило и затоа што со стабилизирачките мерки за штедење уште во првата половина на осумдесеттите го загушиле самоуправувањето, размислувањата за излегување од кризата повторно се одбиле назад, кон народите и федерацијата. На тој начин, од една страна ја добивме пародијата на Милошевиќ за враќање кон раниот титоизам (централизам), а од друга, пак, републичкиот сепаратизам и враќањето кон повеќепартискиот систем. Предноста на сегашниот историски момент е во тоа што антисистемските движења, поинакви од оние од осумдесеттите, повторно разбираат дека политичкиот повеќепартиски систем заостанува зад прогресивните практики во цивилното општество. Политичката партија, па и социјалистичката, едноставно мора да ги почитува правилата на игра на уставното уредување, додека надминувањето на границите на граѓанското уредување е начинот на постоење на прогресивните движења.
Во Словенија и Хрватска политичките партии се распаѓаат, реформираат, се создаваат нови, во еден вид нормализирана криза на парламентаризмот. Но, да го цитираме Маркс од една негова новинарска статија од 1848 во Германија: „Буржоазијата не мрдна ни со прст“. Или состојбата е поинаква?
Можеби во најлошите години од последната криза – времето на таканаречената европска есен – се чинеше дека парламентаризмот ја загуби својата легитимност. Потоа, се покажа дека движењата како што беа Occupy, Indignados итн., не беа способни да достигнат никаква системска промена. Многу активисти подоцна се впуштија во основање нови политички партии. Најизразен пример беше Подемос во Шпанија, па и Иницијативата за демократски социјализам во Словенија. Така, парламентаризмот повторно доби легитимност. Барем во Европа, во моментов нема криза на парламентаризмот. Партиите се создаваат и пропаѓаат, но тоа не менува ништо. Па и капитализмот не се разниша со пропаста на некои претпријатија. А, повеќето политички партии, па и оние номинално прогресивните или дури и социјалистичките, денес функционираат како обични претпријатија. Постои само криза на новата левица, која има големи тешкотии при усогласувањето на својата работа во парламентите и на терен.
Слики:Mario Sironi