Леснотијата на создавање омраза е фасцинантна!

25.08.2016 08:33
Леснотијата на создавање омраза е фасцинантна!

Луѓето имаат различни мислења и ставови во врска со односите со Република Грција, проблемот со името и начинот на кој треба да се реши овој проблем.

Јас го респектирам тоа.

Медиумите ги пренесуваат овие различни ставови или/и градат сопствени.

И тоа го респектирам.

Она што дефинитивно не го респектирам се нецелосните, извртените и манипулирачки информации, кои затскриваат битни факти потребни за воспоставување на вистинската (или пореална слика).

Наместо вистинска анализа на економските односи меѓу Македонија и Грција (кои многу отскокнуваат од политичките), се форсира патриотско-шовинистичка-националистичка-ксенофобична порака, која треба да спречи комуникација меѓу граѓаните на две држави.

Доколку се сака навистина да се отслика реалноста треба да бидат опфатени неколку моменти:

1. Колку Македонци студираат во Република Грција (дали и тие сите се предавници)?

2. Колку бизнисмени имаат релации со Република Грција (дали и тие сите се предавници)?

3. Колку проекти Владата на Република Македонија спроведува со грчки партнери (дали и Владата на Република Македонија е предавничка)?

4. Колку банки, продавници, маркети и други претпријатија чии сопственици се Грци има во Македонија (дали сите оние кои им дале дозвола да работат во Македонија се предавници и сите оние кои купуваат во нив или имаат било какви релации со нив се предавници)?

5. Колку стока се извезува преку пристаништето во Солун (дали сите тие кои ги користат услугите на ова пристаниште се предавници)?

Леснотијата на создавање омраза е навистина фасцинантна и онаа на градење лажен патриотизам кој неукиот народ го исполнува со уште полажно чувство на величина и гордост. И го заслепува до таа мера кога не гледа дека некој многу солидно печали од неговата глупост.

А во однос на налепниците кои се ставаат, доколку имавме држава, а не банда разбојници, државата ќе си реагираше, и ќе воспоставеше политика на реципроцитет. Така се прави во светот на политиката

Извор: Фејсбук профилот на авторката